Протести против Преспанскиот договор: Историјата им припаѓа на Грците! | Северна Македонија | DW | 21.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Протести против Преспанскиот договор: Историјата им припаѓа на Грците!

Спорот со Македонија се претвора во судбинско прашање за грчкиот премиер Алексис Ципрас. Масовните демонстрации на грчките националисти дополнително ја зовреа атмосферата. Флоријан Шмиц известува од Атина

За трговците кои продаваат знамиња на улиците и во центарот на Атина, ова е врв на сезоната. Грчките сино-бели знамиња, црниот орел на Византија врз жолта позадина, и секако македонското сонце во моментов се најбарани.
Причината: од сите делови на земјата, пред сѐ од северната провинција Македонија, дојдоа демонстранти да протестираат против договорот во спорот за името со соседната Република Македонија. Центарот на Атина е море од знамиња. Според различни извори, на протестите дојдоа околу 100 илјади луѓе. Дојде и до судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Заеднички непријател: грчкиот премиер Алексис Ципрас. Во текот на неделава премиерот планира да го изнесе на ратификација во парламентот Преспанскиот договор со кој беше постигнат компромис во спорот за името.

Во име на нацијата

За демонстрантите, политичкиот компромис е еднаков на велепредавство. Тие стравуваат за суверенитетот на Грција. Десничарски групи и црквата организираа бесплатен превоз до Атина.

Athen Protest gegen Einigkeit im Mazedonien Konflikt Flaggenverkäufer (DW/F. Schmitz)

Продавачите на знамиња ги тријат рацете пред секои протести


Од плоштадот Синтагма пред грчкиот парламент преку звучници одекнуваат политички пароли: „Спремни сме на борба, за да ја спасиме Грција уште еднаш!“, извикува една од говорничките на бината. „Ние сме наследството на Александар Велики! Рацете подалеку од Македонија. Историјата им припаѓа на Грците!“ Масата со одушевување отпоздравува.
Спорот за името ја подели Грција. Додека темата предизвикува големи реакции во северна Грција, во Атина поопуштено се гледа на проблемот. „Ништо не мислам за спорот за името“, ми објаснува еден таксист од главниот град. „Поважно е да имаме добри односи со соседите. Тоа е добро и за трговијата“. Од сите проблеми со кои во моментов се соочува Грција, нему му е чудно што се покажуваат толку страсти за темата Македонија.
За противниците на Преспанскиот договор, пак, се работи за „честа на нацијата“. „Македонија е Грчка“ и „За нашето име не преговараме“, стои на транспарентите. За нив, тешко постигнатиот компромис со Македонија не важи. Северниот сосед нема никакво право на името Македонија.

Изборна тема

Демонстрантите во Атина се гледаат себеси како бранители на античката грчка историја. Зборовите на премиерот Ципрас, дека Договорот од Преспа ги заштитува античката историја и Александар Велики, за нив немаат никакво значење. Грчките радикали сметаат дека Скопје има територијални аспирации. „Тие го сакаат Солун. Тие сакаат да вмаршираат со својата армија“, вели еден продавач од Солун.

Griechenland Athen | Protest gegen Abkommen mit Mazedonien, Namensstreit (DW/F. Schmitz)

Протести во Атина против Преспанскиот договор, 20.01.2019


Тоа што Македонија речиси и нема армија и е далеку послаба од грчката, за националистичките кујни не игра никаква улога. Темата е особено актуелна во оваа изборна година. Речиси веќе и да не се зборува за се уште тешката економска состојба во земјата, или за предностите кои може да ги донесе помирувањето со Скопје. За актуелниот премиер се чини дека компромисот со соседот се претвори во судбинско прашање.
Неговите политички противници, во прв ред опозицискиот лидер Кирјакос Мицотакис, го користат спорот за името за да ги ослабат позициите на владата во изборната кампања. Доколку на Ципрас не му успее да ги собере потребните гласови за ратификација на Преспанскиот договор во парламентот, ќе има нови избори. И историската шанса за надминување на спорот со соседот ќе биде загубена.

DW.COM

Реклама