Приговорите на ДУИ ги замрсија конците на владиното мнозинство | Северна Македонија | DW | 05.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Приговорите на ДУИ ги замрсија конците на владиното мнозинство

На премиерот во оставка, ќе му биде многу тешко да ги хармонизира односите меѓу владините партнери кои беа ривали на локалните избори, коментираат извори од владејачката коалиција.

Со два приговори на ДУИ за Желино, општина во која кандидатот на Беса го победи кандидатот на ДУИ со разлика од 69 гласа, партијата на Али Ахмети го вивна незадоволството кај партијата на Биљал Касами, токму во екот на разговорите за нов мандатар.

Во време кога ДИК решаваше за овие и други приговори, на Фејсбук со кратка порака се огласи Аријанит Хоџа, Генерален секретар на Беса и актуелен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

„Желино, место во кое се роди една партија (движењето Беса), може да биде и Желино кое руши влада“, напиша Хоџа.

ДИК синоќа прифати еден од двата приговори на ДУИ за Желино, кој се однесува на избирачкото место 2.107. Од ДУИ приговарале поради несовпаѓање на бројот на гласачи кои биле идентификувани со уредите, и бројот на гласачи кои се потпишале во избирачкиот список, но и поради тоа што едно лице гласало со истечена важност на личната карта. Прифатениот приговор од страна на ДИК води кон прегласување на тоа избирачко место, а конечната одлука ќе ја има Управниот суд доколку биде поднесена тужба за решението на ДИК.

Во вториот круг од локалните избори во Желино победи кандидатот на Беса, Блејрим Сејди, со 5.171 гласови, односно со 69 гласа повеќе од кандидатот на ДУИ, Фатмир Изаири, кој доби 5.102 гласа. Но, ако се има предвид дека на избирачкото место 2.107 има вкупно 741 гласач, а од нив во вториот круг гласале 340 (излезност 45,88%), јасно е дека постои можност за пресврт во резултатите.

Партнери во владината коалиција, Зоран Заев и Биљал Касами

Партнери во владината коалиција, Зоран Заев и Биљал Касами

На Заев не му е лесно

Уште пред да се знае дали по решението на ДИК, Беса ќе достави тужба до Управниот суд, од оваа партија стигна друга најава: Беса ќе расправа дали ќе остане во Владата.

„Ќе се зборува со одборот на партијата. Ако ме прашувате за мојот личен став, јас сум за напуштање на мнозинството“, изјави Хоџа за ТВ „21“.

Еден ден по изборите, по средбата на Заев со коалициските партнери, Хоџа имаше поинаква изјава.

„Уште еднаш покажавме дека мнозинството е стабилно, дека владејачкото мнозинство треба да продолжи. Се согласивме дека какви било процеси кои би воделе кон предвремени парламентарни избори ќе бидат многу проблематични, тешки, и за економската ситуација, социјалната, безбедносната, и затоа сите едногласно бевме против организирање предвремени парламентари избори. Владата го доби мандатот во 2020 година и го има легитимитетот да продолжи со ова мнозинство, особено што сме преземале одговорност од почетокот на мандатот кон евроинтеграциските процеси, кои се многу важни. Се наоѓаме во  деликатен процес и треба да продолжи владејачкото мнозинство, бидејќи целта беше да се забрза процесот на евроинтеграции“, изјави Хоџа пред четири дена.

Извори од владејачката коалиција коментираат дека на премиерот во оставка ќе му биде многу тешко да ги хармонизира односите меѓу владините партнери кои на локално ниво беа ривали, особено ако на некого му одговара продолжено ривалство, за да го искористи за цели спротивни од декларираните.

Сега се актуализира прашањето - дали Беса која победи на изборите во Тетово помогната со гласовите на Алијанса за Албанците и ВМРО-ДПМНЕ, ќе им се „оддолжи“ на овие поддржувачи само на локално ниво или ќе ги искористи апетитите на ДУИ кон Желино како повод и причина за да ги „почести" опозиционерите и со напуштање на владината коалиција. 

Партнери во владината коалиција: Али Ахмети и Зоран Заев

Партнери во владината коалиција: Али Ахмети и Зоран Заев

Ќе размисли два пати

Откако партискиот лидер, Биљал Касами, премина од пратеничка на градоначалничка функција во Тетово, Беса во парламентот од 4 останува со 3 пратеници, а нивното евентуално заминување може да го урне мнозинството, ако не биде компензирано со иста или поголема бројка на пратеници кои би се приклучиле кон него.

Касами и досега не ја криеше самоувереноста во позицијата дека „од Беса зависи“ владиното мнозинство. Уште пред вториот изборен круг во тв-дебата со неговата противкандидатка од ДУИ, Теута Арифи, тој потенцираше дека без пратениците на неговата партија, сигурно паѓа Владата. Арифи му реплицираше дека Влада може да има и без Беса, бидејќи таа партија реално не тежи многу на „пазарот“. На ова тој уште еднаш одговори дека Беса може да ја сруши Владата, но дека тоа нема да се случи затоа што Владата е стабилна. И по изборите Касами повтори дека актуелната Влада треба да продолжи со работа.

„Очекувам актуелното владино мнозинство да се зголеми со пратеници од опозицијата. Мислам дека тоа ќе се случи. Имаме силна поддршка од Вашингтон“, рече Касами.

По вчерашното преземање на градоначалничката функција од Теута Арифи, тој најави дека граѓаните на Тетово мора да знаат точно колкав долг има нивната општина и како е создаден.

„Транспарентноста почнува од тука. Кој злоупотребил јавни средства ќе одговара“, најави Касами.

Извори од албанскиот блок сметаат дека и покрај „искрите“ кон ДУИ, Беса нема да го напушти мнозинството, имајќи предвид дека оваа партија на ланските парламентарни избори настапи токму во предизборна коалиција со СДСМ. Сегашните изјави за евентуална таква можност ги толкуваат повеќе како притисок и несогласување на Беса во новиот кабинет да останат некои министерски имиња од ДУИ. Ова и не е за изненадување, со оглед дека Касами пред два дена изјави дека е потребна реконструкција на Владата. Запрашан дали би гласал за актуелниот кабинет уште еднаш, со сите имиња кои сега се внатре, кусо изјави: „Би размислил два пати".