Премиера во Меѓународниот кривичен суд | Свет | DW | 22.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Премиера во Меѓународниот кривичен суд

Во Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг е отворен првиот процес за воени злосторства во кои нема човечки жртви.

Исламистичката терористичка група „Ансар Дине“ во јули 2012 година во малискиот град Тимбукту уништи верски објекти кои беа дел од Светското културно наследство. Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Ден Хаг на ова гледа како на воено злосторство. Водачот на терористите Ахмад Ал Факи Ал Махди денеска ја призна својата вина пред Судот за уништување на мавзолеите.

Овој судски процес е невообичаен за МКС, со оглед на тоа што Судот досега се занимаваше само со злосторства во кои има човечки жртви.

„Овој процес е премиерен од многу аспекти. Тој е прв процес кој се занимава со Мали, првпат еден обвинет се изјаснува за виновен и првпат предмет на процесот е уништување на културни споменици како воено злосторство“, вели за ДВ портпаролката на Судот, Ориан Маје.

Обвинителството смета дека процесот ќе биде брз. Пресудата се очекува по само една недела. Обвинителите сѐ уште немаат побарано висина на казната, но Ал Махди е соочен со повеќегодишна затворска казна.

Суд само за Африка?

Осанатите процеси пред МКС вообичаено не се одвиваат така едноставно. Годинава и лани мораа да бидат запрени два процеса против политичари од Кенија. Официјално - поради недостиг на докази. Судиите, избрани од земјите членки на Судот, досега затворија 14 случаи, а само два завршија правосилно со затворски казни. Во тек се 31 процеси. Најголем дел од обвинетите досега беа Африканци од различни конфликтни региони, од Конго преку Судан до Либија. Министерката за надворешни работи на Руанда, Луиз Мушикивабо, уште на почетокот на годинава за ДВ рече дека Судот без сомневање „е создаден исклучиво“ за Африканци. „Судот главно се користи од страна на Европа за да се манипулира со африканската политика. Има ли белец осуден од страна на Судот? Сакате да ми кажете дека во земји каде луѓето имата посветла боја на кожата нема злосторства?“, се пожали Мушикивабо. Руанда, инаку, не е членка на МКС.

Mali Timbuktu Weltkulturerbe Zerstörung AKTUELLES BILD

Мавзолеј во Тимбукту уништен од страна на исламистите во јули 2012 година

Надлежен само за земјите членки

МКС во моментов има 124 членки, од кои една четвртина се држави од Африка. Судиите на МКС можат да им судат само на државјани на земјите кои го ратификувале Статутот на Судот. Многу важни држави, како САД, Русија или Кина, го отфрлаат Судот. Многу земји кои се вмешани во конфликти, како Израел, Ирак или Сирија исто така немаат потпишано или ратификувано договор со МКС. „Судот се грижи за сите злосторства ширум светот. Кога се вели дека Судот се фокусира само на Арика, тогаш работите се гледаат низ погрешна призма. Досега се концентриравме на злосторствата врз африкански жртви. Тоа е разликата. Освен тоа, во тек се истражни постапки за процес во Грузија и има предистражни постапки за други случаи ширум светот“, нагласува портпаролката на МКС, Ориан Маје. Главната обвинителка на Судот, Фату Бенсуда, води истраги и за Ирак, Венецуела или Авганистан, но досега нема доволно основа за отворање судски процеси.

Слаби правни системи во делови на Африка

Има многу причини зошто МКС се занимава главно со Африка, вели Елизе Кеплер од организацијата за човекови права „Хјуман Рајтс Воч“. Тоа има помалку врска со расизам, а повеќе со фактот дека многу од конфликтите во кои има тешки злосторства против човештвото се одвиваат во Африка. Освен тоа, и правните системи во Африка се слаби. „МКС можеби има свои проблеми, но во отсуство на способни национални судови, МКС останува единствен начин пред лицето на правдата за своите дела да бидат изведени и високи функционери“, потенцира Кеплер.

Реклама