Предлозите на Нимиц обично носат изненадувања | Теми на денот | DW | 10.01.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Предлозите на Нимиц обично носат изненадувања

Мора да биде јасно оти ниту Скопје, ниту Атина, не треба постојано да го одлагаат решавањето на проблемот со името. Нема причина за брзање, ниту за нервоза, но исто така нема причина тоа постојано да се одлага. Премногу се вредни односите меѓу Скопје и Атина за да се прави такво нешто, вели во интервју што го водеше Нада Штајнман професорот по политички науки со акцент на европска интеграција на универзитетот

Акст: “Имам разбирање за чувствителноста на Атина“

Акст: “Имам разбирање за чувствителноста на Атина“

во Дуизбург, Хајнц Јирген Акст. Професор Акст е и потпретседател на Друштвото за Југоисточна Европа.

Посредникот на ОН, Метју Нимиц, на покана на грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, на средината од јануари ќе го посети главниот град на Грција, а потоа и главниот град на Македонија. Професоре Акст, значи ли тоа нова етапа во спорот околу името?

Акст: “Во моментов е многу тешко да се процени дали навистина би стартувала нова мисија на Нимиц и на ОН. Ако добро ја проценувам ситуацијата, ОН би одговориле на барањето на Грција, затоа што таа се наоѓа во тешка ситуација и меѓународно посредство однадвор и е потребно за да се отстрани преостанатиот отпор во самата земја. Скептичен сум околу тоа колку македонската влада има интерес за почеток на ново посредство и за отворање на темата за разговор, пред земјата да се приклучи кон ЕУ. Сметам дека од агол на Скопје овие работи во моментов немаат приоритет.“

Новата македонска влада на премиерот Груевски за главна цел си го постави приближувањето на Македонија кон ЕУ. Со оглед на тоа, дали токму сега беше вистинскиот момент за иницијативата за преименување на аеродромот во главниот град, Скопје, во Александар Велики?

Акст: “Мислам дека во овој момент не е особено умно да се агрументира со симболи. Национално ориентираната политика на сегашната влада е можеби насочена кон внатрешно-политичкото расположение, но сметам дека долгорочно за Македонија е поважно да не го загуби приклучокот кон ЕУ. Во ЕУ подготвеноста за проширување во моментов и онака не е голема. Не попусто се вели дека унијата е уморна од проширување.“

Грција е веќе членка на ЕУ, а Македонија тоа си го посакува. Во врска со спорот околу името, Грција честопати наидуваше на критика од страна на земјите на ЕУ. Македонија, пак, донекаде поради тоа уживаше симпатии. Дали сега Грција може да ја искористи својата улога во ЕУ за да изврши притисок врз темпото на преговорите меѓу Македонија и унијата?

Акст: “Мислам не. Најдоцна од доаѓањето на власт на владата на Симитис може да се забележи промена во ставовите на Грција. Одговорните политичари во Грција знаат дека има поважни работи од овој спор околу името, и на Грците, или на грчката политика, сигурно и е многу подраго да има стабилен сосед на север, со кој може да се води политика од доверба, отколку во прв план да се туркаат симболи или спорот околу името. Она што на грчката политика и задава малку главоболка е фактот дека на север од земјата, во Солун и во грчката провинција Македонија, прашањето се разбира е сеуште чувствително и би можело да разбуди емоции, но ако точно ги проценувам работите, на Грција во моментов би и било најдраго доколку работите малку стивнат и доколку се поттикнува процесот на европеизација на Македонија.“

На 17 ноември 1991 година Македонија го промени уставот и вети дека нема да има никакви територијални претензии кон нејзините соседи. Од што впрочем стравува Грција?

Акст: “Мислам дека не се работи за тоа дека малата Македонија може да ја вовлече во војна поголемата Грција. Но, се работи за тоа дека треба да се разбуди разбирање за тоа кои делови од историјата кому треба да му се припишат. Ова, ми се чини, треба да се сфати. И, кога ќе слушнам дека еден аеродром на македонска страна треба да се вика Александар Велики, тогаш можам да разберам кога од грчка страна тоа се толкува како провокација. Македонската политика тогаш можеби треба да размисли дали е тоа патот кон повеќе демократија, поголема стабилност и поголема благосостојба во Македонија. Мислам дека прашањето треба да се разгледува без товарот на овие национални или националистички симболи. “

Спорот околу името меѓу двете земји, вие господине Акст, во една прилика го псоредивте со шекспировата приказна за Ромео и Јулија. Притоа се ангажирате за тоа спорот да не заврши трагично. Дали е тој навистина толку драматичен, ако се има предвид дека и економските односи меѓу двете земји функционираат извонредно?

Акст: “ Сосема сте во право. Мислам дека од 1995 година не само економијата, туку и политичките односи тргнаа на подобро, со исклучок на спорот околу името. И поддршката на Грција на процесот на европеизација на Македонија е многу силна. Затоа направивме обид со Ромео и Јулија да кажеме дека во принцип постои согласност околу суштинските прашања и дека согласност нема само околу вакви прашања на симболи, како што е спроот околу името. Знаеме дека симболите, ако се во раце на политиката, можат да постојано го спречуваат развојот на настаните кои во принцип одат во вистинска насока.“

Во принцип, човек има право да го избере своето име, односно тоа да го направат неговите родители. Македонија, ако погледнеме наназад, отсекогаш се викала Македонија и по распаѓањето на Југославија се нарече Република Македонија. Дали една земја, според ваше мислење, има право да се нарекува онака како што сака?

