Протести во Србија: „Земете свирчиња, немаме сендвичи“ | Свет | DW | 05.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Протести во Србија: „Земете свирчиња, немаме сендвичи“

Во Србија и вчера, втор ден по ред се протестираше. На улиците на Белград, Нови Сад, Ниш и десетина други градови, демонстрираа неколку илјади, претежно млади луѓе, против, како што велат - диктатурата!

„Вучиќу крадецу, ги украде изборите“, ечеше синоќа на улиците на Белград. Громогласни извици, свирчиња и вувузели одекнуваа околу зградата на српскиот парламент, каде по вторпат се собраа повеќе илјади луѓе, претежно млади на возраст меѓу 20 и 30 години, демонстрирајќи, како што велат, против диктатурата.

„Ми се гади од оваа власт. За кратко време направија толку ужаси. Моето семејство е во големи проблеми, ни се закануваат тајкуни“, револтирано раскажува 18-годишната Милена која на претседателските избори за првпат имала можност да гласа.

Незадоволни од изборните резултати и нефер атмосферата во која минаа изборите, граѓаните се собраа во Белград, Нови Сад, Ниш и десетина други градови ширум Србија. Официјален организатор нема. Граѓаните повикуваат самите да се организираат во своето место и да ги повикаат своите пријатели. 

Serbien Proteste in Belgrad (DW/S. Kljajic)

Почеток на протестниот марш

Тој не е мој претседател

Сепак, во масата забележувам две девојки кои се пробиваат и делат свирчиња и налепници на „Втор круг“- неформална група млади кои се појавија во текот на кампањата со образложение дека се борат против медиумскиот мрак и цензура. „Земете свирчиња, немаме сендвичи“, вели една од нив со насмевка. На прашањето дали „Втор круг“ е организатор на протестите, кусо одговора: „Не знам, земавме налепници да поделиме, бидејќим сакаме да придонесеме кон промените“. Втора девојка од групата дофрла: „Никој не нѐ организираше, зарем не можеме да мислиме со своја глава?!“

Без барања и без говорници, единствениот заеднички став може да се насети од повремените извици „Сакаме втор круг“ и транспарентите кои порачуваат „Тој не е мој претседател“. Кој е тогаш? За тоа не зборуваат. Во турканицата се слушаат пароли и изјави на Љубиша Прелетачевиќ Бели, но сите ни одговараат дека не се поради него на улиците.

Serbien Proteste in Belgrad (DW/S. Kljajic)

Шајкачи и Че Гевара

Тапанар застанува на чело на колоната. Редарите во зелени елеци ги насочуваат луѓето, но, велат, не знаат каде одат - ќе одлучат попат. Во колоната има и знаме на Србија и знаме со ликот на Че Гевара, шајкачи, маски на групата „Анонимус“, маички со странски рокенрол групи... Сите хорски извикуваат: „Каде се нашите гласови“, „Вучиќ крадецу“, „Излезете надвор“, го освојуваат Плоштадот на Републиката и се пробиваат меѓу заглавените празни возила на градскиот превоз во Македонска.

Тука сме поради Вучиќ, затоа што е диктатор, автократ, деспот. Србија стана деспотија во која постојат само браќата Вучиќ“, вели Никола (31) за ДВ. Недалеку од него, 22-годишниот Марко Антиќ носи транспарент на кој го нацртал Александар Вучиќ и напишал „Не сакаме диктатура“. „Овој човек овде е најголемиот лажго кој постои во историјата на овој народ, и како претседател и како премиер, веќе не знам ни што е, бидејќи има три функции“, вели Марко.

Serbien Proteste in Belgrad (DW/S. Kljajic)

Не сакаме диктатура!

„Утре во 18!“

„Деца, пензионерите се со вас“, порачуваат постарите преку транспарент. Во разговор ни велат дека „дошле да ги поддржат младите кои се борат за својата иднина“. Но, ги носи и сопствената беда, што поради малите пензии, што поради децата кои барајќи перспектива заминале во странство. „Дојдов поради моите деца. Едното дете ми е во Виена, а другото тука умира од работа, па не би сакала и тоа да ми побегне“, вели 70-годишната Драгица Вуковиќ.

Лути се на премиерот, но лути се и на медиумите. Пред седиштето на редакцијата на весникот „Информер“ демонстрантите свиреа, а пред зградата на Радиотелевизија Србија залајаа „Аф, аф“, незадоволни поради начинот на кој медиумите известуваа за време на кампањата, со цензури и манипулации, но и премолчувањето од страна на јавниот сервис на обвинувањата кои на нивна сметка ги изнесе „Информер“ уште по првиот ден на протестот. 

Прошетката завршува на местото каде што почна со пораката „Утре во 18! Се гледаме утре!“ Истата порака и во другите градови. До кога така, прашуваме еден од нив. „Додека не си замине“, кусо ни одговара и дувајќи во свирчето заминува по некогашниот Булевар на револуцијата.

Гледај видео 01:07

„Вучиќу крадецу, ги украде изборите“

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама