Припадник на поранешната УЧК сведок на Србија за трговијата со органи
9 септември 2012„Имаме сведок кој сведочеше за медицинска процедура направена на северот од Албанија што го потврдува отстранувањето на органи од Србите киднапирани за време на конфликтот во Косово во 1998-99 година“, изјави српскиот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ.
„Тој ја опиша операцијата за отстранување на срце од српски затвореник во близина на (северниот албански град, н.з.) Кукс на крајот од 90-тите години“, како и транспортирањето на органот до аеродромот Ринас во Тирана, рече обвинителот.
Не е јасно во моментов дали пациентот бил мртов или, пак, жив кога започнала операцијата, а обвинителот не сака да дава повеќе детали.
Сведокот на обвинителите им рекол дека тој минал специјален медицински тренинг за отстранување органи и, според обвинителството, ја опишал во детали операцијата во која учествувал. Сведокот додаде дека „срцето е продадено на црниот пазар“, изјави Вукчевиќ.
За сведокот не се откриваат повеќе детали, освен дека е поранешен член на УЧК и дека сега е под посебни мерки на заштита.
Обвинувањата за трговија со органи од страна на поранешната УЧК се истражуваат и од страна на ЕУ. Исто така, известувачот во Советот на Европа Дик Марти обвини во својот извештај од 2010-та година дека високи команданти на УЧК, вклучувајќи го и сегашниот премиер на Косово Хашим Тачи, биле инволвирани во организиран криминал. Во извештајот се наведува дека органите биле отстранувани во Албанија од телата на затворениците, во најголем дел Срби. Тачи, неговата влада и Албанија ги негираа ваквите обвинувања.
Сепак, обвинувањата за трговија со органи излегоа на виделина за првпат во 2008-ма година од страна на хашката обвинителка Карла дел Понте. Таа тврдеше дека стотици жртви, главно Срби, но и останати не-Албанци, биле киднапирани на Косово во последните фази од војната и однесени во логори низ продорната граница со Албанија. Како нејзини извори таа цитираше анонимни функционери во ОН, како и новинари.