Преспански Рамковен Договор | Северна Македонија | DW | 07.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Преспански Рамковен Договор

Проблемот не е во залакот што треба да се проголта, колку што е во нечистата рака која го нуди. Колумна на Арсим Зеколи.

Во очекување на изнуденото „пеке“ или екстензијата на агонијата преку летна пауза за регрупирање во спорот за името, јавноста во земјата останува поделена по линија на бенефитите и катаклизмите кои неминовно ќе уследат, но според променливи улоги. Доколку ја биде, за едните ќе биде влез во ЕУ-харем, за другите сулфур и оган на пеколот. И обратно, доколку не ја биде – за едните тоа ќе биде ѓаволска работа, за другите доказ на моќта на „народот“. Перверзното во ситуацијата е што во некоја скриена одаја на потствеста, и двете страни кришум се подготвуваат за вадење профит од глумење ранети јунаци од таписериите за Косово Поле. 

Сѐ што имаше да се каже за бенефитите од разрешување на спорот со името е веќе кажано и проџвакано. А како ќе оди голтањето, сепак ќе треба да се почека. Бидејќи колку и да се фактички неспорни аргументите на кампот „за“, проблемот не е во залакот кој треба да се проголта, колку што е во нечистата рака која го нуди. Рационалната аргументација на овој камп е соодветно парирана од емоционалната наратива на кампот „не“ како блуткава реминисценција на веќе видените сценарија од северот, но надградени со уште полоши последици. Сред таквата поделба на улоги, оптоварени со провиден клиентелистички оптимизам и самоугоден протекционистички песимизам, она што се губи и ништи низ дебатата е реалното согледување на практичните ефекти од заокружувањето или одлагањето на преговорите. Велам, одлагање, бидејќи колку и да се популарни „мачо“-аргументите на оние кои повикуваат на прекин на истите, таквиот чекор не подразбира и крај на спорот. Напротив, прекинот од наша страна е политички поен плус на конто на Грција, што е дури помалиот нус-ефект по нас, доколку се спореди со клучната последица во форма на интернизирање на собраната негативна енергија која досега овака-ил-онака беше канализирана кон спорот. Прекинот на преговорите автоматски таа негативна енергија ќе ја насочи кон внатрешните ендемски и латентни судири, сега веќе мултиплицирани до бескрај. 

Во полза на мирот и за помен на демократијата

Поуките за Македонија независно од епилогот на преговорите тешко дека ќе ги најдеме во теориските „што би било кога би било“ иднини, проектирани низ тесногради интереси. Најблиската и најпозната, сепак, аналогија на евентуалниот Преспански Рамковен Договор помеѓу Македонија и Грција ќе го најдеме во духовно и географски блискиот Охридски Рамковен Договор. Впрочем, не дека ОРД и онака веќе нема длабоко влијаено во замислата и креацијата на ПРД (без зла намера иницијализирано!), па дури и сличностите на околностите на нивниот зародиш. И двата договора доаѓаат по драматични ескалации предизвикани од децениски опортунизми. И двата договора се оптоварени од факторот итност за сметка на дологорочна одржливост. Како првиот, така и другиот договор се составени низ фаворизирање на решавање на епизодност без премногу обѕир за контекстуалноста. И на крај, според сѐ судејќи, имплементацијата на обата Договора ќе води кон цементирање на уште една рунда на транс-партиска стабилократија во полза на мирот и за помен на демократијата.

Би се осмелил да кажам дека паралелната поврзаност на двата Договора е повеќе новина за нас, отколку што е за преговарачите од Атина. Кои, чинам, поучени од широко аплицираните парсинзи, еквилибристики и кукавички јајца подметнати за време на составувањето на ОРД (од страна на архео-правниците на Јустинијан I Илирски), сега тврдокорно и упорно настојуваат да спречат каква било слична пост-фестум реприза на нивна сметка. Што и ја објаснува тактиката на Коѕијас полна со слатки зборови кон „северниот сосед”, запечатени со тврдо инсистирање сето тоа да се запечати црно-на-бело по секоја спорна ставка на дискусија. Чисто, за утре да не испадне повторно дека Рамковниот ветува, но не дава; овозможува, но спречува; де јуре унапредува, но де факто уназадува. Здрава скепса која ја објаснува и внимателната дистанца на Атина од САД и ЕУ и нивните совети и гаранции, кои претходно токму врз ОРД се докажаа како растегливи мастики за џвакање подложни на дневнополитички авантури и цинизми на домашните евро-американски дипломати. Накусо, шекспировски кажано, триумфот на македонските архео-правници од Охрид е семето на поразот сервирано од грчките футуро-дипломати низ Преспанскиот Рамковен Договор.

