Преплавени со ризици од поплави | Северна Македонија | DW | 24.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Преплавени со ризици од поплави

Организирање на превентивен одговор на поплави е комплексен и скап предизвик не само кај нас туку очигледно и во најразвиените држави членки на ЕУ, но последиците од немање на таков систем се повеќекратно поскапи.

Катастрофалните поплави во Германија и Белгија и донекаде во Холандија се лекција која треба итно да се научи и многу повеќе да се стори по однос на пресретнување на слични ризици и настани кај нас. 

Не многу одамна имавме поплави со загубени човечки животи и сериозна материјална штета во Полошкиот и Скопскиот плански регион, а претходно и во Пелагонискиот. Во споредба со другите седум плански региони, сепак фреквенцијата на поплави е највисока во Полог, каде магнитудата на последици беше резултат на некомплетни, отсутни или несоодветни инфраструктурни и институционални мерки за одбрана од поплави. Последниот аспект е најкритичен поради потфрлањето на механизмите за комуникација и координација во момент на кризна состојба и ограничена свест и подготвеност на населението да реагира при вакви настани.  

На овие негативни состојби, не само во Полошкиот регион, се надоврзува и континуираното намалување на шумската покривка, несоодветните практики за користење на природните ресурси, недостатокот на инвестиции, и несоодветното урбанистичко планирање кое резултира со постоење на формални и неформални градби и живеалишта особено на социјално најранливите семејства во критични зони. Ризиците од поплави се зголемуваат поради климатските промени. Изминатите пет години се најтопли на планетата откако постојат институционални податоци, резултирајќи со зголемена фреквенција на екстремни дождови. 

Суштински пробив на овој план кај нас, во моментов се прави со значајни финансиски средства на Швајцарската Конфедерација преку проект спроведуван од УНДП за пресретнување на ризиците од поплави во Полошкиот регион и овој пристап може да претставува модел за другите региони во државата. 

Сериозни ризици од поплави и поради дезинтегрирано управување со водите

Управувањето со ризици од поплави е значаен сегмент на интегралното управување со водите. На ова се надоврзува и потребата од поефикасен систем за заштита и спасување на граѓани и добра како сегмент на интегрирано управување со кризи. Овие надлежности се споделени помеѓу државата и општините. 

Други колумни од Тони Поповски:

-Градот убав никна, чекаме да процвета

-Послушајте патриоти, да ви кажам словото

-Граѓани, селектори и репрезентации

Во контекст на пресретнување на ризиците од поплави неопходно е планските региони и општините да имаат соодветни планови чиј интегрален дел треба да бидат студии за моделирање на ризикот од поплави. Потоа согласно со Рамковната директива на ЕУ за водите и Директивата за поплави, овие плански документи треба да се интегрираат во Плановите за управување со речен слив.  Двете директиви се до одреден степен транспонирани во нашиот Закон за водите, но за жал до овој момент немаме донесено ниту еден интегрален план за управување со води на ниво на речен слив, иако веќе подолго време неколку планови вклучувајќи го и клучниот за сливот на реката Вардар се во завршна фаза на подготовка.

Со законот од поодамна е уредена обврската за подготовка на планови за адресирање на штетното дејство на водите од страна на општините но надлежното министерство сеуште нема пропишано соодветна Методологија. Последица е дезинтегрираниот пристап во управување со водите кој понатаму генерира низа други последици. 

Дали може да создадеме ефикасен систем за пресретнување на ризици од поплави?

Организирање на превентивен одговор на поплави е комплексен и скап предизвик не само кај нас туку очигледно и во најразвиените држави членки на ЕУ, но последиците од немање на таков систем се повеќекратно поскапи. 

