Претерана дијагностика и терапија може повеќе да наштетат отколку да лечат | Панорама | DW | 23.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Претерана дијагностика и терапија може повеќе да наштетат отколку да лечат

Постојат бројни причини за претеран број прегледи, операции и други интервенции. Но, и лекарите и пациентите треба да бидат похрабри и да се откажат од некои медицински услуги.

На една млада жена ѝ бил потребен нов рецепт за очила, па посетила очен лекар. Во таа пригода се прави мерење на видното поле, кое е сосем непотребно за првичната цел на посетата. Лекарот открива сосема минимално оштетување на видот кое на пациентката во секојдневието не ѝ прави проблеми, ниту го забележала. Лекарот сепак ја праќа и на магнетна резонанца на главата. На снимката се гледа нејасно задебелување на очниот нерв. Пациентката ја оперираат за да ѝ се земе примерок од ткивото. За време на операцијата доаѓа до крварење во мозокот. Операцијата мора да биде прекината. Како последица на ова, претходно здравата девојка сега има делумна парализа на едната страна – задебелувањето на очниот нерв, ретроспективно се покажало како безопасно.

Зошто се случуваат вакви работи? Одговорот на ова прашање меѓу другото го бара професор Мартин Шерер од Универзитетската клиника Хамбург-Епендорф, лекар по општа медицина и експерт за „прекумерно медицинско згрижување”.

Прекумерно медицинско згрижување - ова прво звучи парадоксално, а се мисли на „претерана“ дијагностика и терапија, во случај кога не помага, кога пациентите не ја сакаат или која може да предизвика штета. „Многу помага многу“ – ова правило не важи секогаш во медицината. „Секоја дијагностика и секоја терапија во принцип може да биде и штетна,“ вели Шерер. Честопати има случајни наоди, при лабораториски анализи или рентген снимки, кои не би биле проблематични и да останат незабележани. Но, ако се откријат, може од здрав човек да направат болен.

Повеќе:

Здравје: Подобро телелекар отколку д-р Гугл

Хомеопатија? Доста со тој „хокус-покус“!

Македонско здравство: Кога најблискиот лекар ти е со километри далеку

Рано откривање на рак на простата: Не сите тумори мора да бидат третирани

Ова е случај и во однос на раното откривање на рак на простата - многу мажи го испитуваат специфичниот антиген за простата, ПСА во крвта – маркер кој во случај на рак на простата е зголемен. Треба ли мажите што е можно почесто да ја испитуваат вредноста на ПСА во крвта за да не му дадат шанса на ракот?

Нештата не се така едноставни. Нема дилема, ракот на простата е потенцијално смртоносно заболување. Но некогаш „расте“ многу бавно, толку бавно што никогаш не доаѓа до степен да претставува опасност за телото. Со ПСА-тест се откриваат и овие безопасни форми, и тоа долго пред да се појават симптомите.

Проблемот е во тоа што и терапијата за рак на простата може да биде ризична. Проблеми со ерекција и инконтинеција се често последица на ваквата операција.

Во бројки тоа изгледа вака: од 10.000 мажи со редовни ПСА-тестови може да се спречат 12 смртни случаи како последица од рак на простата. Кај 340 мажи тестот ги открива безопасните форми и тие се лечат со соодветни нуспојави. Со оглед дека придобивките од тестот не се големи, останува на мажите сами да одлучат дали ќе се тестираат – трошокот е секако на товар на пациентот.

Arzt und Patientin Hautcreme Symbolbild

Не мора секој преглед да завршува со лекови и операции

Германија на врвот со пренагласени интервенции

Има многу примери во медицината во кои средството не е сразмерно на посакуваната цел: на пример кога антибиотици пречесто се препишуваат на воспалено грло и кога воопшто не делуваат против причинителот, најчесто вирус, или пак драматично зголемениот број на операции на ‘рбетот поради болки во грбот кои често може да се третираат и на друг начин..

Тоа не е мал проблем. На прекумерни интервенции отпаѓаат околу 20% од трошоците за здравство во земјите на Организацијата за економска соработка и развој. Германија е тука во врвот. Тука трошоците се околу 40% повисоки од просекот на државите во ЕУ. Со тие пари пак би можеле да се направат многу други корисни нешта.

Причина за прекумерните интервенции е тоа што во германскиот здравствен систем проактивноста се наградува. „Никој не ве плаќа за опширни разговори за лекарско советување”, вели Шерер, претседател на Германското здружение за општа и семејна медицина. Да се направи операција секогаш е поисплатливо отколку да не се прави. Анкета спроведена меѓу шефовите на клиники покажала дека 40% од нив сметаат дека големиот број интервенции се должат на економски расудувања.

Страв од тужби и несигурност

Проблемот не е само во паричниот надомест, туку, според лекарите, голем број прегледи се прават и од страв да не се направи лекарска грешка. Исто така се плашат дека може да бидат тужени доколку не преземат одредена медицинска услуга. Често тоа доаѓа и од незнаење, бидејќи и искусни лекари не секогаш се едуцирани за правните последици на нивните постапки.

Во Хипократовата заклетва е содржано и прекумерното медицинско интервенирање. “Primum non nocere” – прво е битно да не се нанесе штета, се вели во едно од етичките постулати.

Symbolbild Fehlgeburt

Се бара соодветно плаќање на лекарските советувања, со што во иднина може да се избегне да има непотребни интервенции од финансиски причини

„Помалку е повеќе“: Мора да се форсира воздржаност

Шерер бара во медицината да се практикува мотото „помалку е повеќе”. Тука се бара и од лекарите да покажат храброст „да не прават ништо”. Тоа може да чини време и нерви.

И пациентите може да придонесат да има помал број на интервенции. Според мотото „си плаќам придонеси и имам право на соодветен третман” често тие самите заземаат став на такво очекување во разговорот со лекарите. Без инјекција или таблета многумина мислат дека не добиле правилен третман.

Според Шерер, мора да има промена на свеста по сите основи. За тоа да се постигне кај лекарите постојат меѓународни иницијативи, како на пример „choosing wisely” (избери паметно) со која треба да се создаде свест кај медицинскиот персонал што навистина е потребно за третманот на пациентот и што може во дадена ситуација да биде изоставено. Во Германија има директиви (на пр. „Одлучи паметно”) кои служат како помош за лекарите. Во нив, меѓу другото, се бара и соодветно плаќање на лекарските советувања. Така во иднина може да се избегне да има непотребни интервенции од финансиски причини.