Претседателски избори во Хрватска: Шоу наместо политика | Свет | DW | 21.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Претседателски избори во Хрватска: Шоу наместо политика

Во Хрватска утре се одржува прв круг од претседателските избори, а кој ќе влезе во вториот круг е неизвесно. Но, како и да е, политиката на Хрватска нема многу да се промени.

На хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ никогаш не ѝ се на одмет длабоко емотивни гестови и изрази на национално-патриотски занес. Тие би требало да ја демонстрираат нејзината блискост со народот и безграничната љубов кон земјата. Незаборавни се сликите од Светското фудбалско првенство лани во Русија, кога на светот и публиката дома им се претстави како навивач број еден на националната репрезентација: со насмеано лице во црвено-бел дрес, како и нејзините фудбалери кои играат за државната репрезентација.

Нејзините солзи, кои преплавена од емоции ги лееше во живо пред бројните камери во текот на посетата на Вуковар, до темели разурнат во претходната војна, станаа познати во Хрватска. А својата публика на предизборните митинзи радо ја поздравуваше вака: „Го поздравувам секое срце кое чука за нашата преубава Хрватска и секоја душа која живее за оваа земја!“

Политиката како шоу

Ваквите длабоко емотивни настапи не се само поради актуелната претседателска кампања, смета политичкиот аналитичар Жарко Пуховски во разговор со Дојче веле. „Во текот на својот петгодишен мандат Грабар-Китаровиќ од својата функција направи шоу и бесконечна сапунска опера. Таа од самиот почеток бараше близина со познати личности во Хрватска, како фудбалери, актери или пејачи“, вели Пуховски. Таа само накратко демонстрираше одредена дистанца кон ХДЗ, партија од која доаѓа, но штом сфати дека поддршката ќе ѝ биде потребна за втор мандат, се воздржа од тоа. „Дотолку повеќе таа беше слаба и неуспешна претседателка“, смета Пуховски.

Kroatien Wahl Kandidaten / Präsidentin Kolinda Grabar-Kitarovic bei der WM 2018 (picture-alliance/Sven Simon)

Колинда Грабар-Китаровиќ на Светското фудбалско првенство 2018 година

Изборна борба без програма

Но, Колинда Грабар-Китаровиќ во секој случај не е осамена во својата булеваризација на хрватската политика. И нејзините двајца најизгледни противници се служат радо со слична реторика и симболика. Бившиот премиер Зоран Милановиќ од лево-либералниот спектар зрачи додека се обидува да направи историска рамнотежа меѓу усташите – хрватските фашисти и антифашистичките партизани во текот на Втората светска војна.

А Мирослав Шкоро, кој се обидува да собере поени на десното крило, најавува дека како претседател ќе го помилува еден од осудениците за воени злосторства кои ги извршил во 1990-те години, а кој не се чувствува добро во затвор.

Но, ниеден од споменатите тројца кандидати во текот на кампањата не претстави конзистентна изборна програма. Тие се концентрираат на мобилизација на избирачите преку емоции, а често и со недоволно промислени пароли. Милановиќ, на пример, се претставува како „нормален“, без јасно прецизирање што би требало тоа да значи.

Kroatien Wahl Kandidaten / Zoran Milanovic (picture-alliance/dpa/AP)

Зоран Милановиќ - никој не знае што тој точно застапува

Ограничени овластувања

Тоа секако е поврзано со фактот што функцијата претседател во Хрватска има повеќе репрезентативна улога, вели Пуховски. „Таа може да се спореди со улогата на претседател во Сојузна Република Германија, но со важна разлика: претседателот во Хрватска се избира на избори и со тоа има посилен легитимитет отколку во Германија“, вели политикологот. 

Поради тоа се стекнува впечаток како претседателите во Хрватска да можат да направат повеќе отколку што вистински можат. „Тоа пред пет години го веруваше и Грабар-Китаровиќ и ветуваше чуда, кои всушност не можеше да ги реализира со оглед што оперативната власт е во рацете на владата и премиерот.“ Претседателот номинално е врховен командант на војската, пред се‘ во војна може да именува и сменува генерали и заедно со шефот на владата да именува амбасадори и да ги контролира тајните служби.

Покрај тоа, слично како и во Германија, претседателот може да стави во фокус и да иницира одредени теми и да реагира на нив, активно да се вмеша во јавни дискусии и да даде импулси. Но, Колинда Грабар-Китаровиќ тоа не го правеше во изминатите пет години од мандатот, а тоа го избегнуваат и останатите најизгледни кандидати во актуелната кампања.

„Тие не се ни обидуваат да постават некоја тема или да обликуваат општествена атмосфера, туку многу повеќе прават напори за препознавање постојни теми и, секој од своја перспектива, да настапи како портпарол на она што се бара. Тие не се гледаат себеси како субјекти на едно општество, туку како некој кој зборува во име на нешто или на некого“, истакнува Пуховски. Поради тоа кандидатите постојано ги менуваат своите позиции во надеж да го почувствуваат расположението на мнозинството.

Спорна надворешна политика

Но, уставот на Хрватска на претседателот му дава и одреден степен на автономија во формирањето на надворешната политика. Колинда Грабар-Китаровиќ тоа го искористи во последните пет години. Таа како свое големо достигнување ја гледа т.н. Иницијатива на три мориња. Тоа е обид за етаблирање блиски односи со балтичките земји, земјите кои излегуваат на Црно и на Јадранско Море. Со тоа, барем така мисли претседателката, таа ја извлекла Хрватска од регионот на Балканот и ја позиционирала во централна Европа, што многумина во Хрватска го сметаат за позитивно. „Но, Хрватска така се поврза со најлошите режими на денешницата во западна Европа, во Полска, Унгарија и Словачка“, вели Пуховски.

Дури и во непосредното соседство, Грабар-Китаровиќ не дејствуваше во духот на добрососедските односи. Таа смета дека во Босна и Херцеговина се загрозени интересите на тамошните Хрвати и ја користи секоја прилика за критикување на босанско-муслиманското мнозинство во таа земја.

Kroatien Wahl Kandidaten / Miroslav Skoro Plakat (picture-alliance/dpa/AP/D. Bandic)

„Да му ја вратиме Хрватска на народот“ - изборен плакат на Мирослав Шкоро

Во текот на посетата на Израел, БиХ ја означи за „нестабилна земја“, која „во одредена мерка е под влијание на милитантниот ислам“ и предупреди на опасност од „голем број повратници од Исламска држава“. Но, не посочи докази за тврдењата. Поинаква пак е ситуацијата кога станува збор за односот со бившиот воен непријател, Србија. Во тој поглед таа направи напори кон нормализација, често наспроти противењето од сопствените редови.

Повеќе: 

Хрватите не се иселуваат за корка леб, туку заради подобро општество

„Олуја“- Потребен е простор за паметење и на победата, но и на жртвите

Хрватска: Релативизирање на злосторствата на усташите?

Моќта е на друго место

 На крајот на краиштата, уверен е Пуховски, воопшто не е толку важно кој ќе победи на изборите на 22.12 во Хрватска. Зашто, реалната моќ е во рацете на премиерот Пленковиќ, кој истовремено е претседател на Хрватската демократска заедница, ХДЗ. Оваа партија следната година ќе избира ново раководство, а парламентраните избори се есента 2020 година. 

„Ако Колинда Грабар-Китаровиќ не успее да стигне до втор мандат, тоа ќе го ослабне Пленковиќ“, смета Пуховски. Зашто, таа всушност е „негова" кандидатка.

 

Поврзана содржина

Реклама