Природата не е единствениот виновник за катастрофата!? | Македонија | DW | 08.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Природата не е единствениот виновник за катастрофата!?

Невремето не можеше да се спречи но последиците од него сигурно дека ќе беа многу помали ако превентивата беше поефикасна,а метео алармот навремен. Експертите критикуваат за катастрофални пропусти и бараат одговорност.

Врнежливата ноќ повторно ги држеше во страв и неизвесност жителите на најпогодените скопски подрачја, но за разлика од завчера небото се „смилува“ и им дозволи колку толку да продолжат да ги санираат последиците од големата катастрофа. Локално население, војска, полиција, се` е мобилизирано во акцијата за расчистување на теренот и згрижување на настраданите. Помошта веќе пристигнува, не само од надлежните и Црвениот крст, донираат фирми но и обични граѓани. Апелот до сите е да помогнат колку што можат бидејќи штетите се огромни.

Сите се ангажираат да помогнат, но никој не сака да зборува, а камоли да прифати одговорност за она што се случува. Надлежните „вината“ ја лоцираат во природата. Тврдат дека се работи за природен феномен и стихија која човечкиот фактор не може да ја реши. Но дали само природата е единствениот виновник за катастрофата? Дали само таа е причина за апокалиптичните слики и големиот број настрадани и повредени? Експертите немаат дилеми дека невремето не можеше да се спречи, но предупредуваат на повеќекратни пропусти. Соодветна превенција, навремено предупредување, и поорганизирана интервенција според дел од нив ќе влијаеше да има многу помали штети, не само материјални, туку уште поважно и во човечки животи:

„Ова е огромна опомена за она што може да се случи и во наредниот период. Причините се главно во соголеноста на јужните падини на Скопска Црна Гора, претераното интензивно сливање на врнежите, непланската и интензивна градба која создава мали брани преку кои водите од врнежите нагло се прелеваат, но и големата урбанизираност, малите капацитети на дренажните канали кои треба да ги спроведат водите до реката Вардар. Дополнително можеби и бавната и несоодветна реакција на ЦУК-Центарот за управување со кризи, но и ненавременото и несоодветно јавување на метеоролошките служби за она што се случува и какви количини на врнежи можеме да очекуваме. Најпрвин се најавуваа 30, па 45, за па да се случат над 90 литри на метар квадратен што навистина е голем број врнежи за скопското подрачје“, предупредува во изјава за Дојче веле универзитетскиот професор Ивица Милевски.

Да нема амнестија од одговорност

Дел од експертите предупредуваат дека никој не смее да се амнестира од одговорност, а најмалку власта:

„Ова што се случи е катастрофа, но ако се делуваше превентивно, и реално, а не само декларативно се извлекоа поуки од она што пред една година се случи на Шар Планина, тогаш дефинитивно дека ќе имаше помали последици“, реагира Сања Раѓеновиќ, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Природниот фактор според нејзе имал доминантно влијание во катастрофата, но не помалку и слабата инфраструктура:

„Луѓето загинаа од немање соодветна инфраструктура. Невремето е едно, но нема потпорни ѕидови, погледнете колку свлечишта се јавуваат, се гради каде стигне и уште пострашно се` тоа се легализира за по 1 евро. Нема соодветна канализација, каналите се затрупани, катастрофа! Чист популизам за кој гледаме дека се плаќа огромен цех. Најстрашно е што постојано за ова се предупредува, но очигледно дека никој не сака или не му одговара тоа да го слушне и да го разбере. Затоа и воопшто немаат право да спинуваат дека не се криви и да реагираат дека се политизира на туѓа несреќа. Во овој момент најдобро е да ќутат бидејќи одговорноста е само нивна“, реагира Раѓеновиќ.

Главниот ударен бран дојде од Скопска Црна Гора

Една од клучните дилеми е зошто токму кај автопатот се случи главниот ударен бран. Зошто таму се собрала водата, а не низ одводните канали кои согласно стандардите треба да бидат составен дел од обиколницата која беше градена согласно сите стандарди:

„Главниот ударен бран дојде од Скопска Црна Гора, а главна причина е што имаме голем број поројни водотоци, посебно во делот кон Стајковци и Арачиново планината е речиси целосно соголена и не може никако да се апсорбира во земјиштето. И таа вода јурнува во некои собирни канали и затоа токму таму удри. Јас барем колку што сум бил на терен можам да кажам дека голем дел од тие канали кои што треба да бидат беспрекопрно расчистени и проодни за вода за жал се често наполнети со шут и разни отпадоци и наместо да бидат ултрапроодни тие се закрчени предизвикуваат разлевање во просторот што се покажа катастрофално“, смета Милевски.

Клучно според него е во наредниот период надлежните засилено и сериозно да се посветат на превенцијата бидејќи сите прогнози упатуваат дека Македонија повторно ќе биде изложена на уште поинтензивни врнежи:

„Превенцијата е единствено можна преку изградба на нови и средување на старите дренажни канали, поголема проточност на вакви води кои можат да направат поголеми проблеми кон коритото на Вардар која сега има релативно голема апсорбциона моќ, освен во делот на Петровец каде треба да се води сметка да се уреди коритото. Да се посвети и многу повеќе внимание и на биотехничките мерки кои значително влијаат на апсорбирање на ваков тип на води но и да се средат запуштените и неисчистени канали во кои се фрла шут и отпад. Луѓето не размислуваат кога фрлаат отпад, но видовме какви можат да бидат последиците“, предупредува Милевски.

Во големите поплави предизвикани од поројните врнежи загинаа 21 лице, најмладата жртва е двегодишно детенце. До доцна синоќа познат беше идентитетот на сите, освен на едно лице. На синоќешната вонредна седница беше донесена одлука денеска 8 август да биде прогласен за ден на жалост. Скопскиот и тетовскиот регион се прогласени за кризни места во период од 15 дена. Владата и Град Скопје на семејствата на загинатите ќе им доделат по еднократен паричен надомест во висина од 480.000 денари.

DW.COM

Реклама