Пред заминување, Трамп го помилува екс-советникот Флин | Свет | DW | 26.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Пред заминување, Трамп го помилува екс-советникот Флин

Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува својот бивш советник за национална безбедност, генерал Мајкл Флин, кој во 2017 година призна дека го лажел ФБИ за неговите руски контакти.

„Голема чест ми е да го објавам целосното помилување на генерал Мајкл Т. Флин", напиша американскиот претседател во заминување на Твитер. Сигурен е дека „Флин со семејството сега ќе прослави фантастичен Ден на благодарноста", дополни Доналд Трамп.

Во декември 2016 година, во периодот помеѓу победата на Трамп на претседателските избори и стапувањето на функцијата, Флин разговарал со тогашниот руски амбасадор во САД околу санкциите против Русија. Поради тоа, во февруари 2017 година, поднесе оставка по само 24 дена како советник за национална безбедност.

Подоцна, во текот на истрагата во врска со можно руско влијание врз претседателските избори, Флин призна дека лажел пред ФБИ, а исто така и пред потпретседателот Мајк Пенс. Флин беше единствениот кој призна вина во истрагата спроведена од специјалниот обвинител Роберт Мулер. Во јануари 2020 година, кратко пред очекуваното изрекување на пресуда во неговиот случај, 61-годишниот генерал го повлече признанието.

Повеќе на темата:

Воопшто не мора да го прочитаме извештајот на Милер

Трамп е ослободен, но не и исчистен

Дилот на Манафорт - црн ден за Трамп

Затворска казна за ек-советникот на Трамп, Пападопулос

Американскиот министерство за правда, предводено од Вилијам Бар, крајно лојален на Доналд Трамп, во мај во целосно невообичаен манир побара анулирање на обвиненијата против Флин и запирање на постапката. Образложението – не постои сигурност дека сослушувањето на Флин во 2017 година било извршено на легитимна истражна база, меѓу другото. Надлежната судијка прво ја продолжи постапката, но во јуни таа беше окончана.

Од аспект на Трамп, Флин постојано бил подложен на нефер третман од страна на правдата и на ФБИ. Тие му го уништија комплетно животот, постојано повторуваше Трамп, за во октомври да изјави: „Го обвинија Флин за лага, а тој не лажеше."

Помилувањето на Флин од страна на Доналд Трамп, чии денови во Белата куќа се бројат, кај демократскиот табор на новоизбраниот претседател Џо Бајден предизвика жестоки реакции. Претседателот на Комисијата за тајни служби во Претставничкиот дом Адам Шиф го обвини Трамп дека со овој чекор врши злоупотреба на своето право за помилување. Претседателот наградува „пријатели и политички приврзеници" и ги штити оние кои лажеле во негова корист, истакна тој. Претседателот на Комисијата за правда на Претставничкиот дом Џеролд Надлер критикува за злоупотреба на власта и подривање на правната држава.

Трамп уште во јули го помилува својот долгогодишен советник Роџер Стоун, осуден на преку три години затвор во руската афера. Не е исклучено претседателот до крајот на својот мандат на 20 јануари да помилува и други свои приврзеници.

Реклама