Просечната плата доволна само за храна и сметки | Економија | DW | 06.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Просечната плата доволна само за храна и сметки

Растот на платите не ја поместува Македонија од дното куповната моќ на населението. Граѓаните се загрижени, властите - оптимисти. Обемниот пакет социјални реформи треба да донесе позитивни промени.

Половина плата за полн фрижидер. Вака накусо изгледа месечната математика за месечните потреби на просечниот Македонец. Растот на платите го следи растот на трошоците на живот, но тие и натаму се прескапи за поголем дел од македонските граѓани. Просечната плата достигна 24.355 денари, но таа е сѐ уште далеку од доволна да се протурка еден месец, барем кога станува збор за четиричлено семејство.

Колкави се точно трошоците за живот е тешко да се пресмета. Државата веќе со години престана да ја пресметува потрошувачката кошничка со објаснување дека такви биле препораките од ЕУ. Изминатиот период тоа го правеше Сојузот на синдикатите на Македонија, но објавата на пресметките затаи. Барем на нивната интернет страница, каде тие редовно се објавуваа до февруари годинава. Од ССМ се правдаат дека станувало збор за технички пропусти. Пресметките редовно ги правеле иако не ги објавувале во последниве месеци. Па така, по барање на Дојче веле ги добивме податоците за септември и октомври кои покажуваат интересни податоци.

Повеќе:

Живот на лажиче- сиромаштијата го „убива“ секој петти Македонец!

„Во минус сум две плати“

Според пресметките, просечната потрошувачка кошница за четиричлено семејство во октомври била тешка 32.507 денари. Од нив дури 13.507 денари одат на храна, односно 10.407 денари за сметки и одржување на домот. Или во превод, просечната плата од 24.335 денари е доволна само за овие две ставки. За останатите потреби нема. Од Синдикатот велат дека пресметките ги прават согласно реално утврдена методологија. Ако е така, тогаш дилемата е - како се снаоѓаат македонските граѓани?

„Како? На кредит. Две плати сум во минус, имам кредит и се снаоѓам како умеам. Тури претури ти се вика тоа. И така секој месец. Добро што барем платата е редовна и не доцни, па може да се турка. Но само за да се преживее месецот“, вели Билјана М., вработена во една од државните институции.

Билјана зема месечна плата пониска од просечната, но е во поповолна состојба, бидејќи има и сопруг што работи во приватниот сектор, па со неговата плата можат да си дозволат и повеќе од пресметаното во потрошувачката кошничка. Но многу од македонските граѓани сѐ уште ја немаат таа привилегија. Посебно не оние кои земаат минимална плата, или помалку:

„Јазот помеѓу богатите и сиромашните е голем и затоа не е за чудење што младите ја напуштаат државата. Факт е дека нешто се прави, но факт е и дека народот повеќе очекуваше. Минималната плата порасна, но сепак е многу мала за вакви економски услови. Па видете само потрошувачката кошничка е над 500 евра. Не е достижна за оние со просечна плата, а камоли за оние со минимална“, предупредува Маријан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации.

Kühlschrank Lagerung Lebensmittel (Colourbox/SPA)

За да се наполни фрижидерот е потребна половина плата

Клучно, според него, е владата до крај да опстои на најавените политики за обезбедување социјална еднаквост и праведност:  

„Мора нешто конкретно да се преземе, сите сме насочени кон ова околу уставот. Сите се надеваат дека Македонија ако влезе пред сѐ во НАТО ќе се охрабрат инвеститорите. Бидејќи вака, очигледно дека состојбите не чинат. Затоа изгледа и Владата е насочена главно кон оваа цел и тука се надежите, ако конечно влеземе во НАТО што покажуваат и показателите од другиве земји каде што гледаме дека пораснале инвестициите. Уште тоа останува да се надеваме, но не знам колку ќе се успее. Еве најавуваат и зголемување на платите за 5% од септември. Малку е нејасно околу социјалната помош која треба да се изедначи со минималецот, како тоа ќе се мотивираат примателите да работат, а да не седат дома. Ќе мора да чекаме да видиме како тоа ќе оди во пракса. Инаку, сѐ ова звучи убаво и е за поздравување, но како ќе биде треба да видиме“, коментира Ристевски.

Повеќе: Платите во Македонија растат, цената на трудот сѐ уште ниска

Социјалната помош ќе се надгради во гарантирана минимална помош

Првиот позначаен чекор кон зголемување на куповната моќ на граѓаните, според власта, е зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари, што индиректно повлече и зголемување на просечната плата. Овој тренд се очекува да продолжи. Фокусот сега е насочен кон социјалната реформа која се подготвува и треба да се реализира во 2019 година:

„Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика се свесни за недоследностите во системот за социјална помош и се посветени на спроведувањето на сеопфатни реформи. Затоа уште во текот на минатата година се преземени низа активности поврзани со социјалната реформа која треба да почне да се спроведува од почетокот на 2019 година. Главна цел на реформите е зголемување на ефективноста и ефикасноста на системот, преку реформи како на таргетираните, така и на категориските социјалните надоместоци“, велат за Дојче веле од ресорното министерство.

Symbolbild Altersarmut Rentnerin mit Geldbörse (dapd)

70% од македонските граѓани земаат плата под просечната

Анализите покажале дека расходите за социјалната заштита во државата се релативно високи, но расходите за програмите за социјална помош со цел намалување на сиромаштијата се ниски и расцепкани на повеќе програми. За таа цел се спроведуваат реформи за поголема ефективност и ефикасност на бенефициите и социјалните услуги што се испорачуваат до крајните корисници. Досегашниот дизајн на социјалните трансфери бил доста нерамномерен и неадекватен и како таков, придонесувал кон продлабочување на нееднаквоста во општеството:

Гледај видео 00:50

Живуркање со 200 денари дневно

„Социјалната парична помош ќе се реформира и надгради во гарантирана минимална помош. Корисниците ќе добијат износ приближен на минималната плата во државата, со кој ќе можат да ги задоволат минималните егзистенцијални потреби, што досега со постоечкото право на социјална парична помош не беше случај. Во исто време сите работоспособни корисници ќе бидат вклучени во процесите на активација, ќе им се обезбеди поддршка за комплетирање на нивното образование и стекнување на работни вештини со што ќе станат конкурентни на пазарот на трудот“, објаснуваат од Министерството за труд и социјала.

Повеќе: Прогресивниот данок и битката за социјална еднаквост

460 илјади луѓе живеат под прагот на сиромаштија

Колкава е потребата од сериозни реформи покажуваат податоците дека дури 70% од македонските граѓани земаат плата под просечната. Дополнително и статистичките податоци во делот на сиромаштијата која заклучно со 2017 изнесува високи 22,2%, или - дури 460 илјади луѓе во земјата сѐ уште живеат под прагот на сиромаштија. Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни вработени лица е 9.0%, додека стапката на сиромашни пензионери е 7.7% Во отсуство на пресметките за потрошувачката кошничка, Државниот завод за статистика го пресметува таканаречениот GINI коефициент кој е мерка за нееднаквост на приходите. Неговата вредност е дефинирана од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите, а висока - на нееднаквоста. Македонскиот изнесува 0.325 и е меѓу најниските во регионот.

Mazedonien Reportage (V. Gushevski)

Стапката на сиромашни вработени лица е 9.0%, додека стапката на сиромашни пензионери е 7.7%

Експертската јавност одамна сугерира на потребата и од реформи на пазарот на труд во насока на отворање нови работни места. Не само во делот на странските, туку и на домашните компании. Годинава двојно е зголемена поддршката за креирање нови работни места согласно потребите на пазарот на труд. За оваа намена се предвидени 17 милиони евра. Колкави ќе бидат ефектите од ова, допрва ќе треба да се анализира.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама