Пржинските закони ем „неуставни“, ем изгласани | Македонија | DW | 29.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пржинските закони ем „неуставни“, ем изгласани

Законските измени договорени меѓу партиите на 20 јули, од пратеници на власта беа усвоени со забелешки за нивна неуставност. Аналитичари сметаат дека со тоа е намерно оставен простор за отворање на „пандорината кутија“.

Вчeрашната собраниска седница остава сомнеж дека усвоените законски измени кои се резултат на последниот меѓупартиски договор, може да бидат оспорени пред Уставниот суд, доколку во еден момент владејачките партии проценат дека тоа е од нивен интерес. Ваков е впечатокот на политички аналитичари, откако пратеници на власта пржинските измени ем ги оценија како противуставни, ем гласаа за нив, што остава сомнеж дека е намерно оставен простор „пандорината кутија“ повторно да биде отворена.

Забелешките за неуставност дојдоа токму од пратениците - потписници на предлог измените, кои нивните партиски раководства ги договорија на 20 јули, со цел да се обезбедат услови за фер збори, а кои во таков случај би се одржале на 11 декември.

„Договор си е договор, но законите мора да бидат во согласност со Уставот“, предупреди координаторот на ДУИ, Талат Џафери. „Бараа да се сруши уставниот систем и поредок и да се дерогира Уставот на оваа држава. Бидејќи толку упорно го бараа тоа од нас, ние свесно го дадовме тоа, со можност да се сруши Уставот. По гласањата на оваа седница, веќе никој и ниедна институција ќе нема право да се повикува на Уставот“, рече Џафери.

Во сличен стил настапи и кординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

„Денеска слободно можам да ви кажам дека ние две години си имаме проблем со класични пучисти. Ова што го правиме е само за да се заштитат институциите и граѓаните“, порача тој од говорницата. Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ги опомена за двојното однесување.

„Ни пола час не може да издржи еден договор. Потписници сте на законот, а сега се надмудрувате. Тогаш не го потпишувајте и не го гласајте“, им порача Вељаноски.

На крајот, законските измени сепак беа усвоени со мнозинство гласови.

Лош сигнал

Да се гласа за нешто „за“, а во исто време да се тврди дека тоа е противуставно, ниту е етички, ниту добар знак за реализацијата на последниот договор, предупредува правник, член на партија која не е учесник во пржинските разговори.

„Вчера беше пратена порака до електоратот дека владејачките партии нерадо се согласуваат и ќе бидат во лабав однос со договореното, а не е исклучено дека ваквите обраќања се можеби и наменети да мотивираат некој да ги оспори законските измени пред Уставниот суд. Со оглед дека партиите до 31 август треба да договорат датум за избори ако сите други услови се исполнети, евентуално оспорување на измените по тој датум, би било тешка сопка на процесот. Затоа, партиите навреме ќе мора да расчистат со ваквите дилеми и однесувања во стилот 'гласам, од што морам', бидејќи сѐ што навреме не е расчистено се враќа како поголем проблем“, вели соговорникот.

Од опозицијата реагираа на обвинувањата од пратениците на власта.

„Дали е срушен Уставот?“, реторички праша Рената Tренеска Дескоска од СДСМ.

„Уставот на Република Македонија е срушен со незаконското прислушување на огромен број граѓани, со досега неказнетиот криминал и корупција во редовите на владејачките партии, со партизираното судство, со незаконските одлуки за распуштање на Собранието. Уставот е скршен и со претворање на Уставниот суд во марионета во рацете на владејачките партии“, им одговори Дескоска.

Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje

Што ако Уставниот суд одлучи да го поништи законот за СЈО?

Магла над СЈО

Токму последново создава најголема неизвесност, ако се има предвид дека Уставниот суд треба да се изјасни за уставноста на законот за Специјалното јавно обвинителство. Ако Уставниот суд оспори дел или законот во целост, партиите се договорени во рок од 5 дена да подготват законски решенија кои ќе овозможат негово непречено функционирање. Но, прашањето е - што ако Уставниот суд одлучи да го поништи целиот закон? Според правни експерти, во таков случај, не само што се поништува законот, туку се поништуваат и сите правни последици што произлегле од него.

„Согласно со член 81 од деловникот на Уставниот суд, 'секој, чие право е повредено со конечен или правосилен акт донесен врз основа на закон, пропис или друг општ акт што со одлука на Уставниот суд е поништен има право да бара од надлежниот орган да го поништи тој поединечен акт, во рок од 6 месеци од денот на објавувањето на одлуките на Судот во ’Службен весник на Република Македонија'“. (...) Извршувањето на правосилните поединечни акти донесени врз основа на закон, пропис или друг општ акт, што со одлука на Уставниот суд е поништен, не може да се дозволи, ниту да се спроведе, а ако извршувањето е започнато - ќе се запре“, напиша во авторска колумна професорката Тања Каракамишева.

Што би значело тоа за досегашната работа на СЈО, е сосема јасно. Но, опозицијата сега е повеќе преокупирана со придобивките од вчера усвоените пржински закони, кои многу нема да ја сменат ни медиумската, ни политичката слика пред изборите.

Со законските измени се овозможува еден канал на МРТ да емитува програма на албански јазик 24 часа секој ден во неделата, како и телевизиски програмски сервис кој ќе емитува програма на јазиците на другите не мнозински заедници во државата; за 50 отсто се намалуваат казните за медиумите; опозицијата ќе предложи нов уредник на информативната редакција на МРТВ; во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се формира привремена петчлена комисија која ќе врши мониторинг врз известувањето на медиумите, ќе има мандат до завршувањето изборниот процес, а членовите ќе имаат месечен надоместок за работата од три и пол просечни месечни плати. Mандатот на министрите и замениците-министри од опозицијата во преодната влада ќе престане откако ДИК ќе ги објави официјалните резултати од изборите.

DW.COM

Реклама