Притисоците растат, гласачите под висок напон! | Северна Македонија | DW | 18.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Притисоците растат, гласачите под висок напон!

Според досегашните пријави, најмногу притисоци имало врз вработени во јавниот сектор, а најизразени биле во помалите градови. Пријави за притисоци се множат во МВР, ДИК, ОБСЕ/ОДИХР и кај овластените изборни набљудувачи

Притисоци од раководители врз хиерархиски подредени службеници со условувања на сигурноста на работното место, најави за дисциплински мерки, деградирање и распоредување на други работни места, често и надвор од местото на живеење... Ова се само дел од предизборните притисоци врз гласачите кои документирано се пријавуваат во институциите надлежни за мониторирање на слободното и неусловено гласачко право, и за санкционирање на кршењето на тие права. Пријави за притисоци врз гласачи стигнуваат до МВР, ДИК, ОБСЕ/ОДИХР, до граѓански организации со набљудувачки мисии за изборите и периодот што им претходи, но и до странски амбасади.

Според неформалната статистика, пристисоците доминираат во администрацијата, но не само таму.Во голема мера ги има и во образованието, а како што дознаваме последната пријава од вчера се однесува на одобрено отсуство од часови, што на ученици им го дал директор на средно училиште од внатрешноста, за да одат да се зачленат во подмладокот на една политичка партија. Реагираат родители, наставници, вработени, невработени, приматели на разни социјални додатоци, но и оние кои допрва очекуваат да го остварат тоа право.

Пријавено во МВР

Едно такво „досие“ вчера стигна на работната маса на министерот за внатрешни работи. Дополнителниот заменик министер  за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски, до МВР ја поднесе документацијата што ја добил од вработени во администрацијата преку веб-страницата отворена за пријавување злоупотреби во предизборниот период.

„Овие документи содржат јасни индиции дека раководни кадри во институциите за партиско- политички цели ја злоупотребиле службената положба со тоа што влијаеле врз вработени во администрацијата да бидат гласачи на партијата на власт, да одат на партиски митинзи, протести, контрапротести и слично. Администрацијата се охрабри, не дозволува да биде повеќе инструмент на власта. Станува збор за сериозни индиции за сторени кривични дела. Моја должност е овие информации да ги проследам до надлежните институции и очекувам МВР ефикасно да ги процесира“, изјави Кирацовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека МВР ќе ги провери индициите наведени во документите и ќе постапи согласно со своите надлежности. Тој вчера одржа работна средба со шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Тана Де Зулиета, на која разговарале за улогата на МВР во обезбедувањето на фер и кредибилни избори. Спасовски потенцирал дека нема да дозволи ниту еден полициски службеник да се вклучи во политички кампањи, и дека нема да дозволи злоупотреба на човечки ресурси или материјални-технички средства за престојната кампања. Истите заложби  министерот ги потенцирал и на средбата со шефот на на одделот за политички прашања во делегација на ЕУ, Лукаш Холуб. Двајцата се согласиле дека мора да се направи се за граѓаните слободно да ја донесат одлуката на 11-ти декември, и дека МВР има голема улога во обезбедувањето на условите за фер-избори.

Најголеми притисоци во малите градови

Но, состојбите на терен не рефлектираат оптимизам дека притисоците ќе стивнат. 

„Притисоци, особено врз вработените во јавниот сектор ќе се зголемуваат поинтензивно со наближувањето на изборниот датум“, вели Кирацовски.

„Вработени во јавниот сектор претставуваат лесен таргет за власта затоа што ги имаат на директен контакт и по список, а од позиција на моќ сметаат дека можат да ги контролираат, да бидат нивни гласачи, да претставуваат базен на гласови - да обезбедат нови 10, 15 гласачи и да бидат кворум на митинзи“, тврди Кирацовски. Притисоци имало во органите на централната и локалната власт, во институции од сферата на здравството, образованието, културата, спортот, трудот, фондовите, агенциите, јавните претпријатија, а најизразени биле во помалите градови.

Најчесто доаѓале од кадри поставени на високи функции: министри, државни секретари, општински секретари, раководители, градоначалници, инспектори... Алатките и институциите со кои може да се реагира за превенирање и заштита на вработените, се претставки до Државниот управен инспекторат, Трудовата инспекција, МВР, Народниот правобранител, но и кривични пријави.

Гледај видео 04:40

Измешани чувства меѓу граѓаните за изборните листи

Разни злоупотреби

Адресите не се малку, но какви се трендовите и ефектите? 

Во периодичниот извештај што го објави невладината огранизација „Цивил - Центар за слобода“ врз основа на извештаите на нејзините долгорочни набљудувачи и пријавите на веб-страницата „Слободни избори“, констатирана е „ужасна злоупотреба“ на социјално ранливите категории граѓани и притисоци и манипулации со сиромашните за изборни цели.

„Без оглед на формалните напредоци во спроведувањето на политичкиот договор меѓу водечката партиска четворка, забележливо е дека кршењето на човековите права и слободи во изборен контекст и политичката дискриминација продолжија со речиси истото темпо“, констатираат од Цивил.

Од таму укажуваат и на голем број нотирани случаи на злоупотреба на јавните ресурси за партиски цели, но и на злоупотреба на личните податоци на граѓаните за партиски цели - анкети, пропаганда и притисоци.

„Како илустрација, во еден случај бележиме дека граѓанка чиј број на мобилен телефон гласи на име на друг член на семејството, прима повици од партиски штаб при што ѝ се обраќаат со нејзиното име и презиме. Тој телефонски број граѓанката го пријавила како контакт во една здравствена установа и една банка. Оттука, произлегува дека еден од овие ентитети го отстапил овој личен контакт за потребите на политичката партија“, велат од Цивил.

На притисоци се жалат и политички партии. Пред десетина денаДемократскиот сојуз обвини дека има координирани и организирани притисоци врз нивни членови од страна на функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

„Методите на притисоци главно се сведуваат на коруптивни понуди за вработување или за напредување во кариерата, или пак, преку класични уцени и закани, при што од членовите на нашата партија се бара јавно да се дистанцираат од политиките на партијата и декларативно да преминат во редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти Демократскиот сојуз.

Партијата јавно обелодени десетина такви случаи, но ги објави и функциите на лицата од владејачката партија кои вршеле притисоци врз нејзините членови. Од партијата соопштија дека за сите притисоци се известени МВР, ДИК, ОБСЕ/ОДИХР и дипломатските претставништва во земјава.

Дојче веле се обрати до овие адреси, со прашање дали и како се постапува со примените пријави. Од дел од нив добивме неофицијален одговор дека пријавите се разгледуваат и проверуваат, но и оценка дека бројот пријави „се зголемува“. Оценки за тоа - дали и колку ваквите притисоци го загрозуваат легитимитетот на изборите, ќе дадат по завршувањето на изборниот процес.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама