Предлог-резолуција против Иран во Советот за безбедност на ОН | Свет | DW | 04.05.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Предлог-резолуција против Иран во Советот за безбедност на ОН

Денеска во седиштето на ОН во Њујорк се предвидени интензивни консултации на дипломатите околу нацрт резолуцијата што ја поднесоа Франција и Велика Британија.

Иранскиот Претседател Махмуд Ахмадинеџад

Иранскиот Претседател Махмуд Ахмадинеџад

Додека Американците очекуваат брзо изнаоѓање компромисна формулација, Русите и Кинезите сигнализираат скепса против секој вид резолуција што ја отвора вратата за санкции против Иран.

„Не верувам дека овој нацрт може да води кон добри резултати во сегашниот облик. Сметам дека тој е построг одошто очекувавме„ – изјави кинескиот амбасадор при ОН, Ванг Гуангја. И неговиот руски колега Виталиј Чуркин го отфрли нацртот на резолуцијата против Иран во сегашната форма, но најави готовност на компромис. Тој исто така јасно стави на знаење дека Русија е против санкции. „Ние сме против санкции, бидејќи тие историски гледано не се покажаа како корисни„ – нагласи Чуркин.

Резолуцијата што ја поднесоа Франција и Велика Британија не предвидува директно санкции во случај Иран да не го прекине обогатувањето ураниум, но сепак има правно-обврзувачки карактер и се повикува на седмото поглавје од Повелбата на Светската организација. Во неа официјален Техеран се повикува неодложно да го прекине обогатувањето ураниум, бидејќи во спротивност може да биде соочен со санкции. Резолуцијата се‘ уште не содржи конкретен рок, но американскиот амбасадор Џон Болтон посочи дека тоа ќе биде многу кус период. Од дипломатски кругови се дознава дека рокот би можел да биде веќе 1. јуни.

Од Техеран во меѓувреме доаѓаат помешани реакции. Додека министерот за нафта постојано нагласува дека неговата земја нема да се заканува со прекин на производството, Претседателот Махмуд Ахмадинеџад ја остава отворена и таа опција:

„Нам ни стојат неопходните средства на располагање за да ги заштитиме нашите национални интереси. Мислам дека оние кои ни се обраќаат со таков остар тон, ним ние многу повеќе им требаме, отколку тие нам.„

Ахмадинеџад директно се закани дека Западот треба да ја плати реалната цена на нафтата, а таа би можела брзо да се искачи преку границата од 100 долари по барел, што е за цели 30% повеќе од денешната цена. Иран е имено четврт извозник нафта во светот, а втор според резервите на земен гас. Еден минувач во Техеран исто манифестира сила:

„Доколку Американците ни се закануваат со војна, тогаш цената на нафтата ќе се искачи на најмалку 100 долари по барел. Ако не поради нешто друго, тогаш поради ова Американците нема да ни се закануваат со војна.„

Реклама