Протестен марш на турската опозиција | Свет | DW | 15.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Протестен марш на турската опозиција

Во знак на протест поради затворање на нејзин политичар, главната турска опозициска партија почна марш долг 450 километри

Главната турска опозициска партија денеска почна марш долг 450 километри, од Анкара до затворот во Истанбул, во знак на протест поради затворањето на еден од нејзините пратеници. Лидерот на Републиканската народна партија, Кемал Килиџдароглу, изјави дека бара правда.

„Сега е веќе доста. Затоа го почнуваме маршот. Не сакаме да живееме во земја во која владеат неправди. Секој треба да ја брани независноста на судството и правдата во оваа земја“,  рече Килиџдароглу на почетокот на собирот во турската престолнина, каде се собраа неколку илјади лица.

Килиџдароглу повика на марш бидејќи пратеникот Енис Бербероглу вчера беше осуден на 25 години затвор за оддавање државни тајни. Бербероглу е уапсен и осуден во случај поврзан со објавување извештаи во весникот „Џумхуриет“ во 2015 година, за тоа како турската разузнавачка служба, наводно, криумчари оружје за исламските бунтовници во Сирија.

Во Истанбул во знак на солидарност исто така се собраа демонстранти на централниот парк пред зградата на судот.

Републиканската народна партија е втора најголема партија во турскиот парламент, по владејачката партија АКП на претседателот Реџеп Таип Ердоган. По обидот за пуч во Турција од 15 јули 2016. година, оваа партија се солидаризираше со претседателот Ердоган, но иницијативата за воведување претседателски систем, која помина на референдумот во Турција со многу тесен резултат, предизвика тензии меѓу партијата и владата. Власта на Ердоган постапува сурово со своите противници - од обидот за државен удар досега во затвор завршија преку 50.000 луѓе. 

 

DW.COM

Реклама