Предвесници на насилен крај на владењето на Орбан? | Свет | DW | 18.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Предвесници на насилен крај на владењето на Орбан?

Законот, кој ги уназадува работничките права и кој погрдно е наречен „робовски“ тера илјадници Унгарци на улица. Реакциите на власта во Будимпешта се многу иритирачки, смета Кено Ферзек.

За унгарскиот премиер Виктор Орбан се вели дека има чувство за избор на темите, како и исклучителен инстинкт за власт. За тоа навистина, може да се најдат многу докази во изминатите неколку години. Најпознатиот е Орбановата инструментализација на бегалската криза. Неговиот однос кон оваа тема му донесе рекордна популарност кај избирачите во Унгарија, а во Европа тој стана фактор кој не смее да се потцени.

Но, со оглед на реакциите на унгарската влада на тековниот бран протести во земјата, неминовни се сомнежи во инстинктот на Орбан. Илјадници луѓе во моментов секојдневно демонстрираат против т.н. робовски закон, кој екстремно ќе ја влоши состојбата на вработените, како и против другите антидемократски закони и практики во земјата.  За волја на вистината унгарскиот премиер сѐ уште не се изјаснил за демонстрациите.

Оцрнување на сите противници

Но, затоа, неговите најблиски соработници и пријатели, како и „неговите“ медиуми, дотолку пожестоко ги оцрнуваат сите оние кои моментално излегуваат на улиците или ги поддржуваат протестите на кој било начин. Во оптек се „провокатори“, „агенти на мрежата Сорос“, „странски криминалци“, „пријатели на мигрантите“, „агресивно малцинство“ или „мразачи на христијанството и на Божик“. Ова се етикети кои би требало да имаат одобрение од Орбан, бидејќи во Унгарија не се случува ништо значајно без негова согласност. А да не зборуваме за тоа дека луѓето од неговото опкружување воопшто не се изјаснуваат, без да бидат целосно сигурни дека тоа се совпаѓа со неговите ставови.

Повеќе:

-Моја Европа: Светлото и сенките на Виктор Орбан

-Походот на Орбан против „Соросовите платеници“

Начинот на кој режимот Орбан ги етикетира критиките досега само придонесе за поттикнување на протестите. Зачудувачки е тоа што унгарската влада се надминува себеси во апсурдноста на своите тврдења. Но, тоа всушност е соосема според логиката на системот на Орбан. И од тоа произлегува она што е во суштина вознемирувачко.

Kommentarbild PROVISORISCH Keno Verseck NUR APP

Кено Ферзек, автор на коментарот

Имено, со внимателно набљудување може да се види дека реториката на Орбан, сѐ помалку се занимава со демократскиот натпревар, кој во фокусот го има општото добро и одговорното и одржливо владеење. Наместо тоа, во преден план сѐ повеќе избива наводната борба за живот и смрт, за војна и мир, за добро и зло, за светлина и сенка. Во исто време, формата полека стана содржина. Унгарскиот премиер постепено ги укина контролните механизми на власта или барем силно го ограничи нивното функционирање. Филозофот Гаспар Миклош Тамаш беше еден од првите кои одамна претскажаа дека Орбан веќе нема доброволно  да се откаже од власта. Во меѓувреме, и многу Унгарци веруваат дека веќе не е толку едноставно Орбан да се смени на избори, туку дека на неговиот режим може да му се стави крај само со сила.

И меѓу демонстрантите се множат радикалните гласови

Знаци за тоа може да се видат овие денови. Минатата недела во унгарскиот парламент имаше хаотични сцени какви што во 2018 година немаше во ниту еден друг парламент во земјите од ЕУ: свирежи, пратеници ја окупираа спикерската говорница, распоредување полициски службеници во пленарната сала и повлекување на опозицијата од работата на парламентот во знак на протест. Меѓу демонстрантите исто така има сѐ погласна радикализација.

Практично нема надеж дека Орбан ќе престане со својот екстремно конфронтативен стил на владеење. Жално за Унгарија и за нејзиниот народ. Земјата која пред три децении беше пионер на демократскиот развој во Источна Европа, се соочува со мрачна иднина.

DW.COM

Реклама