Протести во Албанија: Нов зрак надеж | Информации и анализи за Балкан | DW | 19.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Протести во Албанија: Нов зрак надеж

Повеќе од две недели албанските студенти протестираат во Тирана. Расположението потсетува на Декемвриската револуција во 1990 година, зашто протестот е насочен и против целокупниот партиски естаблишмент.

Вакви слики албанската јавност не видела во последните 28 години. Десетици илјади демонстранти пред да го напуштат плоштадот прво ги чистат сметот што го направиле. Досега, имено, вакви протести завршуваа со тешки безредија и понекогаш и со човечки жртви. Протестите, кои се одржуваат веќе трета недела, се насочени против ситуација на универзитетите, за повеќе пари за образование, против високите школарини, за поголемо учество на студентите во процесот на донесување одлуки, корупцијата на вработените во високообразовните институции, против празните библиотеки и за студентските легитимации. Сите свои барања студентите ги сумираа во осум точки од кои не се откажуваат

Премиерот Еди Рама се обиде на почетокот да ја потцени важноста на протестите и да ја брани партиципацијата  за студентите кои повторуваат година, но потоа го заврте листот и за протестите рече дека се „шлаканица" за политиката за високо образование во земјата и изрази подготвеност да ги исполни сите осум барања. „Безусловно сум подготвен на тоа. Кажете ми кога и каде може да се сретнеме", рече Рама и прости со зборовите: „Кога ќе сфатите дека она што го започнавте е многу поголемо од овие осум точки, ќе ви бидат потребни гушкање и охрабрување."

Не сакаме партии

И покрај овие ласкави зборови од највисоката инстанца, студентите не допуштија да бидат заведени и отфрлија дијалог со премиерот: „Дури откако ќе се анулира Законот за високообразовните установи, можеме да разговараме како би требало да изгледа новиот закон“, вели во разговор за ДВ, Греса Хаса, од движењето „За Универзитет“, кое веќе четири години протестира поради ситуацијата на факултетите. Но, протестот дури на 4 декември годинава, кога се дозна дека студентите на техничките факултети мораат да платат партиципација еден и пол месец порано, поприми пошироки размери. Оттогаш студентските протести се константно тема во албанските медиуми, а сите партии, без разлика на идеолошката боја, се обидуваат да профитираат од тоа. „Мораме постојано да внимаваме да не го преземат водството на протестите“, вели Греса Хаса, студентка по политикологија.

Претседателот на опозициската Демократска партија, Љулзим Баша протестите ги нарече „Втор декември“, како аналогија на студентските протести од декември 1990 година. Тогаш студентите го принудија комунистичкиот режим да воведе повеќепартиски систем, во кој беше создадена и неговата Демократска партија. Претседателката на малата опозициска партија „Социјалистичко движење за интеграција“, Моника Крјемади, протестите ги означи како „лекција за демократијата и за надежта“. „Ние мора да ги поддржиме и од нив да направиме идни албански политички лидери“, изјави Крјеманди.

Зрак надеж

Но студентите токму тоа сакаат да го спречат и одбиваат соработка со претставниците на политичките партии. „Ние не сакаме постови на социјалните мрежи, туку образование. Опозицијата се обидува да ги искористи протестите за сопствени цели“, вели Силви Доли, од Природно-математичкиот факултет во Тирана.

Одлуката да не дозволуваат влијание на политичките партии предизвика многу симпатии во албанското општество, но и во странство: од Харвард, преку Белгија, Берлин...  Хенри Хоџај, научен соработник во германскиот Бундестаг, кој има студирано како во Тирана, така и во Берлин, во целост ги поддржува студентските барања, иако некои од нив тешко можат да се спроведат, како на пример барањето - за образование да се издвојува пет насто од брутоопштествениот производ. Но, тој, пред сѐ го цени тоа што воопшто дошло до протести: „Студентите од летаргичниот сон разбудија надеж кај Албанците и Албанките“.

Но, дали овие протести навистина ќе доведат до „Втор декември“, сѐ уште не може да се каже. Греса говори за тоа дека многу граѓани сакаат да се искористи овој мирен дух и да се формира една модерна партија. Телевизискиот водител и доцент, Ерион Кристо, кој ги следеше и коментираше протестите на социјалните мрежи, исто така би сакал да биде основана една нова партија. „Протестите на почетокот на зимата му донесоа на народот пролетно чувство на слобода и надеж“, истакна Кристо.

DW.COM

Реклама