Правничките сличности се надополнуваат со политичките меморабилии. Итноста и утилитарноста ги диктираа(т) и двата процеса на усогласување на ставовите. Во случајот на ОРД, итноста и утилитарноста беа диктирани од желбата на Командант Али Ахмети час поскоро да се симне од Шипковица и стане Хашим Тачи на Македонија. Желба на еден емигрант која не сакаше ни да слушне за опомените, предупредувањата и советите на албанските преговарачи дека не треба да се брза, дека Договорот е непрецизен и полн со недоречености. Беа потребни години за истите преговарачи – и сите Албанци – ја разберат дихотомијата која им ја запечати судбината. Дека нивнта желба за цементирање на правата на Албанците беше неспоредливо помала од желбата на Али да стане Бос, а неговите Команданти - хунта на криминалот со македонска позадина и евро-американка адвокатура.

Други колумни на авторот:

Арсен Вели, Erga Omnes За Сѐ!

Кога Зоки го сретна Мицко

Сметам дека за македонската верзија на таа итност и утилитарност во пристапот кон спорот со Грција нема потреба – при здрави очи и уши - да трошам премногу време и аргументација. Останувам цврсто на ставот дека решителноста на Заев по децении бегање од ринг да се справи со спорот е главниот „ќут бе таму!“ аргумент упатен кон ВМРО-ДПМНЕ и нео-балван галамџиите. Но исто така ценам дека е контрапродуктивно истиот да биде поштеден од повеќе од заслужените критики (па и сомнежи) за неговите егзибиции во регионализација на спорот, некохерентност во ставови, па сѐ до толерирањето на веќе очигледните и моно-етно-оптоварени дипломатски солирања на неговата екипа. Што, сума сумарум, доведе до тивко и премолчано изместување на приоритетите во решавањето на спорот. При што мотивите за решавање на истиот добиваат предност над името, идентитетот или употребната формула. Заев, а не неговите дипломатски солисти, ќе ја сноси одговорноста за опасноста од ескалација на решавањето на спорот во низа (не)предвидливи гремлински нови спорови, изродени токму од итањето или тесноградата утилитарност. Конкретно, изјавите на политичарите од Неа Демократија за иднината на сувереноста и независноста на Македонија (како и други пораки од соседството) ја отсликувааат реалноста во создавање дека терминот „затворање на спорот со името“ не е ништо повеќе од политичка апстракција, доколку фокусот на легалистиката не е комплементирана со духот на договореното. Ви звучи познато, веќе слушнато? На охридски дијалект? 

Коска в грло

Големата предност на Заев во односот кон спорот е колку негова заслуга, толку и дар од неговите опоненти заглавени во емотикон-улога на наизменични хистерични подбивања и депресивни плачења. Парадоксално, но сосема типично за балканите, инаку солидните и реални аргументи во полза на одбраната на името се девалвираат токму низ нивната високооктанска драматичност и патетика лишена од рационално согледување на последиците и нивната елаборација која би можела да стане коска в грло како на Заев, така и на неговите поддржувачи.        

Опседнати со популистичкиот занес во „одбрана на името“, опоненцата на Заев нема премногу сенс или визија за согледување на реал-политичките добивки и последици на разрешницата. Иако, повторно според ОРД-калапот, сосема лесно може да се случи токму тие извршно да профитираат од законодавмиот потпис на Заев врз ПРД. За волја на вистината, сувопарноста на Мицкоски и молкот на неговиот диско-партнер Мијалков, оставаат простор за размисла дека таа опција и не е сосема вон нивните мисли. Што е сосема логично, доколку се земе предвид леснотијата на дилемата  - дали е попаметно да плачеш врз непатриотски ПРД или пак да си добиеш чест да си продолжиш таму каде што го имаш сопрено Заев? Вмровски кажано – од самиот Сизифовски почеток, буквално со камен по своја глава.

Реклама