Принудна работа за социјална помош | Свет | DW | 11.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Принудна работа за социјална помош

Српската влада не се откажува од намерата законски да ги обврзе примателите на социјална помош, да ја заработат таа помош. Тоа е неуставно и слично на робовска работа, велат соговорниците на ДВ.

Секој четврти граѓанин на Србија е „на граница на сиромаштија“- така гласи бирократската формула на Заводот за статистика. „На граница“ всушност значи дека преживува со помалку од 15.500 динари месечно, ако е сам, додека границата за тричлено семејство е 28.000 динари. Па сепак, ни тоа не е доволно државата Србија некому да му одобри социјална помош: за тоа поединец мора да има на располагање помалку од 7.946 динари месечно- колку што е социјалната помош- а тричлено семејство мора да има помалку од 15.000 динари. Социјална помош минатата година секој месец примиле околу 262.000 луѓе, од кои половината се работноспособни.

Од буџетот за тоа се издвојуваат околу 15 милијарди динари- помалку отколку, на пример, субвенции само за железница. Но и тоа е премногу, велат официјалните лица. Затоа најавуваат измени на Законот за социјална заштита според кој работоспособните социјалната помош ќе мораат да ја заработат. Тоа веќе спорадично се прави по регулатива на Владата чие заштитно лице беше министерот за труд, Александар Вулин.

Тоа е неуставно, одговараат правниците, и спротивно со меѓународните одредби кои ги потпиша Србија. „Паричната социјална помош не може да се заработи. Нејзината природа е таква што со неа некому му давате шанса да преживее, додека не дојде во ситуација да најде работа, а во тоа би требало да учествуваат и други институции“, објаснува Марио Рељановиќ, доцент на Правниот факултет од Универзитетот Унион и секретар на Правната клиника за работни односи. Рељановиќ идејата на владата ја нарекува „принудна работа“- тој по дефиниција подразбира работа на која е некој принуден за да оствари право кое инаку го има според законот. „Како таков, тој е и неплатен, па изгледа и како робовска работа. Покрај тоа, станува збор и за посредна дискриминација. Ниту една група не е таргетирана, но всушност тоа се однесува на Ромите, бидејќи две третини од корисниците на парична социјална помош доаѓаат од таа популација“, вели Рељановиќ за ДВ.

Активирање

Во одредбата од 2014 година се наведува дека државата со корисникот на социјална помош склучува„договор за активно надминување на неговата неповолна социјална ситуација“. Како можност се наведува „намалување и губење на правото на парична социјална помош во случај на неоправдано неизвршување на обврските“. „Работното активирање на работоспособните корисници на парична социјална помош треба да придонесе во зајакнување на поединците и семејствата за да може секој со својата работа и во рамки на своите можности да помогне за ублажување социјална изолација, да дојде во позиција со својата работа и приходи да создаде услови за задоволување на животните потреби“, се наведува во пишаниот одговор кој ни го достави Министерството за труд, вработување, ветерански и социјални прашања.

Во Комитетот на правници за човекови права (ЈУЦОМ) велат дека активирањето, за кое зборуваат во Министерството, не смее да се случува под закана на намалување на социјалната помош. „Социјалното вклучување е поширок поим и подразбира многу поактивна работа во центарот за социјална работа“, смета Данило Ќирчиќ од ЈУЦОМ. „Но ова не е ни работен ангажман, ни пракса, тоа се исклучиво работи кои подразбираат физичка работа, за што не е потребна никаква обука", вели Ќурчиќ за Дојче веле.

Straßenszene in Belgrad mit obdachloser Frau (DW)

Семејства пред суд

Официјалните лица укажуваат на тоа дека постојат и злоупотреби на социјалната помош- некој кој веќе има приходи, на пример работејќи на црно, зема од заедничката каса. Нашите соговорници укажуваат оти законот таа можност веќе ја предвидел и дека вработените во Центарот за социјална работа можат да вршат проверки. „Ако некој врши злоупотреба, ќе ја заобиколи и оваа Одредба многу лесно", вели Рељановиќ.

Во самата процедура, меѓутоа, на заобиколувањето му е веќе даден легитимитет. Работно способните лица социјална помош добиваат само 9 месеци, бидејќи се претпоставува дека имаат можност да работат сезонски работи за време на летниот период. „Ако знаеме оти сезонските работи се главно нерегулирани, државата со тоа посредно зборува- работите вие на црно 3 месеци, вашата сиромаштија е на пауза во летниот период“, вели Данило Ќурчиќ.

Втор избор е да се обидат да докажат дека не се работно способни и така да се квалификуваат за целогодишна помош. Во тој случај, мораат да ги тужат роднините кои се должни да ги издржуваат. „Тоа е голема пречка, бидејќи луѓето не сакаат да поднесуваат тужби против своите роднини. Непријатно им е тоа да го прават, да ги тужат своите родители, баби и дедовци“, објаснува Ќурчиќ.

Работа за дрва и храна

За донесување на спорната Одредба, државата, според зборовите на министерот Вулин, инспирација пронашла во банатската општина Ада. Тоа, меѓутоа, може само донекаде да се спореди со мерките предвидени со Одредбата: во Ада обврската за општествено корисна работа не се однесува на социјална помош, туку на брза помош од локалната самоуправа, која се доделува на оние кои се наоѓаат во некоја неволја.

„За еднократна помош може да се обрати кој било кој има мали примања, но оние кои се работно способни мораат да одработат општествено корисна работа“, објаснува за ДВ Весна Цивриќ од Здружението на граѓани „Виножито“ од Ада кое ги иницираше овие измени во локалната социјална политика. „Ако некој побара 2 кубика дрва чија цена е 8.000 динари, тој за тоа според минималната цена на труд во Србија ќе мора да одработи 7 дена општествено корисна работа, во зависност од степенот на образование.“

Оној кој ќе се нафати на тоа е осигуран од повреди на работното место, а исплатите не се во кеш, туку во огрев, автобуска карта, храна, лекови, плаќање данок и комунални трошоци. „Се покажа дека тоа функционира, бидејќи градот штеди, а луѓето се чувствуваат корисни, затоа што не бараат милостина“, раскажува Цивриќ. На тој начин во Ада годишно се ангажираат околу 700 луѓе. Проектот заживеа уште во 5 општини во Војводина, додека во план се уште 4 општини во Србија.

 

Реклама