Прославите во викендички „трн во око“ на МВР | Северна Македонија | DW | 17.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Прославите во викендички „трн во око“ на МВР

Издавањето викедички е кривично дело. МВР најавува дека ќе врши засилени контроли, граѓаните се чудат по кој закон ќе може полицијата да влегува во приватни домови 

Од утре стапуваат на сила новите рестриктивни мерки коишто ги донесе Владата на Северна Македонија со цел спречување на ширењето на пандемијата во пресрет на новогодишните и божиќните празници. Дел од мерките се однесуваат и на прославите за новогодишната ноќ. Надлежните апелираат да се прославува дома и во кругот на семејството, поради што кафеаните ќе мора да затворат до 18 часот, на плоштадите ќе бидат забранети масовни собири и прослави, а најголеми реакции во јавноста предизвика најавата дека ќе фрчат казни за оние коишто ќе одлучат групно да прославуваат во изнајмени викендички. 

Издавање викендички - кривично дело 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека полицијата ќе врши засилени контроли од наредната недела, но и во текот на новогодишната ноќ. На удар ќе бидат оние коишто ќе издаваат, како и оние коишто ќе изнајмуваат викендички, во кои масовно ќе се собираат за прослава на празниците. Граѓаните се прашуваат според кој закон полицијата ќе има ингеренции да влегува во приватни домови за да врши контрола за празниците. Министерот вели дека не е кривично дело ако се изнајми викендица на едно семејство, но е кривично дело против здравјето и животот на граѓаните ако се изнајмува на групи луѓе.

-повеќе на темата: Коронавирус: Заборавете на новогодишните прослави

 „Нема никаква забрана за издавање викендици на семејства и едно семејство да може да биде во некоја викенд куќа каде било на територијата на нашата земја, меѓутоа секако дека е кривично дело издавање викендица на групи на луѓе“, вели тој. Според Спасовски, не е идејата да се донесе одлука дека рестораните и хотелите не можат да работат по 18 часот, а од друга страна да се отворат нови такви објекти во околината на Скопје, претежно во Сопиште, Маврово, Охрид, Струга или во кое било туристичко место. „Зошто би била забраната за рестораните и хотелите ако тоа некои може да го прават во викендиците? Превентивно реагираме уште сега до издавачите на викендици да знаат што ги очекува“, вели Спасовски. 

Coronavirus in Nord Mazedonien, Skopje

Контроли ќе почнат да се спроведуваат во текот на наредната недела и на новогодишната ноќ

Контроли ќе почнат да се спроведуваат во текот на наредната недела и на новогодишната ноќ. МВР тврди ќе постапува врз основа на сите дозволени норми и правила врз основа на законот. Таму каде што ќе имаат сознанија дека има групирање на лица во издадени викендици ќе се направи увид и ќе се поднесат соодветни пријави.
Пред неколку дена Владата усвои нови рестриктивни мерки со кои угостителските ќе работат до 18 часот. Истовремено, властите донесоа забрана за организирање новогодишни настани на плоштадите, како и забрана за организирање новогодишни и предновогодишни прослави од работните организации. Собранието вчера изгласа кризната состојба во државава да продолжи до 30 јуни.

Од утре нови рестриктивни мерки

Новите рестриктивни мерки што ги усвои Владата на предлог на Комисијата за заразни болести од утре стапуваат во сила. Во сила останува забраната за собири на јавни места за повеќе од 4 лица, а од Министерството за здравство апелираа до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. 

-повеќе на темата:Нови мерки против коронавирусот: Нема кафеани, ниту прослава на плоштади за Нова Година

Забрането е групирање по плоштади за дочек и прослава на Нова година, како и секаков вид собири во периодот на празниците, а хотелите ќе треба да ги затворат своите ресторани по 21 часот. Забрана за собири на отворено и ограничен број посетители во затворен простор со задолжително носење маски ќе важи и за празнување на  верските празници кои следат. „Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за празниците. Да празнуваме одговорно заради сите нас“, порача министерот Венко Филипче.
Новите мерки ќе важат до 21 јануари, а како што велат од Министерството за здравство, имаат за цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во претстојниот период на празници.