Пропагандата и парите за референдумот ќе течат во нерегулирано корито | Македонија | DW | 11.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пропагандата и парите за референдумот ќе течат во нерегулирано корито

Покрај овластениот предлагач, секој ќе може да води пропаганда за референдумот, но без пропишани услови, и без обврска за пријавување на изворите на финансирање.

Многу отворени прашања остави Државната Изборна Комисија (ДИК) откако вчера соопшти дека секој ќе може да води пропаганда за претстојниот референдум - партиите, Владата, здруженија на граѓани, поединци.

„Не може да се ограничи кој ќе води јавна пропаганда. Сите заинтересирани, граѓани, здруженија, партии - сите имаат право на пропаганда, не може никому да се забрани. И Владата може да си води сопствена кампања, но треба да води сметка со кои пари тоа ќе го прави. Трошењето државни пари е регулирано со други законски прописи и секој корисник на буџетот треба да води сметка како ги троши парите. Тоа не е работа на ДИК, туку на Државниот завод за ревизија, на Државната комисија за спречување корупција и други надлежни институции“, изјави претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.

Посебен простор и услови медиумите ќе треба да обезбедат само за овластениот предлагач на референдумот - Собранието, а другите ќе плаќаат по пазарни цени.

Со кои средства Владата ќе води јавна пропаганда - прашавме на „Илинденска“ број 2.

„Владата на Република Македонија ќе ја води информативната кампања со буџетски средства, во согласност со принципите на јавен интерес“, кусо ни одговорија од Владата.

Kommunalwahlen in Mazedonien (Petr Stojanovski)

ДИК не ги регулирала со правилник отворените прашања

Потребна е правна рамка

Познавачите на оваа сфера реагираат: покрај фактот што ДКСК не функционира повеќе месеци, ниту е на повидок избор на нов состав на тоа антикорупциско тело, ниту ДИК не ги регулирала со правилник отворените прашања кои би можеле да предизвикаат проблеми, туку оставила широк и нерегулиран простор. Според нив, потребно е да се пропишат јасни услови за водење пропаганда, кој ќе ја води, како ќе се пријави, како да се пријават изворите на финансирање пред, и по завршувањето на јавната пропаганда, и ред други важни прашања.

Главниот проблем произлегува од фактот што Изборниот закон е донесен во 2006 година и повеќе пати е изменет, но не е усогласен со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Поради тоа, сите спорни прашања ДИК требала да ги уреди со свои одлуки, правилници и упатства.

Тоа не било сторено во однос на прашањето кој може да води јавна пропаганда, па сега можат сите, што значи дека пропаганда ќе можат да водат и верски лидери, но и поединци и групи со опасни екстремистички ставови, што би можело да го загрози процесот со крајно дестабилизирачки елементи.

Повеќе: 

Македонија со очи ширум отворени во наредните месеци

Референдум: „за“, „против“ или бојкот?

Анкетите откриваат трендови за референдумот, но појасна слика - во септември!

„ДИК треба да ја утврди таа правна рамка и навистина да сфати дека ова е пресериозна работа. Со нивниот став дека секој може да прави пропаганда и дека се знае кој треба да ги контролира, но и со повторно бегање од одговорност кога се решава за вакво прашање, како граѓанин сум навистина загрижен“, вели поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски.

Тој предупредува и дека ДИК треба да внимава на анкетите и нивното објавување, кои може да имаат сериозен удел во конечниот исход, а сето тоа при недостиг на правна рамка и неусогласеност на законите.

Mazedonien Parlamentswahlen (DW/ P. Stojanovski)

Избирачкиот список повторно со проблеми

Истите проблеми со списокот

Од вчера тече и јавниот увид во Избирачкиот список, како и пријавувањето за гласање од дијаспората. ДИК тврди дека тој континуирано се ажурира, но никогаш нема да биде идеален.

„Избирачкиот список никогаш нема да биде идеален, но ние правиме напори да го прочистуваме. Ги повикувам и граѓаните да пријавуваат промени на адреса, презиме, оти ова е заедничка работа на сите“, рече претседателот на ДИК.

„Стара приказна, во старо руво - лош Избирачки список“, реагираше невладината „Цивил - Центар за слобода“, по првиот ден од јавниот увид во списокот.

„Во текот на првиот ден од јавниот увид во Избирачкиот список, до 'Цивил' дојдоа десетина пријави за проблеми. Фантомите во Избирачкиот список се вратиле и удобно се сместиле на адресите на граѓаните кои се јавија во нашата организација. Во еден случај, граѓанин ни пишува дека веднаш се јавил во ДИК да пријави неколку 'ненајавени гости' на својата адреса. Од таму, како и на претходните изборни процеси, го упатиле да се јави во МВР. Гласачите повторно ја слушаат старата приказна: секогаш некој друг е одговорен“, реагира „Цивил“.

Од организацијата ги повикаа граѓаните да ја искористат можноста за увид во Избирачкиот список и да ги пријават неправилностите во ДИК, но и во „Цивил“, со цел да се спроведе јавна контрола на процесот.

 

DW.COM

Поврзана содржина