Предизборно „будење“ на синдикатите, за политиката или за работниците? | Северна Македонија | DW | 11.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Предизборно „будење“ на синдикатите, за политиката или за работниците?

Барања за повисоки работнички права се оправдани и неопходни, но дали и тајмингот за нивното актуелизирање? Дел од упатените критикуваат дека повеќе се одработува отколку што се притиска.

Нови избори, стара тактика. Македонските синдикати се раздвижија во финишот на предизборната кампања. Под плаштот на повисоки работнички права, ги испратија своите пораки директно до идната власт во државата од која очекуваат да биде поактивна и подоследна во спроведувањето на политиките. Преку писмени пораки, заеднички средби, но и отворена поддршка. Повеќе или помалку од сите, но најконкретно од страна на Синдикатот за образование наука и култура кој препозна основа за конечна реализација на нивнвните заложби во програмата на опозициската ВМРО ДПМНЕ.

Најголемата синдикална организација Сојузот на синдикати, за разлика од некои минати избори, кога спроведуваше слична тактика, сега се одлучи предизборното „кокетирање“ да го реализира во писмена форма. Еден вид на манифест кој содржи повеќе барања.  Пократка работна недела, односно неработни сабота и недела, подолго породилно отстуство, договори на определено време само во исклучителни услови, враќање на старосна пензија по остварен стаж, но и по дејност. Од Сојузот на синдикати на Македонија тврдат дека нема да отстапат од нив, туку тие ќе бидат основа за преговори со социјалните партнери, без разлика кој ќе ја формира идната Влада.

Сервилност пред политиката

Предизборната тактика на синдикатите не е ништо ново на македонската сцена, односно стана редовен предизборен фолклор. Дел од упатените немаат дилеми дека барањата за повисоки работнички права се оправдани и неопходни но критикуваат дека синдикатите се однесуваат премногу сервилно пред политиката. Предупредуваат дека е крајно време да се напушти тактиката на силна предизборна реторика, а млакост во делувањето откако ќе се формира власта:

„Дефинитивно тајмингот на синдикалното делување покажува дека има поврзаност со изборите. Во принцип тоа и не е толку спорно бидејќи изборите се можност за притисок од страна на работниците, но и секоја интересна група  врз партиите кои ќе дојдат на власт да ги испонат барањата. Тоа се случува и со бинзисот не само со синдикатите. Но она што за жал е реална ситуација од работничка гледна точка е што многу често тоа се кажува во насока на политичка поддршка за партија која се дава гратис. Отворено се ветува пред избори, а потоа партиите забораваат. Затоа не смее се да се сведе и остане само на едно соопштение, туку да има константен притисок тоа да се оствари. Ако го нема тогаш се остава впечаток дека се одработува за политичките партии а не дека се прави притисок врз политичките партии во корист на работниците“, предупредува Здравко Савески, активист за социјални и работнички права.

Според Савески, барањата на синдикатите се оправдани и реални. Но тие тешко ќе бидат и реално остварливи доколку синдикализмот не стане поконкретен и поактивен во делувањето:

„Она што се бара е реално и ако сакаме да се стремиме кон ЕУ треба тоа да биде реално, а не само декларативно или про форма. Секој работник треба да знае дека кризата е опасност и шанса за исчекор. А далеку од тоа дека синдикатите не се активни, но тие не се доволно медиумски покриени со оглед дека најголем дел од медиумите се во сопственост на капиталисти. Проблемот е што кај нас имаме инструментализирање на политичките партии преку синдикалните лидери иако само по себе не мора да биде тоа така. Но за да видиме како ќе биде треба да се види како синдикатите ќе се однесуваат по изборите. Оти кај нас премногу лесно се даваат политички ветувања, но го нема механизмот на санкционирање доколку тие не се остварат. Дури и ако не ги исполниле барањата некои одредени организации се подготвени повторно да гласаат за истата партија. Тоа ги учи партиите на доста неодговорно однесување“, предупредува Савески.

Исправање на неправдите од минатото

Дел од упатените предупредуваат дека битката за унапредување на работничките права допрва претстои како еден од клучните сегменти во преговарачкиот пристапен процес кон Европската унија. Во такви услови на „загарантиран успех“ не гледаат посебна причина за политизација во делувањето:

„Ова што го слушаме и гледаме е малку нејасно и повеќе како да е насочено за опозицијата. Оти ако нешто барале требало досега да го бараат, јас тоа така го толкувам. Синдикатот треба во текот на мандатот да бара остварување на правата. А изгледа дека досега се што барал се му било и одобрено. Но оваа Влада носеше одредени закони од социјалата и мимо барањата на синдикатот кои се во интерес на граѓаните. Е сега дали е тоа доволно, или доволно високо, тоа е друго прашање. Сигурно дека требаат поголеми права и треба да се оди кон ускладување на прописите од трудовото законодавство и социјалата на нивото на ЕУ. Мораме ние да ги почитуваме тие правила и прописи и тоа е она што ќе се отпочне во преговорите, има цело поглавје и допрва тука претстои доста работа“, укажува Драге Јовановски, синдикален активист.

Повеќе:

-Кој ќе се олади во врелиот 15 јули

-Негативни на Ковид-19, негативни и во кампањата

-Короната со најголеми шанси за „прв премиер“

Клучната битка според него треба да биде во делот на цената на трудот, но и исправање на неправдите од минатото:

Фактите се немилосрдни, во 2016 година имавме минимална плата од 8.000 денари а сега таа е 14.500 денари и со тенденција да расте. Но она што боде очи е скарувањето на правата што се случи во времето на ВМРО ДПМНЕ, кога се укинаа додатоците за храна и превоз. Преку ноќ тие влегоа во бруто плата, а работниците не добија ништо, напротив загубија многу. Таа работа што беше укината мора да се врати, тука е синдикатот пред испит и тоа ќе биде голема работа, ако се издејствува. Ќе биде голем скок бидејќи станува збор за 5 до 6 илјади денари месечен надоместок. Замислете колкава ќе беше реално минималната плата, ако ова не се направеше. Вака реално, минималната плата во времето на ВМРО ДПМНЕ изнесуваше 2,000 денари а сега во времето на СДСМ околу 8,000 денари“, предупредува Јовановски.

Клучните барања

Зголемувањето на минималната плата е едно од клучните барања на Синдикатите. Од Сојузот на синдикати предлагаат во новиот Закон за работни односи да бидат прогласени сабота и недела за неработни денови, породилното отустсво да биде 12 месеци, а договорите на определено време да се користат само во исклучителни услови и да бидат со траење до една година. Се инсистира и работодавецот во рок од 30 дена по доставен писмен предлог од Колективниот договор да ги започне преговорите.

Синдикатот бара и воведување на бенифициран стаж за градежните работници и за оние работници кои работат во тешки услови кои влијаат штетно на здравјето, како и пензија по дејности односно со закон да се предвидат едни услови за пензионирање на пример за градежен работник, текстилен работник или рудар од оној работник кој работи во администрација.

Дел од предлозите се и старосна пензија по работен стаж, односно 35 години работен стаж за жена и 40 години за маж, без оглед на годините на возраст, како и право на работникот на предвремена пензија која би се остварила под услови возраст од 60 години со минимум работен стаж од 15 години. Според сегашното законодавство, правото на пензија се остварува на 64 годишна возраст за мажи, односно 62 за жени.

 

Реклама