Претседателски повик за помирување - вистински потег во вистинско време | Северна Македонија | DW | 14.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Претседателски повик за помирување - вистински потег во вистинско време

Иницијативата на Стево Пендаровски за аналитичарите е позитивен чекор, но колку лесно и остварлив? Реакциите главно се позитивни, но очекувањата поделени.

Граѓанско помирување. Ова е првата порака која на првиот работен ден ја испрати до јавноста новиот претседател Стево Пендаровски. Повикот до граѓаните, но и политичките чинители, тој го упати преку социјалните мрежи. Шефот на државата изрази подготвеност целосно да се вложи во процесот за кој смета дека нема алтернатива:

„Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг. Сите добронамерни луѓе, политичари и партии што ќе решат да одат по истиот тој пат ќе ја имаат мојата поддршка“, напиша Пендаровски.

Обединувањето - предизвик без алтернатива

Контекстот на првата порака, или иницијатива на новиот претседател, уште во старт ги собра симпатиите. Дел од аналитичарите сметаат дека таа е не само добредојдена, туку и неопходна во процесот на остварување на стратешките цели на државата:

„Прво, комплименти за изјавата на претседателот дека неговата прва грижа ќе биде да пружи рака на опозицијата. По Преспанскиот договор, кога конечно по 30 години вратите кон евроатлантските интеграции ни се отворени, останува на политичките фактори во државата да се обединат околу што е можно побрзото остварување на стратешките цели НАТО и ЕУ кои ги запишавме уште по независноста во 1991 година. Тоа е многу важно, бидејќи за брзината на нашето пристапување е важна соработката околу реализацијата на тие цели. Да не се случи едни да градат други да разградуваат, туку во еден континуитет да почне тој процес на реформи и трансформација на македноското општество кој што на крај ќе нѐ доведе до полноправно членство во ЕУ“, смета првиот шеф на македонската дипломатија, професорот Денко Малески.

Mazedonien Denko Maleski ehemaliger Außenminister (DW/P. Stojanovski)

Малески: Потребен е минимум заеднички консензус

Ваквиот процес, според него, е голем предизвик, посебно за политичките елити за кои смета дека треба да се погрижат за континуитет на започнатите процеси:

„Основа за ова има, затоа што ако партиите стават прст на чело и малку размислат, во овој процес, кој ќе трае десетина години до полноправното членство во ЕУ, сите главни партии ќе се најдат и на власт, но и во опозиција. Но битно е тие да бидат обединети околу насоката и секоја смена на власт и избори да не значат прекин. Тоа е искуството од другите земји од Источна Европа. Потребен е минимум заеднички консензус, единство меѓу партиите и тој процес отсега треба непрекинато да тече, без оглед на политичките смени во власта кои во меѓувреме можат да се случуваат“, коментира Малески.

Разединетоста - клучен проблем

Дел од аналитичарите пак не се убедени дека повикот на Пендаровски сам по себе ќе влијае работите да почнат да се движат во посакуваната насока.

„Логично и нормално е претседателот да повика на обединување и помирување. Но клучниот проблем е разединетоста и поделбите кои за жал се историски и стануваат се подлабоки. Се плашам дека неговиот повик нема да наиде на некое плодно тло, бидејќи последните настани кои водеа во разнебитување на македонскиот народ и бришење на македонскиот карактер на оваа држава создаваат еден таков расцеп кој е објективен и реален и многу тешко ќе може да се надмине со некакви мерки кои би ги преземал новиот претседател", смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Mazedonien EU Flaggen (AP)

Македонија е многу далеку од ЕУ, оценува Никовски

Она што дополнително го отежнува целиот процес, според Никовски, се ингеренциите, односно реалната моќ која ја има претседателот која не смета дека би го обезбедила потребниот маневарски простор:

