Протекоа грозоморни детали од убиството на Кашоги | Свет | DW | 17.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Протекоа грозоморни детали од убиството на Кашоги

Турските медиуми блиски до владата објавија детали од аудио снимките за време на убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул. Кашоги бил мачен и распарчуван

Тим од 15 саудиски агенти, од кои најмалку петмина се во директна врска со владетелот кралот Мохамад бин Салман, го чекале новинарот Џамал Кашоги во просториите на саудискиот конзулат во Истанбул пред две недели. Откако новинарот влегол во канцеларијата на конзулот, веднаш му се нафрлиле и почнале да го тепаат и измачуваат. 

Според информациите кои ги објави турскиот весник Јени Сафак, а беа пренесени од дел од водечките медиуми во САД, Кашоги бил измачуван за време на испрашувањето, му биле сечени прстите на рацете, а на крај и главата. На снимките се слуша гласот на саудискиот конзул Мохамед ал-Отаиби кој им вели на агентите за време на измачувањето: „Правете го ова надвор. Ќе ми направите проблеми“. На тоа, непознат глас во собата му одговара: „Ако сакаш да живееш кога ќе се вратиш во Саудиска Арабија, молчи!“

Откако Кашоги починал, во просторијата влегол форензички експерт од Саудиска Арабија кој имал задача да го исече неговото тело на парчиња. Целата операција траела околу два часа, по што целиот тим агенти кој специјално пристигнал во Турција, си заминал од земјата.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео се сретна со раководството на Саудиска Арабија, како и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но одби да открие било какви информации за разговорите.

Saudi Arabien Treffen US-Aussenminister Pompeo und dem König Salman

Американскиот државен секретар Мајк Помпео и саудискиот крал Бин Салман

„Саудијците се заложија дека ќе му ги покажат на целиот свет резултатите од истрагата“, рече Помпео, додавајќи дека добил ветување оти никој нема да добие имунитет.

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска демантираше дека го прикрива скандалот за да го заштити својот сојузник Саудиска Арабија. Трамп тврди дека го чека враќањето на Помпео за да ги дознае сите факти.

Турската полиција денеска започна целосен претрес во резиденцијата на саудискиот конзул во Истанбул, а ангажирани се и форензички експерти.
Саудискиот конзул во меѓувреме ја напушти Турција и отпатува за Ријад. Турските власти тврдат дека тој не бил исфрлен од земјата, туку заминал своеволно.