Пред протестите за името: Грците заробени во славното минато | Северна Македонија | DW | 03.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пред протестите за името: Грците заробени во славното минато

За в недела се планирани демонстрации на стотици илјади Грци пред параламентот во Атина против компромис во спорот за името Македонија. Дали во Грција се враќа национализмот?

Во февруари 1992. година се случија најголемите демонстрации во грчката повоена историја: во Солун се собраа преку еден милион луѓе на  протест против претстојниот компромис во спорот за името со Република Македонија.  Следеше владина криза во Атина - тогашниот конзервативен премиер Константин Мицотакис го отпушти својот министер за надворешни работи, хардлајнерот Андонис Самарас, но мораше и самиот да поднесе оставка.

Неговиот наследник на функцијата, Андреас Папандреу се покажа како непопустлив и воведе привремено трговско ембарго кон соседот. Атина до денес опстојува на барањето соседната држава да го смени во нејзиниот устав содржаното име - „Република Македонија“. Грците претендираат на името Македонија како дел од нивното сопствено историско наследство и истовремено стравуваат од територијални претензии кон нивната истоимена провинција. 

Во потрага по компромис

Грците во меѓувреме отстапија од тврдоглавиот одбивен став. Од пред извесно време се прифаќа соседот да има име во кое ќе се содржи зборот Македонија. Токму во тоа е надежта на грчкиот премиер Алексис Ципрас. По преговарачка рунда со ОН-медијаторот Метју Нимиц, се дозна дека властите во Атина се согласуваат со компромисно име „Горна Македонија“.

Но, сега се јавија повторно демонстрантите: на крајот на јануари беше одржан протест во Солун, во недела е на ред престолнината Атина. Како организатор на протестот фигурира иницијативата „Македонски сојузи“, која се залага за зачувување на обичаите на грчкиот регион Македонија. „Собирот ќе биде патриотски, за името Македонија не може да се преговара“, предупреди нејзиниот претставник Јоргија Битаку во телевизиско интервју.

Griechenland Proteste in Thessaloniki Namensstreit Mazedonien (Reuters/A. Avramidis)

Заглавени во минатото: од протестот во Солун против компромис за името Македонија

Толеранција на националистите

Политикологот Вефтерис Кусулис смета дека повторното разгорување на демонстрациите е типично за дел од грчкото општество, заглавено и скоскено помеѓу застојот и френетичноста. „Некои луѓе во земјава чувствуваат некој вид чудна ретроградна поврзаност со историјата. Тие остануваат заробени во минатото и не разбираат дека светот продолжува да се движи“, се жали Кусулис во разговор за Дојче веле.

Можното учество на десничарски популисти и националисти на демонстрациите не е единственото што предизвикува главоболки. Пратениците од десничарско екстремната партија Златна Зора учествуваа и на протестот во Солун, но се воздржаа од политички изјави. На прашањето дали Златна Зора ќе биде толерирана и во Атина, организаторката Битаку е децидна - собирот е отворен за сите кои сакаат „да ја бранат“ својата татковина.

Не само нацистичката партија, туку кон настап на бината стремат и различни десничарски популисти и самонаречени патриоти. На пример, Киријакос Велопулос, пратеник од деснопопулистичката партија ЛАОС и од неодамна шеф на проруското движење „Грчко решение“. И тој в недела ќе протестира, со аргументација: „Американците сакаат создавање протекторат северно од Грција само за да ги држат во шах руските интереси“, изјави тој за ТВ Скај. Според него, во спорот со соседната земја се можни единствено две решенија: или да не се прифати никакво компромисно име или Грција да стреми кон заедничка граница со Србија. На новинарско прашање, дали сериозно би сакал војна, Велопулос одговори: „Се разбира не, постои и економска војна“.

Повеќе на темата: 

Грчката опозиција против решение на рати со Македонија

Лингвистичка формула во предлог за името на Македонија?

Кога Грците не беа толку големи вљубеници во Александар Велики

За иритации се погрижи деснопопулистичкиот министер за одбрана Панос Каменос, за кого е неприфатлив компромис во спорот за името, но моментно настаните ги следи со невообичаен молк. Тој в недела нема да биде во земјата и не може да учествува на демонстрациите, но затоа го охрабрил своето семејство да излезе на протест, рече тој. Неговите партиски следбеници ќе протестираат во својство на обични граѓани, дополни тој. Како помал коалиционен партнер во владата на Ципрас, Каменос се наоѓа меѓу чеканот и наковалната: ако биде непопустлив, ќе го загрози тесното парламентарно мнозинство на коалицијата. Ако се заложи за компромис, ќе ја разочара својата сопствена публика.

Griechenland Alexis Tsipras mit Kyrikos Mitsotakis (picture-alliance/NurPhoto/W. Aswestopoulos)

Без поддршка од опозицијата: Алексис Ципрас и Кирјакос Мицотакис

Вентил за народниот гнев

Организаторите имаат намера в недела да не дозволат на говорничкиот подиум да се качи кој било деклариран десничар. Досега најавени говорници се експертот за уставно право Јоргос Касиматис, како и композиторот Микис Теодоракис, левичарскиот идол кој неодамна предупреди од попуштање во спорот за името. „Уште се свежи сеќавањата на Југославија, нашата земја ќе биде следната жртва“, рече Теодоракис, кој во последно време се истакнува со антисемитски изјави. Многумина коментатори се чудат на учеството на 92-годишниот композитор на ваков патриотски собир.

Политикологот Кусулис во секој случај не верува дека в недела ќе се случи чисто националистички собир. „Ова протестно движење има националистички корени, но е поддржано од многу луѓе на различни начини и интерпретирано и како протестно средство против владината политика во целост“, смета аналитичарот.

Прашањето за Македонија како вентил за народниот гнев против левичарскиот премиер Алексис Ципрас? Се чини, постои и такво нешто. „Ќе учествувам в недела, зашто сакам да протестирам против владината политика“, најави конзервативниот радио-водител Арес Портосалте. Опозицискиот лидер Киријакос Мицотакис не си дозволува да оди предалеку со своја изјава, па рече дека секој треба за себе да реши дали ќе демонстрира в недела или не. Дали тој ќе оди на протестот, шефот на конзервативците не кажа.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама