1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Женбеков тврди дека ја контролира ситуацијата

ЕМФ | агенции
6 октомври 2020

По безредијата во киргистанскиот главен град Бишкек кои избија по контроверзните парламентарни избори во земјата, киргистанскиот претседател тврди дека ја има состојбата под контрола.

https://p.dw.com/p/3jUHQ
Kirgistan Proteste
Фотографија: Abylai Saralayev/TASS/dpa/picture-alliance

Претседателот на Киргистан, Соронбај Женбеков, се огласи со соопштение во кое тврди дека ја има под контрола ситуацијата во земјата. Шефот на државата „ја контролира ситуацијата и е уверен дека сите политички сили ги стават интересите на земјата пред сопствените интереси“, се вели во соопштението од Претседателскиот кабинет објавено изутринава. Според соопштението, Женбеков бара да не се пука на демонстрантите и „да не се пролева крв“. Освен тоа, тој побарал од Изборната комисија да „ги провери внимателно“ евентуалните неправилности на парламентарните избори и „доколку е неопходно“ да го анулира изборниот резултат, се вели во соопштението.

Kirgistan Ausschreitungen nach Parlamentswahl
Во безредијата се повредени стотици лица, а има и еден загинатФотографија: Nazir Aliyev Tayfur/AA/picture-alliance

Во главниот град Бишкек вчеравечер дојде до големи безредија и судири на демонстрантите со безбедносните сили, во кои се повредени околу 600 лица, а има и еден загинат. Опозициските партии обвинуваат за изборна измама. Во текот на судирите, демонстранти упаднаа во седиштето на владата и во парламентот. Освен тоа, според очевидци, на критичарите на претседателот Женбеков им успеало од затвор да го ослободат поранешниот шеф на државата Алсамбек Атамбајев.

Kirgistan Ausschreitungen nach Parlamentswahl
Демонстранти влегуваат во зградата на ВладатаФотографија: Vladimir Pirogov/Reuters

На снимки објавени на интернет се гледа како 64-годишниот Атамбајев им мавта на своите приврзаници при излегувањето од затворот. Атамбајев беше претседател на Киргистан од 2011 до 2017 година. Откако беше уапсен во август минатата година поради корупција и врски со мафијата, во Киргистан избија жестоки безредија. Приврзаниците на Атамбајев, кој беше осуден на 11 години затвор, сметаат дека постапките против него се политички мотивирани.