„Да бидеме јасни, моќта на нашиот претседател не е голема, неговиот маневарски простор е многу мал, иако тој може во тие рамки да бара некој максимум, сепак можностите за еден таков исчекор се минимални. Покрај другото, да не забораваме дека сите тие разлики, поделби, дојдоа до целосен израз во текот на кампањата. Тие рани, кои во последно време беа исклучително крвави, добија уште повеќе на жестина, уште повеќе на своето значење, симболизам, дека Македонија е на пресвртница, дека има обиди кои ги поддржува и сегашниот претседател некои работи да се направат на сила, кои не се нормални и немаат врска со демократијата. Власта која го поддржуваше е носител на тие политики и тоа со одредени ветувања за европска интеграција. Мислам дека и средбите што ги имаше со евроамбасадорот Самуел Жбогар се симболични и Македонија е многу далеку од ЕУ. Ќе поминат најмалку 10 години додека станеме рамноправен член, а веројатно и повеќе“, смета Никовски. 

Опозицијата да биде конструктивна

Она што е клучно во наредниот период и од што ќе зависи целиот натамошен процес е како ќе се позиционира опозицијата. Дел од упатените предупредуваат дека е редно време таа да стане конструктивна, пред сѐ во делот на остварување на националните и стратешки интереси на државата:

„Секоја елементарно функционална држава, да не кажам цивилизирана, претпоставува заедничка кохезија помеѓу власта и опозицијата која често се нарекува национално единство или национално помирување, што претпоставува дека за одделни клучни прашања од национален интерес треба да се координира со најдобра волја за да се има успех.

Prof.Dr. Mersel Bilalli FON Universität (Fatos Musliu)

Биљали: Опозицијата не може да ужива кога нема успех во државата

Парадоксално е опозицијата да ужива кога нема успех во државата. Напротив, таа треба да поддржи проекти и да понуди конструктивни идеи во однос на она што се нуди од власта сѐ со добра цел да се движиме напред. Има многу сегменти каде може да ја напаѓа власта, функционалноста на правото, корупцијата, криминалот злоупотребите и многу друго каде опозицијата треба да биде чувар и силен критикувач. Во таа логика го разбирам тој сигнал за помирување и сите одделни сегменти кои во државата се моментално како шаренило“, коментира политичкиот аналитичар Мерсел Биљали.

Повеќе: 

Што да се прави со победата?

Победи Пендаровски, но уште посилно пораките од граѓаните

Дека работите ќе зависат пред сѐ од опозицијата, нема дилеми ниту Малески. Тој препознава одредени сигнали дека се можни конструктивни промени:

„Единство не може да се прокламира само од врв, на тоа треба да работи и другата страна кон која е упатен апелот. Мислам дека за првпат по овие избори, кои во крајна линија не ги проблематизира опозицијата, барем не во степен кога се правеше порано, има надеж да се надмине тоа проклетство на нашите несреќни претседатели кои беа оспорувани и тоа е еден добар сигнал. Од една страна претседателот, од друга страна опозицијата која не го проблематизира неговиот избор на начин на кој тоа порано се правеше, ете тоа е добар почеток“, смета Малески.

Сепак, во јавноста не остави добар впечаток фактот што лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски не беше присутен на чинот на инаугурација на Стево Пендаровски во собранието. Од ВМРО ДПМНЕ соопштија дека Мицкоски воопшто не добил покана за присуство. Владејачката партија го впери прстот кон Собранието, од каде пак се правдаат дека и досега не било случај да се канат лидери на политички партии доколку немаат пратеничка функција. Освен Мицкоски, на инаугурацијата не присуствуваше и премиерот Зоран Заев кој замина на одмор. На Пендаровски тој му го честиташе изборот преку видео порака.

Официјален Брисел пак ги поздрави пораките на Стево Пендаровски. Евроамбасадорот Самуел Жбогар по средбата со шефот на државата рече дека бил охрабрен од неговите изјави за обединување. Тој му ги пренел честитките од европските челници, кои изразиле подготвеност за многу блиска соработка за европската иднина на земјата.

DW.COM

Реклама