Пресудата за Караџиќ - задоцнета правда | Свет | DW | 25.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Пресудата за Караџиќ - задоцнета правда

Виновен - во согласност со обвинението: процесот против Радован Караџиќ заврши со изречена висока затворска казна. За жртвите без сомнение, сатисфакција, но соочување со минатото во БиХ уште нема, смета Аделхајд Фајлке.

Пресудата против Радован Караџиќ е изречена: виновен е по десет од 11 точки на обвинението, меѓу нив за геноцид, депортација, земање заложници, убиства, терор... Бившиот претседател на босанските Срби за личната одговорност во тие злосторства доби 40 години затвор. Тоа е очекувана пресуда, но со огромни димензии.

Со оваа пресуда завршува процесот, кој според бројни мислења беше обележан со суперлативи: Караџиќ е најважен обвинет и прв висок по ранг политичар во еден од најскапите процеси за најголемото злоссторство во Европа по холокаустот.

За бројните жртви на воените злосторства во Босна и Херцеговина тоа беше важен ден. Станува збор за сатисфакција, за победа на правото над злосторството. Секако, Караџиќ може да поднесе жалба, тој веројатно тоа и ќе го направи.

Без оглед на тоа, пресудата е несомнено важен момент за меѓународното правосудство, таа е победа на меѓународното право над воените злосторства. Непосредно пред завршувањето на својата работа и по бројни промашувања, Трибуналот за злосторства на просторите на бивша Југославија сега ја докажа индивидуалната одговорност на една од најважните и најодговорните политички фигури.

Кога по 163 случаи ќе заврши работата на Трибуналот, тој со сите свои слабости останува голем исчекор на патот кон спроведување на меѓународните стандарди во поглед на човековите права и правното процесуирање на повредите на тие права. Судот со пресудата против Караџиќ постави стандарди: ниеден воен злосторник веќе не би смеел да се чувствува сигурен додека ги погазува човековите права и меѓународното право; ниеден одговорен не смее да се крие зад тврдењето дека не знаел за делата на своите подредени.

Духовите на минатото уште се присутни

Сепак, и покрај напредокот во правен смисол кога станува збор за вината на воените злосторници, соочувањето со минатото во бившите воени подрачја е сосем друга работа. Дваесет години по стапувањето во сила на Дејтонскиот договор, помирувањето меѓу некогашните судрени страни тешко дека напредуваше. Духовите на минатото уште се присутни. Тоа повторно стана јасно во случајот на пресудата на Караџиќ: во пресрет на нејзиното изрекување се позиционираа старите табори. Притоа е јасно видлива и сеуште длабоката поделба во различните нации во БиХ.

Во неделата претседателот на Република Српска Милорад Додик на Пале демонстративно предаде во употреба студентски дом наречен според Радован Караџиќ. Каков сигнал би требало да испрати ваквиот вид солидарност - сигурно не помирлив ни за српските, ни за бошњачките, ниту за хрватските граѓани. Таа акција се вклопува во севкупната, нималку исполнета со надеж слика на поделба, потиснување на вината и величање на воени херои.

Бесните протести на следбениците на Караџиќ по изрекувањето на пресудата однапред беа програмирани. Оние кои ја доведуваат во прашање легитимноста на судот, се сомневаат во пресудата и неретко ги повторуваат стереотипите од војната за кои се веруваше дека се одамна надминати. Притоа, сатисфакцијата која пресудата им ја пружа на жртвите, ним им служи само како потврда на сопствените ставови.

Соочување со минатото - задача за граѓаните

Во деновите како оној кога е изречена пресудата станува јасно: граѓаните од различни нации во БиХ денес уште со километри се далеку од заедништво, од заеднички идентитет и заедничка држава. Децата одат во училишта во етнички одвоени одделенија, нема заеднички учебници по историја, нема заедничко соочување со минатото. Поделените медиуми на луѓето им ја потврдуваат само нивната сопствена вистина, наместо да ги повикуваат да размислат околу својата перспектива.

Пресудата против Караџиќ е завршна и важна точка во правниот аспект на соочувањето со минатото, но во општествен поглед, тоа соочување мораат да го направат самите граѓани. Само со искрен, понекогаш болен однос на сите граѓани кон тешкото минато, БиХ може да изгради заедничка иднина.

Караџиќ припаѓа на трауматската историја на земјата. Неговата идеологија и неговите дела не соодветствуваат на модерна Босна и Херцеговина која сака да стане дел од демократска Европа, околу што всушност би требало да можат да се обединат сите граѓани!

Образложението на пресудата врз база на меѓународното право тоа го покажа повеќе од јасно.

Реклама