Преспанскиот договор е историски исчекор | Северна Македонија | DW | 01.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Преспанскиот договор е историски исчекор

Придобивките од Договорот од Преспа и поуките за регионот и Европа беа главните теми на конференцијата која во Скопје ја организираше магазинот „Економист“. Повик до ЕУ да го почитува ветеното.

Nordmazedonien Westbalkangipfel in Skopje Zoran Zaev, Alexis Tsipras und Martin Schulz (DW/P. Stojanovski)

Зоран Заев, Алексис Ципрас и Мартин Шулц на конференцијата во Скопје

Скопје и Атина се ослободија од оковите, порача поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас од конференцијата во Скопје на која се разговараше за значењето на Преспанскиот договор и иднината на регионот. Серија говорници, меѓу нив и поранешниот претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц и поранешниот американски помошник државен секретар, Вес Мичел , говореа за историското значење на договорот.

Критиките од говорниците претежно беа насочени кон ЕУ и нејзината неодлучност во односите со земјите од Западниот Балкан. Во тие критики предничеше Шулц, кој го обвини Советот на лидери на ЕУ дека носи тактички одлуки на штета на интересите на ЕУ и на земјите кои се надеваат на членство.

Nordmazedonien Westbalkangipfel in Skopje (DW/P. Stojanovski)

Во Скопје критики поради неодлучноста на ЕУ

„Доколку зборуваме дали ЕУ ќе одобри датум за преговори на 15 октомври, можам само да ви кажам дека не знам. Но сакам да подвлечам линија меѓу посветеноста на овие двајца луѓе (алудирајќи на Заев и Ципрас), со тактичките игри кои секогаш се играат во Советот на ЕУ. Бундестагот испрати многу силен сигнал, но не е сигурно што ќе речат други парламенти, јас не можам да ви гарантирам“, рече Шулц. Германскиот политичар смета дека е потребно проширување на ЕУ и отворање преговори, но вели дека не може да дава гаранции, иако е убеден дека ако тоа не се случи ЕУ ќе го загуби кредибилитетот. Сепак, по позитивниот сигнал од германскиот Бундестаг и Франција, Шулц се надева дека С. Македонија ќе го добие посакуваниот датум.

Ципрас смета дека ЕУ треба да одобри датум за преговори на следниот состанок „затоа што С. Македонија докажа дека е кредибилен партнер.“

Nordmazedonien Westbalkangipfel in Skopje Alexis Tsipras (DW/P. Stojanovski)

Алексис Ципрас: Скопје и Атина се ослободија од оковите

Американскиот дипломат Мичел повеќе се концентрираше на влијанието на Русија и Кина во регионот, предупредувајќи на опасноста од нив и опишувајќи ги како „империи од минатиот век“.

„Иднината која на регионот му ја носат Кина и Русија е онаа на зависност и експлоатација“, порача Мичел, оценувајќи дека реалноста на Балканот е таква што „постојат делови од регионот кои се оддалечуваат од Западот.“ Тој повика на засилен дипломатски ангажман на САД и ЕУ во регионот, но ги отфрли критиките дека неговата земја во еден период заборавила на Балканот, објаснувајќи дека фокусот повеќе бил насочен кон Блискиот исток.

Премиерот Заев одбегна директно да го критикува ангажманот на Русија и Кина на Балканот, посочувајќи дека за С. Македонија нема алтернатива за НАТО и ЕУ, но и дека „земјата мора да ја зголеми соработката со целиот свет, затоа што им носи подобар живот на нашите граѓани.“

„Ние сме очајни за поголеми инвестиции во инфаструктура“, рече Заев. Преспанскиот договор, Заев го оцени како една од „најдобрите вести“ кои ги донела неговата влада.

За Мартин Шулц „Преспа е историски чекор и историско постигнување на двајцата лидери.
„Тие сторија нешто што недостасува насекаде во светот и особено во ЕУ. Да бидеш храбар, ако треба да ја ризикуваш и својата позиција за доброто на граѓаните“, рече Шулц.

DW.COM

Реклама