Промена на германската политика кон Србија? | Свет | DW | 21.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Промена на германската политика кон Србија?

По лошите резултати на ЦДУ на повеќе локални избори во Германија, српскиот премиер проценува дека заминувањето од власт на Меркел ќе значи "крај на Европа". ДВ анализира што би значела промената во Берлин за Србија.

Српскиот премиер Александар Вучиќ, кој неколку пати во минатото ја изрази својата поддршка за Ангела Меркел, пред сè за нејзината мигрантска политика, изрази загриженост дека крајот на владеењето на германската канцеларка следната година би било „крај на Европа, како што ја знаеме“. Александар Вучиќ, исто така, рече дека "нам на Балканот ни беше посебен хендикеп, бидејќи сите имаме иста адреса и некој кој ќе ни се јави и ќе ни помогне“.

По лошите резултати на германската Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на локалните избори, Вучиќ забележа дека иако многумина се радуваат на тоа, тој не сака да го прави тоа бидејќи „Ангела Меркел не спаси од судири и немири кога започна кризата со мигрантите и кога тука ни се закануваа со санкции“. Вучиќ нагласи дека тој и е лојален на Меркел, но дека тоа е многу повеќе прашање на рационалност, отколку лојалност. "Таа инвестираше многу во Европа и тие имаат суфицит поголем од сите други земји во ЕУ, тие се најсилната земја во Европа, тоа едноставно не може да се занемари. А тоа што на некој му се лула власта, не секогаш значи дека на крајот ќе ги загуби изборите“, вели премиерот на Србија.

Сè зависи од мигрантската криза

Европскиот проект во моментот е во криза, но тешко е истовремено да се каже дали тоа е поврзано со политичката судбина на Ангела Меркел, оценува за Дојче веле Бојан Ал Пинто Бркиќ од Форумот за меѓународни односи. „Вистинското прашање е колку политиката што доведе до милиони имигранти да доаѓаат во Европа од Блискиот Исток е навистина поврзана со политички крај за Ангела Меркел. Многу е веројатно дека германските гласачи размислуваат за тоа кога гласаат на локалните избори и тоа може да биде индикација за тоа како ќе гласаат на парламентарните избори следната година."

Кога станува збор за изборите следната година, Бојан Ал Пинто Бркиќ смета дека се можни две сценарија. „Едно од нив е промена на челото на Христијанско-демократската унија пред изборите, а другото е ЦДУ едноставно да си замине од власта. Во првиот случај, можно е да дојде до промена на политиката кон Србија, но и за регионот доколку на чело на ЦДУ дојде некој кој нема таква блискост кон Балканот и прашањето за мигрантите. Самата ЦДУ не е толку отворена кон истокот и политиките во однос на мигрантите; Ангела Меркел тука навистина става свој личен печат. Доколку има промена на власта и истата ја преземе Социјалдемократската партија, тоа остава можност да се одржи потопол однос кон Балканот, но не и толку многу кон мигрантите - бидејќи тоа прашање е од централно значење, не само во Германија, туку и во рамките на Европската унија“.

Deutschland Serbien Angela Merkel zu Besuch in Belgrad

Ангела Меркел и Александар Вучиќ во Белград

Србија на затворени врати?

„Мислам дека Германија е сериозна земја која има долгорочни планови за својата надворешна политика и поради тоа сметам дека ништо нема да промени што се однесува до Србија и регионот“, проценува за ДВ Наим Лео Бешири, извршен директор на Институтот за европски прашања. "Кога станува збор за миграцијата, исто така, нема да се одрази на Србија, бидејќи во моментов таа е само транзитна земја, и од тој аспект не е многу важно дали мигрантите ќе завршат во Германија или Шведска.“

Сепак, Наим Лео Бешири забележува дека би требало до одреден степен да се демистифицира поддршката на Србија за политиката на отворени врати за која се залага Ангела Меркел. „Србија ја поддржува оваа политика со тоа што ги пропушта мигрантите да се движат кон другите земји. Вкупно, имаме само неколку десетици случаи во последните неколку години кога луѓето всушност побарале азил во Србија. Повеќето од нив беа одбиени. Тоа што ние не подигнавме жичани огради и што не ги запревме мигрантите на границата со Македонија, не значи дека имаме политика на отворени врати“.

Лош тајминг за изјави на лојалност

Изјавите за лојалност кон Ангела Меркел, кои често се слушаат од премиерот Александар Вучиќ би требало да се набљудуваат во контекст на времето, вели Бојан Ал Пинто Бркиќ. „Во историјата на Европа, има случаи кога одредени политики биле спроведувани благодарение на силни лични врски. Меѓутоа, Ангела Меркел е на залезот на својата политичка кариера, поради возраста и годините поминати на функција. Јас би рекол дека е многу ‘оригинално’ сега да се ставате во позиција на некои лични односи со германската канцеларка пред парламентарните избори во Германија - имајќи предвид дека нејзината позиција во германското општество не е толку силна како пред неколку години.“

Бојан Ал Пинто Бркиќ вели дека треба да се демистифицираат политичките приказни за пријателите на Србија во светот. „Доста се говори за некој вид на пријателства и сојузи, но овие пријателства не се поддржани ниту економски, ниту политички. Сето ова делува релативно, дури и тврдењата дека Европската унија е еден од главните економски партнери на Србија. Тоа се многу скромни, јас би рекол и маргинални износи. На пример, Унгарија остварува околу 80 милијарди долари во извоз, додека вкупниот БДП во Србија е околу 40 милијарди долари. Од друга страна, не смееме да заборавиме дека Србија во голема мера не се согласува со надворешната политика на ЕУ и дека постојат сериозни разлики - всушност единствената точка на разбирање меѓу Србија и Германија е односот кон мигрантите."

Србија - најслабата мигрантска алка

„Исто така, треба да се напомене дека, доколку настане промена во мигрантската политиката на Германија, тоа би можело да остави последици за Србија“, вели Бојан Ал Пинто. „Тоа всушност е прашање на најслабата алка. Европската унија може да ја натера Србија да прими поголем број на луѓе, иако Србија не е првата земја во која тие влегле. Сепак Србија не може, на пример, да ја принуди Македонија да прими овие луѓе назад. Во овој случај, ситуацијата може да биде доста комплицирана за Србија доколку во Германија следи политика на затворени врати.“

„Секако дека не е лошо политичарите да имаат добри лични односи, за какви што често говори премиерот Вучиќ, но мислам дека сепак би требало тие односи да се воспостават на некое систематско ниво“, вели Наим Лео Бешири. „Се разбира, не е добро само премиерот да се занимава со надворешна политика и таа да се базира на неговата перцепција за неговите пријателства во светот. Ние немаме стратешки одлуки за тоа каде сакаме да бидеме за неколку години, а тоа значи дека одлуките се донесуваат ад хок. Едноставно не е физички возможно еден човек да се занимава со надворешна политика, земјоделство, образование, одбранбена политика и сите други политики. Доколку надворешната политика се спроведува од еден центар, а тој центарот замине од власта, ќе произлезе дека зад него не останало ништо долгорочно.“

Реклама