Пријателството е поважно од вакциналниот статус | Информации и анализи за Германија | DW | 01.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Пријателството е поважно од вакциналниот статус

Веќе не сум им лута на невакцинираните, зашто лутината нема да спаси ниту еден единствен живот, коментира Астрид Пранге де Оливеира.

Тој е на одделение за интензивна нега, во вештачка кома. Прво Ковид-19, па воспаление на белите дробови, а сега уште и труење на крвта. Мојот долгогодишен пријател со денови се бори за секој здив. А, јас, се плашам за него и неговиот живот, исто како и неговите роднини и многу други пријатели.

Да се вакцинираше, најверојатно не ќе мораше да го преживува пеколот на дишење на апарати и кома. Не се вакцинираше. Не знам зошто.

Прво нека преживее, потоа ќе се расправаме

Она што го знам сигурно е дека мојот бес поради невакцинираните веќе го нема. Исчезна. На мојот пријател од младоста му посакувам само повторно да оздрави.

Борбата за живот во која учествувам од далечина целосно ме исцрпува. Чувствувам дека веќе нема резерви за бес и агресија. Она што останува е празнина, исцрпеност, очај и мала искра надеж. Секоја вредност од крвната слика која е подобрена, секој антибиотик кој покажува дејство, потхрануваат надеж. Грижата за саканиот човек ги потиска сите други мисли.

Kommentarbild Astrid Prange

Астрид Пранге де Оливеира

За да избегнеме недоразбирања - јас сум трипати вакцинирана и чувствувам олеснување што е така. Мене ми се важни и личната заштита и заштитата на нашиот здравствен систем од преоптоварување.

Пандемија на емоции

Но, оваа пандемија постојано ме доведува на работ. Се разбира дека на мојот пријател ќе му советував да се вакцинира. Тој никогаш не зборуваше за своите сомнежи. Сега расправија околу тоа е бесмислена.

И, сосема искрено - веќе и не сакам да се расправам за тоа. Уморна сум и истрошена од постојаниот судир помеѓу противниците на вакцинирањето и оние кои се за вакцини, од дебатата за ограничување на контактите, локдауните и апсурдните претпоставки за луѓе кои наводно влечат конци во пандемијата.

Во текот на изминатите денови застапниците на вакцинирањето покренаа тивко масовно движење. Весникот „Тагесцајтунг“ за милионите луѓе кои во изминатите денови чекаа во редици за да добијат вакцина напиша дека е тоа „Бунт на чекачите“.

Стигматизација не помага

Вакцинирањето спасува животи, инсистирањето на својата вистина и непопустливоста - не! Оваа пандемија постојано ме доведува до шемата пријател-непријател. Тоа е искривена слика која не одговара на стварноста и која не му помага никому.

Зашто не секој кој не е, или кој сѐ уште не е вакциниран, е противник на вакцинирањето. Не секој кој носи маска под носот е противник на носењето маски. Не секој кој во корона-времиња оди на забава мутира во супер-ширач на зараза.

Да се оттргнеш од ваквото размислување во црно-бело нијанси е тешко. Меѓутоа, токму тоа за мене сега е најважно. Се радувам на секое ново вакцинирање против Ковид-19 и истовремено сакам да останам во разговор со невакцинираните и не сакам ниту да стигматизирам ниту да бидам стигматизирана.

Тоа, за жал, не успева секогаш. Но, мислата на мојот долгогодишен пријател на интензивна нега ме опоменува да правам постојано обиди. Емпатијата ми е поважна од идеологиите и уверувањата.

Бран на општествена солидарност

Од избивањето на пандемијата пред две години, во Германија почна бран на политичка радикализација. Но, имаше уште поголем бран - оној на општествена солидарност.

Се чудам колку сѐ уште е силно општественото заедништво и покрај енормното оптоварување поради пандемијата. Особено на одделенијата за интензивна нега.

Поради тоа сум длабоко благодарна. Зашто без оваа солидарност и емпатија немаше да има светли точки во една пандемија која досега ширум светот однесе повеќе од пет милиони човечки животи.