Простување од граѓанинот на светот - Вацлав Хавел
23 декември 2011Илјада присутни во катедралата во Прага се простија од поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел. Меѓу нив беа и голем број светски државници, како американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, германскиот претседател Кристијан Вулф и македонскиот претседател Ѓорге Иванов. На погребот присуствуваше и иконата на борбата против комунизмот во Полска, Лех Валенса. Пред ковчегот на Хавел, покриен со чешкото национално знаме, се поклонија сите. Комеморацијата беше пренесувана и преку големи екрани пред Прашкиот дворец, каде беа собрани голем број граѓани. Од смртта на поранешниот претседател во неделата (18.12) граѓаните полагаат цвеќиња и палат свеќи на историските места во Прага, меѓу нив и споменикот на таканаречената Кадифена револуција од 1989-та година.
Дисидентот, есеистот и драматург, Вацлав Хавел е икона на пресвртот во Чехословачка и Источна Европа. Тој беше последниот претседател на поранешна Чехословачка, кој ја надгледуваше поделбата на неговата земја во 1993-та на Чешка и Словачка и како прв претседател на самостојна Чешка ја водеше во главните текови на европската политика. Се залагаше за изградба на граѓанско општество засновано на чесност и хуманост и целиот живот остана поборник за човекови права и за демократија во земји како Куба, Русија, Кина и Белорусија.
Телото на Хавел, кој на 75-годишна возраст почина на 18 декември, ќе биде кремирано, а погребот на урната, според желбата на неговото семејство, ќе се изврши по божиќните празници во тесен круг на семејството и пријателите.
Автор: ЕМФ/дпа/дапд/миа
Редактор: Ж. Ацеска