Прв стандарден чекор е да се изгенерираат карти кои се компатибилни со различни ГИС платформи и кои можат да бидат искористени за предвидување различни сценарија на поплави, подржувајќи го притоа процесот на проценка на ризици од поплавите и планирањето и спроведувањето на соодветни мерки и активности за управување со ризиците. Тоа што медиумите и јавноста кај нас пропуштаат да го одбележат е стратешки исклучително значајната активност на Агенцијата за катастар на недвижности за подготовка на дигитален модел на теренот (LIDAR) за целата територија на државата, како предуслов да се подготват целисходни карти. Нареден чекор е да се подготват студии за управување со нанос во речниот слив со мапи на поголеми, а со тоа и поризични свлечишта како и други закани од ерозија. Паралелно со овие активности треба да се развива функционална мрежа на метеоролошки и хидролошки станици која со исклучок на Полошкиот регион каде од неодамна е обновена, во остатокот од државата е застарена, најмногу поради недостаток на насочени инвестиции. Токму оваа мрежа е основниот елемент на системот на рано предупредување, покрај неопходните дополнителни  инвестиции во софтверски апликации, хардвер и обуки за лица кои би управувале со овој систем. За целосно и ефикасно функционирање на системот за рано предупредување мора да се зголеми интероперабилноста, во прв ред на Управата за хидро-метеоролошки работи и Центарот за управување со кризи, а потоа и надолу во општините со цел да се обезбеди ефикасен првичен одговор на силите за заштита и спасување, комуналните претпријатија и територијалните противпожарни единици, но и на населението. Целиот овој систем треба да е заснован на јасни и претходно тестирани оперативни процедури и протоколи за итни ситуации. Во овој контекст крупен предизвик се „недоразбирањата" помеѓу Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и отсуството на ефикасна и ефективна координација. 

Една умна држава би пристапила и кон пософистицирана подготовка на урбанистичките планови преку инкорпорирање на решенија за зголемување на отпорноста и намалување на ризиците од природни катастрофи. Надоврзано на ова и потребата од планирање и навремено инвестирање во инфраструктура и зафати со кои би се спречиле поголеми последици од речни но и поројни поплави вклучувајќи и соодветно управување со отпадот. Овие инвестиции со сегашниот степен на фискална децентрализација се тешко остварливи доколку постои очекување да бидат мобилизирани и реализирани само од страна на општините, а од инвестициските планови на државата гледаме дека не се земени предвид како приоритет, донекаде со исклучок на унапредувањето на системите за наводнување на обработливите земјоделски површини. 

Би сакал да видам барем збор - два и за овие предизвици во програмите на кандидатките и кандидатите за претстојните локални избори.  Секако, неопходни се финансиски средства, но ова е далеку пооправдана инвестиција од таа во споменици, фасади и сличен луксуз во услови кога недостасува основна инфраструктура, а особено онаа која превенира загуба на човечки животи и голема материјална штета. Кога сме до оправданите инвестиции со повеќекратни ефекти, практиките во ЕУ укажуваат на потребата од транзиција кон „град сунѓер“ со доволно зелени површини и кровови кои можат да апсорбираат „нормални“, но и поекстремни врнежи. Понатаму, неконтролираната и девијантна сеча на дрва како директен причинител на опасни ерозивни процеси, се пресретнува со ограничувања и доследен надзор, но и со микро – општински програми за енергетска ефикасност особено на домаќинствата во рурални населени места каде греењето на дрва е најприсутно и огревното дрво се црпи од непосредната околина. 

Последен, но не помалку значаен елемент на еден функционален систем за управување со ризици од поплави која недостасува кај нас е воведувањето на стабилни и одржливи модели на долгорочно финансирање на овие ризици вклучувајќи механизми за трансфер на ризик на ниво на општина, регионално и национално ниво. 

Гледај видео 01:55

Огромни последици од невремето

Кога потфрла државата, не мора општините да бидат пасивни набљудувачи

Додека чекаме на посилна системска активност и инвестиции од државата, општините не смеат да бидат пасивни и пожелно е да пристапат кон формирање на заеднички работни тела како на пример воспоставената „Мрежа за отпорен и заштитен Полог", формирана како облик на меѓуопштинска соработка со одлуки на советите на 9-те општини од регионот во јули, 2018 година. Препорачливо е  да се иницира и создавање на заедничка администрација за управување со води на ниво на плански регион. Потврда за ова повторно доаѓа од општините во Полошкиот регион, каде во моментов нема ниту едно пополнето работно место со целодневни задолженија поврзани со управување со водите вклучувајќи ги и ризиците од поплави. Ова е крупен дефицит и индикатор на безмалку целосно запоставување на проблематиката и нејзино потценување на локално ниво. 

Само низ вакви меѓуопштински тела и административни единици, може посериозно да се адресираат приоритетни прашања и да се иницираат мерки и активности кои се од заеднички интерес во извршувањето на надлежностите за управување со ризици од поплави и интегрално управување со водите. Токму овие тела, заедно со подрачните единици на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, треба да одиграат клучна улога за јакнење на капацитетите на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор за соработка и координација во спроведувањето на надлежностите и да ги поттикнат сите чинители во локалните заедници, активно да учествуваат во работата на локалните институции околу овие приоритетни прашања.