Протести во Франција: Макрон и моќта на улицата | Свет | DW | 01.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Протести во Франција: Макрон и моќта на улицата

Поголема моќ за полицијата, повеќе забрани за демонстрантите, зголемени контроли на муслиманските организации, уште колку француската влада ќе свртува кон десно? Расте отпорот против новите планирани закони.

Франција е позната по тоа што луѓето многу протестираат. Но, од почетокот на пандемијата на коронавирус, демонстрациите се ретки. Сепак, во саботата на улица излегоа меѓу 133.000 и 500.000 луѓе во преку 70 градови.

Така барем тврдат полицијата и самите демонстранти. Протестите се насочени против планираниот закон за сигурност. Станува збор пред сѐ за спорниот член 24 кој би забранил објавување снимки на кои полицајците може јасно да се идентификуваат, ако на полицијците со тоа може да им се нанесе физичка или психичка штета.

Т.н. Закон за сигурност е еден од повеќе планирани закони со кои владата на претседателот Емануел Макрон политички свртува кон десно. Официјално, Макрон мерките ги брани со потребата од заштита на полицијата, со оглед што со години расте бројот на насилни напади врз полицајците.

Но, расте и отпорот против таквиот курс. Демонстранти како 19-годишниот Сантиаго Кадејан во Париз велат дека снимките се единствено средство со кое можат да се штитат од некоректно однесување на полицајците.

„Овој закон на полицијата ѝ пружа уште поголеми овластувања и финансиски средства, како и право на демонстрациите да користи дронови. Истовремено ги ограничува нашите можности да се штитиме од нивните напади, тоа ќе води до зголемување на полициското насилство", вели овој студент по медицина.

Медиумите стравуваат од ограничувања

Колку важни можат да бидат снимките стана јасно неодамна при полициското растурање на бегалскиот камп среде Париз, кога полицијата претепа еден музички продуцент пред да го уапси. Со оглед што постојат снимки, против дотичните полицајци е покрената истражна постапка.

Најмалку 45.000 демонстранти во Париз припаѓаат на сите можни општествени слоеви и професии – имаше учители, психолози и новинари. Овие последниве стравуваат дека новиот закон може да ја ограничи слободата на медиумите.

Во меѓувреме на спорниот член за снимање на полицијата е додадена уште една одредба, која изричито вели дека тоа правило не смее да го спречува „легитимното право на информирање на јавноста". Француската новинарка Аделин Кверо која работи во тиражен француски весник, тоа не ја смирува.

„Ме загрижува што тој закон може силно да ја ограничи нашата работа", вели таа за Дојче веле. Аделин Кверо оди на демонстрации од детството. Но, оваа сабота првпат почувствувала страв на протестите. „Се плашам од насилство, моментно владее некоја агресивна атмосфера, без никакво воздржување. Владата врти веќе сѐ подесно."

Конзервативна политика

Ограничувања поврзани со известувањето за демонстрации веќе се воведени на почетокот на јуни. Оттогаш новинарите мора да се акредитираат за демонстрации – и кога се движат на јавен простор.

Владата освен тоа работи на закон против радикалниот исламизам со кој сака посилна контрола врз муслиманските здруженија и силно ограничување на homeschooling. Новиот закон за универзитетите освен тоа забранува демонстрации на подрачјето на универзитетите, иако студентите во француското протестно движење отсекогаш играле важна улога.

Frankreich | TV Ansprache | Präsident Emmanuel Macron

Ќе успее ли стратегијата на претседателот Емануел Макрон?

Себастијан Роше, социолог, директор на државниот институт ЦНРС, смета дека најновите закони го јакнат трендот кој може да се забележи уште од изборот на Емануел Макрон за претседател во 2017 година.

„Макрон е избран како кандидат на левицатаи десницата и имаше многу урамнотежена програма. Но, тој досега спроведува главно конзервативна политика и стигнавме до пресвртница: тој практично ги загуби сите свои леви избирачи", вели Роше за ДВ. „Тој сега спроведува многу крута политика кога станува збор за закон и ред, построги казни, повеќе полиција и повеќе места во затворите."

Бруно Котрес од Парискиот центар за политиколошки истражувања на универзитетот Сајнс По мисли дека Макрон притоа сака да удоволи на еден аспект, на желбите на бирачите за сигурност. „Французите сакаат сигурност, и во социјален поглед. Ги загрижува јавниот сектор и невработеноста. Макрон мора да мисли и на тоа ако сака да има шанси на следните избори во 2022 година", вели тој за ДВ.

„Законот и редот се илевичарски вредости"

Жан Баптист Моро, парламентарен пратеник и гласноговорник на владејачката партија ЛРЕМ, го негира свртувањето во десно. „Законот и редот не се исклучиво десни вредности, и левоориентираните избирачи тежат кон нив. На крајот на краиштата, без сигурност нема слобода" вели Моро за ДВ. „Освен тоа не можеме тие теми да им ги препуштиме само на десничарите, мораме да пронајдеме за нив и сопствени решенија кои се помалку радикални."

Но, изгледа дека расте незадоволството и меѓу претставниците на владејачката партија на Макрон, ЛРЕМ, Република во движење. Сесил Риљак е еден од десет пратеници на владејачкото мнозинство кои гласаа против законот. Уште 30 пратеници од ЛРЕМ беа воздржани. Во јануари за законот би можел да расправа Сенатот. Иако владата дотогаш под притисокот би можела да го промени или целосно да го исфрли спорниот член. Пратеничката Риљак во секој случај се залага за тоа.

„Да нема натамошно свртување во десно"

„Се наоѓаме на пресвртница и мораме на владата да ѝ покажеме дека постои црвена линија, не би требало да се свртува натамошно во десно", вели таа за ДВ. „Инаку наскоро ќе бидеме исти со Националниот Фронт". Риљак токму работи на тоа со други пратеници од ЛРЕМ да основа нова, левоориентирана партија за парламентарните избори во 2022 година. Иако таа веројатно и натаму ќе му припаѓа на политичкиот блок на Макрон.

Па сепак, Макроновата стратегија за изборите во 2022 би можела да функционира, така барем мисли социологот Роше. Под еден услов: „Тој има добри изгледи за реизбор ако негова противничка во вториот круг биде шефицата на Националниот фронт, Марин Ле Пен. Но, ако левите и зелените партии успеат да договорат заеднички кандидат, тој би можел да биде соперник на Макрон. Исходот во тој случај не е толку јасен, токму затоа што Макрон досега спроведуваше малку левоориентирана политика", вели тој.

Кај демонстрантот Кадејан, Макрон сепак не би имал шанси. Овој студент по медицина во 2022 првпат ќе може да гласа на претседателски избори. Да го имал тоа право уште во 2017 година, во вториот круг би гласал за Макрон за да ја спречи Ле Пен. Но, сега тоа не би го сторил. „Макрон има уште две години да покаже дека има основна човечка емпатија и пристојност. Инаку во решавачка ситуација би предал празно гласачко ливче", вели тој.

 

Реклама