Производството на канабис - издуван балон? | Економија | DW | 16.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Производството на канабис - издуван балон?

Лоши квартални биланси, акции во пад, разочарани инвеститори: вложувањето во канабис не е она што многумина очекуваа.

Оној кои своите пари во последните години ги вложил во акции на претпријатија за производство на канабис, неретко се чувствувал како копач на злато. Вредноста на акциите растеше и по неколку илјади проценти, посебно ако човек рано инвестираше.Оној кој во 2013. година вложил 1.000 канадски долари во тогаш прилично непознатиот производител на марихуана Canopy Growth, денес би можел да биде побогат за 2,2 милиони долари. Вредноста на акциите порасна за 290.000 проценти.

Бројни експерти беа убедени дека тоа ќе биде голем пазар. Проценуваа дека пазарот на канабис ќе достигне вредност од 200 милијарди долари во идните десет години. Дека прометот со производи од коноп ќе биде поголем од прометот со безалкохолни пијалоци, како што прогнозираше на пример американската инвеститорска куќа Cowen Inc. И тоа без оглед што канабисот во многу подрачја уште е забранет.

Но, од очекуваниот бум сега не остана многу. „Балонот“ со производство на канабис пукна и тоа со приличен гласен тресок. Вредноста на пазарот со канабис од март бележи загуба од најмалку 35 милијарди долари. Особено многу е погодена канадската фирма Aurora Cannabis, вредноста на нејзините акции во последниве месеци паднаа за 60 проценти. Ништо веќе не потсетува на курсните добивки од лани, кога одделни акции бележеа пораст од 400 проценти месечно.

„Преминот е брутален и брз“

Неодамна се објавени новите квартални биланси, кои драстично ги отсликуваат страдањата на пазарот на канабис. На пример, Canopy Growth, најголемиот светски производител на коноп, повторно е под очекувањата, некои аналитичари на Бол Стрит зборуваат за катастрофа со оглед на загубите од речиси 375 милиони долари. Малку подобри, но не и оптимистички звучат бројките на конкурентските претпријатија Tilray и MedMen, кои во изминатите три месеци имаат загуби од 50, односно 25 милиони долари. Последново дури мораше да отпушти една петтина од вработените. Неговиот шеф Адам Бирман за Блумберг изјави: „Последниот капитал во таа бранша е дефиниран со пораст по секоја цена. Сега го напуштаме капиталот во браншата, а преминот ќе биде брутален и брз.“

Еуфоријата на фановите на канабис е засенета првенствено од проблемите со легализацијата. Бидејќи канабисот се`уште претежно се смета за нелегална дрога, потенцијалот на растението останува ограничен. Само една петтина од американските сојузни држави дозволуваат консумирање канабис од задоволство, односно нешто повеќе отколку во медицински цели. Источниот брег, вклучувајќи ги Њујорк, Њу Џерси и Конектикат се против, таму досега не поминуваат законите за употреба на канабис во немедицински цели, а експертите не очекуваат промена во скоро време. 

Kanada, Cannabis-Produktion ist personalintensiv

Производство на канабис во Канада

Големи залихи кај производителите

Кеит Струп уште во 1970 година ја основаше Националната организација за реформа на законите за марихуана, која се залагаше за неказнива употреба на канабис. Никој не знае дали и кога американското правосудство ќе се зафати со законите на одделни сојузни држави, изјави тој за СиЕнЕн уште во 2018 година. Адвокатот е уверен: „Само доколку 20 одделни сојузни држави целосно ја легализираат употребата на марихуана, ќе имаме доволно моќ да ја убедиме и владата.“

На аналитичарите им предизвикуваат загриженост и високите залихи. Веќе сега пазарот  на марихуана е целосно заситен, пред се` во САД, но и во Канада, каде канабисот е легализиран во средината на 2018 година низ цела земја. Но, досега се продадени само десет проценти од произведниот канабис, вели кандската влада, а има речиси 400 тони залихи. Уште подраматична е стуацијата во САД, само сојузната држава Орегон моментно има 450 тони залихи.

Високите цени ги тераат потрошувачите на црниот пазар

Лошата продажба на конопот се должи и на високите даноци. Некои од државите го оданочуваат со дури 45 проценти, што многумина луѓе не сакаат или не можат да си го дозволат. Тие порадо се вртат кон црниот пазар. „Зошто некој би дал 20 долари за марихуана, кога истата количина може да ја купи на улица за два долари?“ , вели Алан Вејлдс, сениор партнер во фирмата Silverbear Capital.  Тој самиот инвестирал во пазарот на канабис пред осум години и е акционер во некои фирми. Негово убедување е дека само ако данокот се намали и легализацијата напредува, пазарот има шанси повторно да заживее.

Производителите на марихуана сакаат да спречат тој процес да се одолговлечи. Лобистите на канабис само во првите девет месеци годинава дале речиси четири милиони долари за убедување на американската влада и за намалување на даноците.

Повеќе: 

Стопирано одгледувањето на канабис во Германија

Албанија - недопирлив бастион на криминалот?

Промена на свеста за канабисот во Македонија

Први успеси на индустријата за канабис

Во септември стигна првиот делумен успех. Претставничкиот дом на САД со големо мнозинство усвои закон со кој банките веќе не мора да стравуваат од казни кога се впуштаат во бизнис со производители на марихуана. Разлабавувањето на регулативата краткорочно ги осоколи курсевите на понудувачите на канабис, но само неколку дена подоцна, акциите повторно паднаа.

Браншата сега планира диверзификација заради преживување, на пример концернот Canopy Growth заедно со канадскиот рапер Дреик ќе формира претпријатие за здрав начин на живот и рекреација, кое би произведувало продукти за користење канабис, како и колачи и пијалоци со канабис.

Додека пазарот на канабис повторно да заживее, ќе поминат неколку месеци, смета инвеститорот Вејлдс. Тој прогнозира добри времиња по американските претседателски избори идната година, под услов да биде реизбран претседателот Доналд Трамп. Тој засега е воздржан, зашто канабисот е деликатна тема, вели Вејлсд, но: „Трамп е бизнисмен, ако може да собере даноци со канабис, тогаш тој ќе го направи тоа.“