Привилегии за вакцинираните: Прашање на солидарност | Информации и анализи за Германија | DW | 02.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Привилегии за вакцинираните: Прашање на солидарност

Вакцинацијата во Германија штотуку започна, а веќе се разгоре дебата за можните привилегии за вакцинираните за коронавирусот. Политиката и општеството не се доволно подготвени за тоа, смета Анја Брокман.

Германците полека се заморуваат од пандемијата. По речиси една година ограничувања, многумина копнеат по нормалноста. Затоа не е изненадувачки што многумина надежи полагаат во вакцинацијата. Надежи, кои министерот за здравство Јенс Шпан веднаш ги задуши, велејќи дека не треба да се очекува „имунитет на стадо“ пред есента 2021 година. Тој исто така апелираше на солидарност на вакцинираните со оние кои сè уште не се вакцинирани и ја отфрли можноста за бенефиции или привилегии за оние кои ја примиле вакцината. Она што го држи ова општество заедно е заемниот обѕир, убеден е министерот за здравство.

Но, дека таа маса што го одржува општеството заедно не е многу стабилна, покажа и однесувањето на многумина во текот на првиот, т.н. лесен локдаун,  кога исто така првото и основно правило беше да се минимизираат контактите, но тоа не спречи преполни трговски центри и долги редици пред тезгите со греено вино пред рестораните, во кои стоеја само оние кои инаку го негираат постоењето на вирусот.

Но, човекот е социјално битие и ја користи речиси секоја можност за пријатно дружење, дури и ако се стави себеси и другите во опасност. Според таа логика, ваквиот начин на однесување ќе исчезне кај оние кои веќе биле вакцинирани, особено ако повеќе не постои опасност за нив. Најдоцна во тој момент, апелите што одат во насока на солидарност, ќе исчезнат.

Deutsche Welle Brockmann, Anja Portrait

Анја Брокман, авторка на коментарот

Особено ако е нејасно што всушност претставува таа солидарност во општество изградено врз индивидуализам и во општество управувано од економски систем кој живее од постојан раст и не толерира воздржување од потрошувачка.

Вакцинираните помагаат да се намалат корона-долговите

Во Германија, пет и пол милиони луѓе работат во здравствениот сектор. Сосема со право, тие ќе бидат вакцинирани пред другите. Би било ли несолидарно ако авионските компании нив ги третираат повластено? На крајот од краиштата, зарем здравствените работници не заслужија оваа година во која дадоа се' од себе, да бидат третирани повластено и да си дозволат да заминат на двонеделен годишен одмор? И, не би било ли соодветно солидарно да се однесат малку пари на островите во Средоземното Море, кои страдаат толку многу од недостаток на туристи оваа година и на чие население му се заканува осиромашување?

Повеќе:

-Дебатата за принудна вакцинација нема допир со реалноста

-Вакцинацијата почна, многу прашања сѐ уште без одговор

-Локдаунот во Германија ќе биде подолг?

Една четвртина од луѓето во Германија, односно повеќе од 20 милиони, има над 65 години и тие исто така имаат предност во вакцинацијата. Многу од нив се физички и психички во многу добра состојба. Спортските активности, одморите и културното воздигнување, статистички гледано, добија во значење за нив во последните неколку години.

Дали би било несолидарно да им се даде можност на старите лица и вакцинираните да трошат пари повторно во ресторани, хотели и културни институции кои страдаат од локдаунот и кои ѝ оставаат планина од долгови на следната генерација?

Привилегии за вакцинирани туристи?

На сите овие прашања не може да се одговори едноставно. Но, политиката треба, ако ништо друго, барем да понуди некои решенија. Политиката, на пример, мора да одмери што е повредно: претприемачката слобода или забрана на дискриминацијата.

И германската политика не смее да размислува само во границите на својата земја. Ќе има голем број земји, во кои, ако поради ништо друго, тогаш поради помалиот број на жители, вакцинацијата ќе се изврши многу побрзо отколку во Германија со нејзините 83 милиони жители. Во Израел, но и во Велика Британија, Бахреин и многу други помали земји, вакцинацијата се спроведува со полна брзина веќе со недели. Сите овие земји побрзо ќе ги вратат своите стопанство и општеството во нормала, што ќе биде хендикеп за германската економија.

Ако Германија не сака да ги привилегира своите вакцинирани граѓани, како тогаш ќе се однесува кон вакцинираните лица од други земји? Претставниците на германската економија сигурно нема да седат мирни и да гледаат како деловни и приватни патници ја заобиколуваат Германија. Лобистите сигурно ќе извршат притисок врз политиката да смени нешто. Но, привилегирањето на вакцинираните странци сигурно нема да биде можно се' додека домашните вакцинирани лица, од солидарни причини, се воздржуваат од враќањето во нормален живот.

Тест на издржливост за многу пријателства

Но, не е само политиката таа што мора да најде одговори. Ова важи и за секое поединечно семејство во Германија. Бидејќи во секое германско семејство наскоро ќе има некој кој се вакциниран и такви кои нема да бидат вакцинирани уште подолго време. Истото важи и за кругот на пријатели. Би било наивно да се очекува дека средбите на вакцинираните лица во приватен круг ќе се одвиваат со стриктно придржување кон сегашните правила кои важат за сите и ќе останат во сила уште долго време. Се поставува прашањето: кого да го поканувам на вечера, само вакцинираните, или и другите? Со кого да играм карти?

За многу пријателства, ова може да стане тест на издржливост. А и за општеството севкупно. Бидејќи на почетокот,  разлики меѓу вакцинираните и невакцинираните, кои сакаат да се вакцинираат, навистина ќе постојат. А, политиката тука мора да дејствува отворено и да гради мостови за да не им остави простор на популистите. Тоа би било фатално во изборната година, во која завршува владеењето на Ангела Меркел.

Вакцинацијата во Германија едвај започна и дебатата за можните придобивки од вакцинираните веќе се разгоре. Политиката и општеството не беа најподготвени да ја поздрават оваа дебата. 

Поврзана содржина