Предизвик за Макрон – Меланшон сака да ја преземе власта | Свет | DW | 18.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Предизвик за Макрон – Меланшон сака да ја преземе власта

По тесната разлика со Алијанса на претседателот, левичарската коалиција на Жан – Лук Меланшон, НУПЕС, првиот круг од парламентарните избори го третира како победа. Ќе ѝ успее ли во вториот круг да направи скок до власта?

Левицата во Франција се сметаше за безнадежна во трката за власт кога левиот националист Жан-Лук Меланшон ја најави во април. Но, на претседателските избори истиот месец за малку не успеа да влезе во вториот круг, по што веднаш ја објави својата следна цел: Французите да му дадат мнозинска поддршка на неговото движење на  парламентарните избори  за да може од позиција на премиер да ја коригира политиката на претседателот Макрон. За таа цел, 70-годишниот политичар за рекордно време создаде изборна коалиција под името Nouvelle Union Populaire Écologique et Sociale - NUPES (Нова еколошка и социјално народна алијанса).

Во првиот круг од изборите, минатата недела НУПЕС низ целата земја освои приближен број гласови како и Алијансата зад која стои партијата на претседателот Макрон, Ренесанса. Уште на изборната ноќ  Меланшон ја прогласи левичарската алијанса како победник и оцени дека партијата на претседателот е „поразена и уништена“.  Иако ваквата квалификација е прилично претерана, Меланшон сепак постигна голем успех, коментира Томас Манц од париската канцеларија на Фондацијата Фридрих Еберт, блиска до СПД. „Овој изборен сојуз целосно ја преврте политичката динамика во Франција, од претседателските до парламентарните избори“, констатира тој. Но, што произлегува од ова?

Која е НУПЕС?

Движечка и доминантна сила на НУПЕС е партијата на Меланшон, ЛФИ, La France Insoumise (во превод Непокорна Франција). На поранешниот член на Социјалистите му успеа политички подвиг со основањето на НУПЕС. Комунистите, Зелените и Социјалистите, инаку ривали на ЛФИ, по кратки преговори во април се согласија да учествуваат на парламентарните избори на 12 и 19 јуни со заедничка листа и да номинираат само по еден кандидат во секоја изборна единица. ЛФИ на Меланшон обезбеди убедливо најмногу изборни единици со свои кандидати. Набљудувачите долго време сметаа дека таков договор е малку веројатен, не само поради програмските разлики меѓу партнерите, туку и поради тоа што поранешниот член на Социјалистите, Меланшон сè уште е лик кој предизвикува негативни чувства за многу социјалисти. „Особено кај многу градоначалници на Социјалистичката партија, одобрувањето на сојузот се случи од неопходност“, смета шефот на Фондацијата Фридрих Еберт во Франција, Манц.

Поранешниот троцкист Меланшон ја напушти Партијата на социјалистите  во 2008 година, бидејќи според него партијата станала премногу „либерална“ и „социјалдемократска“. Со Партијата на левица тој веднаш основаше своја политичка формација. Тој се откажа од своето претседателствување во 2014 година за да го започне следното политичко движење ЛФИ.

Frankreich | Wahlen 2022 | Parlament | Emmanuel Macron

Левицата го предизвикува претседателот Емануел Макрон

Мора ли Макрон да го постави Меланшон за премиер?

Од 577 места во Националното собрание, само мал број мандати беа доделени во првиот круг. На вториот круг на изборите во недела на 19 јуни ќе се одлучува за судбината на останатите кандидати. Додека кандидатите на Макрон се пласираа во вториот круг во 417 изборни единици, на кандидатите на НУПЕС тоа им успеа во 380. Ова значи дека само Алијансата околу партијата на претседателот и НУПЕС чисто математички сè уште би можеле да постигнат апсолутно мнозинство од 289 места во Националното собрание. Но, од гледна точка на испитувачите на јавното мислење, мнозинство за НУПЕС е во најдобар случај теориска можност.Анкетите предвидуваат дека Левицата на крајот ќе има помалку од 200 пратеници и многу јасно ќе го промаши мнозинството во парламентот. Важна причина за тоа е што благодарение на широкиот левичарски сојуз, НУПЕС во голема мера ги исцрпи своите можности во левиот спектар на гласачи. За да победи на изборите, НУПЕС би морала масовно да мобилизира негласачи. По историски лошата излезност во првиот круг, тоа е многу малку веројатно.

