Прислушување: Шоуто мора да продолжи | Свет | DW | 03.07.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Прислушување: Шоуто мора да продолжи

Повторно во оптек се информации за шпионирани политичари и институции. Повторно сите се прават изненадени и огорчени. Целата афера одамна има контури на трагикомедија. Тоа, според Марсел Фиртсенау, воопшто не е вицкасто

Германската тајна служба (НСА) го прислушувала мобилниот телефон на Барак Обама! Тоа би била вистински комична поента во аферата околу НСА која се дуе веќе две години. Онака, според мотото: она што го може НСА, БНД го може и тоа како. Убаво би било кога би било така, си мисли можеби германската влада. Факт е дека Германците се зависни од Американците. По прашањето на одбрана од закани - читај меѓународен тероризам - во трансатлантската соработка не може да се прави споредба на оружјето. НСА има многу повеќе пари, многу повеќе персонал и многу подобра технологија. Затоа што тоа е така, БНД најверојатно се спуштила на ниво да му биде на услуга на американскиот партнер речиси безусловно.

Вакво сомневање исплива на површина првпат летото 2013 година, кога свиркачот Едвард Сноуден го обелодени надгледувањето на глобалните телекомуникации од страна на НСА. Брзо стана јасно дека БНД мора да има вмешано прсти во тоа. Оттогаш во јавноста се вртат кодни зборови како „Призма“ и „Еиконал“. Зад ваквите криптолошки поими се кријат скандали како што е прислушувањето на мобилниот телефон на Ангела Меркел. На најмоќната жена во светот не и‘ е до смеење. Но, таа успеваше со насмевка да ја „забошотува“ аферата со НСА. Мотивот беше јасен: Германија беше среде изборна кампања. Меркел сакаше да остане канцеларка. Затоа нејзиниот тогашен шеф на кабинет Роналд Пофала изведе шоу и го прогласи скандалот за завршен.

Перфектен тајминг

Повторно е речиси чудно што само што платформата Викиликс ги објави прислушуваните телефонски разговори на Меркел, Пофала мораше да дава изјава во Истражната комисија за НСА во Бундестагот. Тоа можеби е случајност, но е можеби и калкулација. Како и да е, тајмингот е перфектен за на трансатлантската сторија со тајните служби да и‘ се вдахне нов живот. Повеќемесечниот судир меѓу Кабинетот на канцеларот и Бундестагот околу постапувањето со тајните досиеја е заморен и станува монотон. Од аспект на истражувачките новинари и парламентарците задолжени за разјаснување на аферата затоа е итно неопходно во аферата НСА-БНД постојано да има „повици за будење“.

Огорченоста поради размерите на шпионажата во меѓувреме кај сите учесници делува смешно. Ако американските (и други) тајни служби си шпионирале непречено во кабинетот на Меркел, тогаш зошто би ги поштедиле министерството за економија или за одбрана? Во нив се одлучува за извоз на оружје, контрола на оружје, мисии во странство. Значи, станува збор за прашања од безбедноста и одбраната од тероризам. Но, може да се заработуваат и купишта пари. Затоа е логично и консеквентно да се шпионира насекаде.

Меркел на листата на селектори?

Германската влада одамна го пропушти вистинскиот момент за искреност. Многу е можно во кабинетот на канцеларката да имало сознанија за прислушуваниот мобилен телефон на Меркел многу порано отколку што тоа се дозна преку откритијата на Сноуден. Можеби нејзиното име и телефонски број се на листата на селектори што по секоја цена се држи подалеку од пратениците во Истражната комисија за НСА. Претставете си како специјалист на БНД на листа на НСА со цели за прислушување го открива бројот на канцеларката. Колку вицкасто! Но, и некако тажно што во оваа афера вакви размислувања паѓаат сериозно на ум. Владата, како што се чини, си продолжува согласно мотото кое е омилено во САД: „Шоуто мора да продолжи!“

Реклама