Пропадната лидерска ја вжешти реториката | Северна Македонија | DW | 11.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пропадната лидерска ја вжешти реториката

Меѓусебни обвинувања на премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски по пропадната лидерска средба на која се бараше коммпромис за Законот за јавното обвинителство.

Премиерот Зоран Заев е разочаран, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски обвинува за прикривање на криминалот од страна на власта. Ден потоа, седумчасовната лидерска средба од која требаше да произлезат решенија донесе нова серија жестоки обвинувања меѓу Заев и Мицкоски.

Заев на прес-конференција изјави дека е разочаран од исходот на средбата, обвинувајќи ја опозициската  партија дека ја повторува истата матрица уште од Пржинските преговори.
„Груевизам до доцна во ноќта“, оцени Заев, објаснувајќи дека кај Мицкоски сё се сведувало на една цел: „Амнестија или уништување, запирање и крај за случаите од претходниот режим“. Според Заев, единствената цел на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е запирање на истрагите против нивни функционери и „заташкување на криминалот“.

Ваквите тврдења на Заев, Мицкоски подоцна ги оцени како „лаги и невистини“. И тој обвинува дека Заев на средбата „се борел да ги заштити своите и криминалите на неговите блиски соработници и да управува со правните случаи“.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien (DW/P. Stojanovski)

Христијан Мицкоски обвинува дека Заев сака да го заштити криминалот

Мицкоски на прес-конференцијата покажа папка со документи во кои наводно се содржат изјави на сведоци од случајот „Рекет“ кои инволвираат и високи функционери од власта. Мицкоски не ја покажа содржината на папката, ниту откри детали за содржината на изјавите, но рече дека „ќе ги објави, само доколку тој и неговата партија видат дека водењето на овој случај оди во друг правец“.

Власта на синоќешната средба предложила формирање ново Обвинителство кој ќе ја истражува високата корупција во земјата, и ВМРО-ДПМНЕ тоа го прифатило, но договорот пропаднал поради несогласувањата околу изборот на првиот човек на новата институција. Власта инсистирала предлогот на опозицијата да го мине собранискиот филтер, а доколку тоа не се случи, обвинителот да биде биран од редовите на помошниците на Катица Јанева во СЈО. За ВМРО-ДПМНЕ тоа е неприфатливо.

 

DW.COM

Реклама