Пресудата против Шешељ - целосно фијаско на правдата | Свет | DW | 31.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Пресудата против Шешељ - целосно фијаско на правдата

Војислав Шешељ е слободен човек. Се покажува дека изминатите 13 години од неговото доброволно пријавување во Хаг во 2003 година, се целосно фијаско за меѓународното право и за правдата, смета Драгослав Дедовиќ.

Во пресрет на пресудата, се шпекулираше со висината на казната и се дојде до следната сметка: ако Шешељ добие до 19 години затвор, тој ќе биде слободен човек, зашто сите осуденици се пуштени по издржувањето на две третини од казната. А тој, како што е познато, в затвор помина 11 години. Но сега, како што рече судијата, тој е слободен човек.

Проповедник на омраза

Шешељ беше и остана човек кој шири омраза. Неговото јавно дејствување отсекогаш беше сместено меѓу навреди на другите етнички групи и политички артикулирана омраза кон се‘ друго и поразлично. Нема сомнеж, тој од морален, па и политички смисол, подготвуваше „етничко чистење“ и до денешен ден е еден од најголемите заговорници на „Голема Србија“. Без оглед на се‘, тој е ослободен од сите обвиненија. Зошто?

Едноставно, тој не беше обвинет за ширење меѓуетничка или верска омраза, бидејќи меѓународното право едноставно не е на тој степен. Наместо тоа, недоследното и недоволно професионално обвинителство се обиде да ја докаже неговата директна одговорност за злосторства против човечноста во Хрватска, Босна и Херцеговина и Војводина. Сега се покажува оти изминатите 13 години од неговото доброволно пријавување во Хаг во 2003 година, се целосно фијаско за меѓународното право и за правдата.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App

Драгослав Дедовиќ

Сите кои го следеа процесот тоа можеа да го насетат во многуте негови фази, но целосно очигледно стана кога во 2014 година речиси го исфрлија од Хашкиот трибунал, потајно надевајќи се да не го видат никогаш повеќе, со оглед што беше тешко заболен од рак. Тоа го направија без никакви обврски Белград по потреба да го испрати повторно во Хаг, факт што го покажува необичното задоволство што конечно му го видоа грбот.

Шешељ во меѓувреме е исклучително витален во предизборната кампања. Хаг е една од централните точки во неговата предизборна стратегија. Имено, на билбордите во Србија под неговиот лик има еден единствен збор: „Победник!“. А сега и судијата во Хаг тоа го прогласи за валидно. Шешељ и натаму има само погрдни зборови за местото во кое помина 11 години, а тоа во Србија, разбирливо, му ја зголемува популарноста.

Добитници...

Освен Српската радикална партија и тој лично, ќе се радуваат и угледните пријатели на Шешељ од светот, како Жан-Мари Ле Пен и Владимир Жириновски. Гласно негодување, но и потајна радост поради политичката шанса, ќе доаѓа од круговите на хрватските националисти, но и од некои делови во БиХ. Оваа пресуда е доказ на нивната теза дека Србија не е променета и дека само, како змијата нозете, ја крие својата големосрпска агенда. Со тоа, дури и толку години по војната, од српско-хрватските односи може да се исцеди политички профит.

Исто така прикриено ќе се радуваат и Александар Вучиќ и Томислав Николиќ, иако нивните официјални реакции ќе се задржат во рамките на мудрата државничка дистанца. Имено, откако конвертираа во „Европејци“, ним Шешељ им служи како крунски доказ дека во десниот спектар нивниот „цивилизиран национализам“ нема алтернатива.

и губитници...

Оние кои на сопствена кожа го почувствуваа остварувањето на Шешељевите упатства за омраза, јасно дека нема да имаат разбирање за ваквиот правен развој на настаните. Како на семејствата на жртвите на „Белите орли“ да им се објаснат финесите на меѓународното право и големината на дупките во него?

Во меѓувреме, светот има многу покрупни грижи. Агресивниот политички циркузант Војислав Шешељ, кој осцилира меѓу забавувачката надареност и бескрајната бруталност, веќе нема да настапува на хашката сцена. Србија и регионот повторно го примија во свои раце како врел компир, а пресудата против Шешељ, и покрај можноста од поинаков исход на второстепено ниво, полека се сели во стечајната маса на лошиот суд. Можеби на некои од нас тоа не им влегува во глава, но всушност, уште од средниот век ни е познато: божицата на правдата Јустиција има врзани очи.

Реклама