Акст: “Тоа во принцип е точно, но од грчка страна се аргументира дека кога со едно име се најавуваат барања за полагање право врз симболи и историја на друга земја, дека тогаш е потребно меѓународно посредство. Тоа во принцип го призна и македонската страна, инаку немаше да постојат напорите за посредување во рамки на ОН. Одговорните политичари во Скопје прифатија дека мора да има преговори преку кои ќе се дојде до име прифатливо за двете страни. И, не верувам дека актуелната влада таму, сега сериозно сака да наштети на обидите за наоѓање име кое ќе доведе до постигнување согласност со Грција. “

Во последните десет-петнаесет години имаше многу предлози за решавање на спорот околу името. Стануваше збор за „Нова Македонија„ потоа за Република Македонија – цртичка – Скопје„ и така натаму, меѓутоа обете страни не ги прифатија. Што, според Вас, би било прифатливо за обете страни?

Акст: “Се разбира, фантазијата нема граници. Проблемот го гледам во тоа што компромисните имиња од обете страни беа одбивани. На пример, „Република Македонија – цртичка – Скопје„, во принцип би било прифатливо за Грција, што повеќепати беше соопштено, но и за Скопје името содржано во уставот со малата додавка Скопје, исто така во принцип би било прифатливо. Меѓутоа, проблемот е во тоа што овие имиња премногу беа поттуркувани од страна на печатот и затоа беа одбиени. Значи, ако се сака да се најде име, тогаш тоа треба да се направи преку тајна дипломатија, во тесен круг одговорни политичари од обете страни, кои потоа треба да се потпрат врз тоа. Да се обидат да направат пробив против отпорот што, сосема е јасно, ќе се појави во двете земји. Сепак, мислам дека е поважно Македонија да има перспектива за Европската унија. Поважно е Грција да има стабилна соседна земја на север и, ако ова се стави во преден план во обете земји, ако ова прашање со името се де-драматизира, тогаш е можно да се најде компромис. За мене тоа би можел да биде првиот предлог на Нимиц, но за жал, тој предлог е симнат.“

Обете земји во меѓувреме се навикнаа на привремениот договор и на статусот кво. веќе подолго живеат со привремениот договор. Сега, процесот за зачленување на Македонија во Европската унија, им наметнува на двете земји да бараат политичко решение. Дали такво решение може да се најде пред преговорите, за време на преговорите или подоцна откако Македонија би влегла во ЕУ? Што, според ваше мислење, е најдобро?

Акст: “Тоа се три алтернативни модели што можат да се замислат. Мислам дека најмалку реалистично решение е најнапред да завршат преговорите, а потоа доаѓа договор за членство, со кој мора да се согласи и Атина, и тоа не само владата, туку и парламентот. А, ако земјата сака да се зачлени, да речеме, како Република Македонија, тогаш владата на Грција дури и би можела да се согласи, но парламентот во Атина со такво нешто никогаш нема да се согласи. Тоа мора да биде јасно. Според тоа, јас би преферирал, за време на преговорите за членство да се најде решение и во спорот околу името, и за тоа дури гледам сигнали, барем кај партнерите во Атина со кои разговарав – дека тогаш постои готовност во рамките на Обединетите нации, за време на преговорите за членство, што го посакуваат и Европската комисија и Европската унија, да се најде компромис. На обете страни мора да им биде јасно дека пред финалниот договор за членство, ќе мора да се најде решение.“

Што мислите, што Нимиц сега може да донесе во Скопје и во Атина?

Акст: “Кога би знаел на тоа да одговорам, тогаш би биле многу подалеку. Не можам да ви кажам, ниту во јавноста се знае какви предлози ќе понуди. Меѓутоа, можеби Нимиц ќе донесе изненадувања, зашто првиот предлог што го даде, според мене, во принцип би можел да биде прифатлив за обете страни. Вториот, напротив, наиде на голема задршка во Атина. Оттаму, предлозите што ги дава Нимиц носат изненадувања. Но, сега немам никакви информации со какви замисли патува Нимиц во двата главни града и за жал не можам да ви дадам никаква информација.“

Политичарите на Европската унија во почетокот интензивно се занимаваа за да се најде решение, но во тоа не успеаја. Обединетите нации исто така вложуваат напори. Што мислите, реално гледано, кога може да се очекува конечно решение во спорот околу името?

Акст: “Поставувате многу тешки прашања. Ако се тргне од тоа дека преговорите за членство ќе започнат во наредните години и ако, да речеме, траат 5 или можеби 10 години...Никој засега не може да предвиди како ќе одат работите со Уставот, како ќе изгледаат финансиите по 2013-14 година. Значи, најнапред треба да се решат внатрешните проблеми во Европската унија. Пред можно членство на Македонија, Европската унија мора да се соочи со прашањето како натаму со Турција. Според тоа, има многу камења на сопнување на патот на Македонија кон Унијата што треба да се прескокнат и кои не можат да добијат одговор од Македонија. Тоа се објективни проблеми што сега ги има ЕУ. Оттаму, тоа е среднорочна состојба и сметам на 5,7,8-годишен период во кој ќе мора да се разгледа тоа прашање. Мислам, дека мора да биде јасно оти ниту Скопје, ниту Атина, не треба постојано да го одлагаат прашањето. Нема причина за брзање, ниту за нервоза, но исто така нема причина тоа постојано да се одлага. Односите меѓу Скопје и Атина се премногу вредни за да се прави такво нешто.“