Преку пет илјади нови случаи на Ковид-19 во Германија, кризна средба кај Меркел | Информации и анализи за Германија | DW | 14.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Преку пет илјади нови случаи на Ковид-19 во Германија, кризна средба кај Меркел

Првпат од април, во Германија се регистрирани повеќе од 5.000 новоинфицирани за 24 часа. Канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери се среќаваат денеска во Берлин заради координација околу идните мерки.

Институтот Роберт Кох соопшти дека за последните 24 часа бројот на новорегистрирани инфекции со коронавирус изнесува 5132, преку илјада повеќе во споредба со претходниот ден. Толку високи како актуелните, бројките беа во средината на април. Меѓутоа, состојбата сепак не е споредбена, зашто во меѓувреме тестирањето е интензивирано, а со тоа се откриваат и повеќе инфекции. Институтот во својот дневен извештај ја истакнува сериозноста на ситуацијата и повикува: „Во моментов се констатира забрзано заразување на населението, поради што упатуваме апел за ангажман на целото население во заштитата од инфекцијата."

Уделот на случаи на Ковид-19 кај постарото население бележи благ пораст, а сениорите по правило се поподложни на потешка форма на заболување од помладите.

Повеќе:

Бројот на заразени со коронавирус во Германија постојано се зголемува

Корона: Без маска? 150 евра казна!

Во корона-пандемијата потребен е повеќе здрав разум

Теорија на заговор: КјуАнон во подем

Иако бројот на пациенти на одделенијата за интензивна нега во изминатите неколку дена видно порасна, тој и понатаму останува релативно низок. Според официјалниот ДИВИ регистар, вчера од Ковид-19 на интензивен медицински третман биле околу 620 пациенти, додека една недела порано – 450. Во земјата има преку 9.000 слободни кревети за интензивна нега.

Според статистиката на Институтот Роберт Кох , од почетокот на корона-кризата во Германија е потврдена инфекција со вирусот Сарс-КоВ-2 кај најмалку 334.585 лица, бројот на смртни случаи изнесува 9677, а проценките се дека околу 281.000 лица се излекувани.

Советување кај Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на 16-те сојузни покраини попладне ќе одржат советување околу напнатата пандемиска состојба. Државното и покраинските раководства се конфронтирани со растечка критика поради анти-корона мерките, расте незадоволството поради забраните за преноќување за граѓани од корона-кризните подрачја во хотелите на повеќе покраини на прагот на есенскиот распуст на учениците, како и барањата за унифицирана корона-регулатива во земјата. На состанокот кај Меркел ќе биде направен обид за усогласување околу единствени правила за сите покраини, иако засега ставовите на покраинските премиери драстично се разијдуваат. За разлика од претходниот пат, денеска советувањата нема да се одвиваат преку видео-конференција, туку Меркел ги повика учесниците во својот кабинет.

Реклама