Преку Гоце Делчев кон ЕУ | Северна Македонија | DW | 07.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Преку Гоце Делчев кон ЕУ

Историјата натаму останува жешка тема во Софија пред очекуваниот датум за преговори на Северна Македонија со ЕУ. Нема надеж дека Комисијата брзо ќе ги затвори спорните прашања

Зеленото светло за НАТО и очекуваната одлука за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ, влијае и на позициите на историчарите во заедничката Комисија, оцени во разговор за Бугарското национално радио, Ангел Димитров, бугарскиот копретседател на заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања.

„Гледам консолидација на позициите на нашите колеги, што не е диктирано исклучиво од професионални мотиви. Постои враќање на стар став дека ете,  гледате оти Бугарите нè сакаат и тие ќе ни помогнат, а ние ќе го направиме она што го сакаме. Секако, тоа нема да се случи, барем не во заедничката Комисија ", изјави тој во програмата „Хоризонт“.

По претходната седница на Комисијата, која беше оценета како најнеплодна, Димитров не очекува „којзнае што“ од следниот состанок на 14 октомври.

„Треба да се ослободиме од прекумерните очекувања за брзи резултати во едно општество, каде четири поколенија биле моделирани на начин што е неприфатлив за нас. Две години по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство, очекуваме распукување на таа обвивка што ги задржа во таква содржина на национална македонистичка егзалтираност. Тоа е на повидок, но мислам дека треба да бидеме малку повнимателни во нашите очекувања за да ги постигнеме очекуваните резултати од договорот“, рече Димитров. Притоа порачува дека колегите треба да разберат дека не се општествените ставови тие што треба да влијаат врз нивните одлуки, туку нивната одговорност како историчари избрани во овој случај, да сугерираат какви промени и корекции во интерпретацијата на минатото се потребни.

Меѓу наивен идеализам и реализам

Викендов и бугарски европратеници ја коментираа жешката тема меѓу Скопје и Софија.

„Ќе биде стратегиска грешка од страна на Бугарија доколку не ја поддржи Северна Македонија на 17-ти октомври“, изјави во студиото во Брисел европратеникот Илхан Кучук од Движење за права и слободи, потпретседател на АЛДЕ (Алијанската на либерали и демократи за Европа) и член на групата за пријателство на Македонија и ЕУ при Европскиот парламент

„Ова е прва фаза, се дава зелено светло, потоа има голем број на критериуми и долг процес што го набљудуваат многу институции. Ова не е конечна одлука што Бугарија треба да ја донесе. Прашањето не е дали Северна Македонија утре влегува во ЕУ. За Бугарија е важно да се погледне повеќе стратегиски во регионот. Дали имаме интерес да живееме во соседство со земји што се демократски, ги споделуваат вредностите на ЕУ, го споделуваат владеењето на правото, човековите права и слободи и сè што произлегува од тоа. Дали имаме интерес Бугарија да биде водечка земја во овој процес? Според наше мислење - дефинитивно да. Интерес е на Бугарија да има соседи во НАТО и ЕУ“, смета Кучук.

Goce Delcev

Гоце Делчев - копјата се кршат околу тоа дали бил Бугарин или Македонец

Европратеникот од Бугарската социјалистичка партија (БСП), Иво Христов, оценува дека бугарските односи со Македонија од почеток се обележани со наивен идеализам.

„Направивме грешка со потпишување на Договор што не наметнува никакви посебни обврски за македонската страна и сега се надеваме само на добра волја, што е наивно во меѓународните односи. Бугарија ја испушти шансата да наметне одредени услови на Македонија кога беше кандидат за НАТО. Ние дозволивме таа да стане членка на НАТО без да ги наметнеме своите услови. Сега ретроактивно се обидуваме да поставиме исти услови за интеграција во ЕУ кога пистата е веќе отворена, и кога дури е политички непристојно да ги опструираме соседите на патот кон Европа. На што се надеваме? Дека заедничка комисија ќе ја препознае нашата верзија? Секако дека не“, изјави Христов.

Седум средби, малку резултати

Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања почна со работа во мај 2018 година и до денес одржа седум состаноци. Досега се решени дел прашања за личностите кои фигурираат и во бугарската и во македонската историја - Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, Наум Охридски, Самуил...

„Тоа не и доволно за седум состаноци и една година работа", вели Наум Кајчев, потпретседател на заедничката Комисија за бугарски „Капитал“, кој во анализа под наслов „Преку Гоце Делчев кон ЕУ“, пренесува ставови на повеќе историчари. 

За Гоце Делчев се дискутирало на три од седумте состаноци, но досега без договор. Според Кајчев, голема причина за бавната работа е разликата во пристапот.

„Ние се потпираме на Договорот, пред се, но и на основната методологија на историчарот, поточно работата со изворите и исправноста во следењето на тие извори. Колегите се водат од денешна гледна точка, од денешно разбирање на некои настани во минатото, како се разбираат денес, што е сосема поинакво за нас и непродуктивно“, вели тој

За ТВ „Европа“ Кајчев изјави и дека „дел од раководството во Скопје верува дека ништо не зависи од Бугарија и дека тие можат да напредуваат во ЕУ без разлика што мисли Софија".

Повеќе: 

Од сите проблеми, Бугарија се фати за коските на Гоце!

Софија ќе ги условува преговорите на Скопје со ЕУ

Во кој век живее Балканот?

„Откако ги решија своите односи со некои од поважните европски земји, нивните соседи не се толку важни“, оценува Кајчев.

Во тамошната јавност ова се поврзува со германската поддршка за Северна Македонија во Советот на ЕУ, но и со интервју на премиерот Заев во кое изјави дека „Грција мора да го преземе водството на Балканот“.

Ова се толкува како македонско заборавање на поддршката од Бугарија, но и потенцијален ризик за Софија доколку таа остане премногу врзана за спор за историјата. Се стравува дека на таков начин може брзо да се изгуби смислата на досегашните напори на нејзината влада за промовирање на европската интеграција во Западен Балкан.

Во моментов доминира ставот дека наместо зајакнување на довербата меѓу двете земји, Комисијата станува одраз на минатите тензии во историските спорови. Според бугарскиот историчар Стефан Дечев, кој не е член на заедничката Комисија, македонската страна успеала максимално да привлече млади историчари со „европска подготовка, кои знаат современи теории на нации, национализам, национални идентитети, и кои врз база на достигнувањата на европската и светска наука се обидуваат да ја поткопаат бугарската позиција и очигледно успеваат да го постигнат тоа во одредна  мерка“.

Според Дечев, тоа води и до обиди за надитрување меѓу двете страни во Комисијата.

Членови на Комисијата од македонска страна не сакаат да ги коментираат изјавите во Софија, особено не политичките, и не во овој момент. Се` што имаат да кажат, велат дека ќе го кажат на претстојната средба со колегите историчари.

 

Реклама