Но, дури и со апсолутно мнозинство од НУПЕС во Националното собрание, претседателот Макрон нема да биде принуден да го назначи Меланшон за шеф на владата. Претседателот е слободен да го избере својот премиер - но, мора да го земе предвид мнозинството во парламентот.

Пензија на 60 години и стрес со ЕУ - колку се радикални во НУПЕС?
Програмата на НУПЕС во најголема мера зависи од лево-радикалната на ЛФИ. Меланшон сака да раскрсти со владејачкиот политички систем во Франција и со години навива за т.н. Шеста република. Во случај на изборна победа на Французите им ветува социјални бенефити без да појасни како ќе се финансираат: наспроти претседателот Макрон кој сака уште подолг работен век за граѓаните, НУПЕС ветува симнување на возраста за одење во пензија од 62 на 60 години. 

Цените за основните прехранбени производи треба да бидат ограничени, а минималната плата да изнесува 1500 евра месечно. 

Особено спорно е што Меланшон сака да игнорира дел од прописите на ЕУ, ако се контра интересите на Франција. Меѓу партнерите во Алијансата уште од почеток имаше голем спор во врска со политиката за ЕУ. Екс-претседателот Франсоа Оланд од сега веќе маргинализираните Социјалисти отворено зборува за „предавство на европската и социјалдемократската историја”. 

Колкаво влијание ќе има НУПЕС?

Жан Лук Меланшон е неоспорно човекот кој ја „влечеше” коалицијата и беше нејзина визит карта во предизборната кампања. Пред сѐ кај младите гласачи, 70-годишникот ужива голема поддршка. Со очекувани повеќе од 150 места, тие ќе бидат јасни лидери на опозицијата во парламентот. Конзервативните Републиканци на поранешниот претседател Никола Саркози со голема разлика ќе завршат на трето место - и пред партијата на Марин Ле Пен. 

Францускиот Устав на НУПЕС и Меланшон не им остава многу простор да влијаат врз владината политика. Политички договори со претседателската алијанса се малку веројатни. Во случај алијансата на Маркон да го промаши апсолутното мнозинство во Парламентот, неговата влада ќе се обиде да повлече на своја страна конзервативни пратеници. 

Во изминатите пет години Меланшон пред сѐ се занимаваше со политика на опструкции и поднесе цела серија предлог-измени само за да ги блокира  реформите на претседателот Макрон.  „И сега прво може да се очекува дека ќе има малку конструктивна соработка", вели Манц. Како очекувано најсилна опозициска партија, ЛФИ со претседателството во Финансиската комисија ќе добие отворена бина за политички напади врз владата.

Меланшон по пет години како пратеник веќе не се кандидираше и сега може да се подготвува за политичко пензионирање. „Меланшон е реален. Тој знае дека сега беше последна прилика да стане претседател или премиер", смета Манц. 

Коалиција за вечноста?

На гласачкото ливче партнерите настапуваат под заедничко име, но по изборите повторно им се делат патиштата. Социјалисти, Комунисти, Зелени и ЛФИ на Меланшон не сакаат заедничка фракција во Парламентот, туку само координација на нивната работа таму.

Можно е скоро по изборите да дојдат повторно до израз разликите меѓу коалициските партнери. Соработката со ЛФИ за Зелените, а уште повеќе за Социјалдемократите, е спорна. Познати партиски членови како екс-претседателот Франсоа Оланд и екс-премиерот Бертран Казенев остро ја критикуваа коалицијата на Меланшон, при што Казенев дури и ја врати партиската книшка. 

Зошто Ле Пен веќе не игра никаква улога?

Иако Марин Ле Пен како водечка фигура на десноекстремистичката Ресемблемен Насионал постигна силен резултат со освоени 42% на претседателските избори, нејзината партија во новиот парламентарен состав нема да има значајна улога.

По само осум пратеници во изминатиот мандат, тие сега освоија доволен број за да имаат фракција (минимум 15 пратеника), но Левицата е далеку пред нив. Партијата на  Ле Пен  пред сѐ настрада како последица на мнозинското изборно право, кое обезбедува предност за поумерените кандидати. Покрај тоа, мобилизацијата на нивните приврзаници по изгубените претседателски избори беше релативно ниска.