Преговорите се сопнаа на „техничката влада“ | Северна Македонија | DW | 24.06.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Преговорите се сопнаа на „техничката влада“

По речиси двочасовни разговори во коректна атмосфера, без договор заврши првата средба во четири очи меѓу премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Денешната (24.06) средба требаше да биде обид за враќање на политичкиот дијалог и на 33-ца опозициски пратеници во Собранието.

„Нема договор за техничка влада. Не постигнавме договор за нашите барања, а со тоа ниту за натамошни разговори“, изјави за Дојче веле, лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Според Заев, на средбата воопшто не дошол на ред за разговар „пакетот“ мерки што го најави премиерот Груевски за прекинување на институционалниот бојкот од страна на опозицијата. На средбата прво Заев ги презентирал барањата на опозицијата, кои претходно беа најавени како пет суштински теми: да се создадат услови за одвојување на партијата од државата, за регулација на медиумите, прецизно прочистување на Избирачкиот список, спроведување попис и главното барање - формирање техничка влада која ќе спроведе фер избори.

За последното барање премиерот уште пред два дена се изјасни дека е неприфатливо. Денеска го повторил истиот став. По таквиот став на Груевски, лидерот на СДСМ смета дека не е постигнат договор разговорите да продолжат и не е оптимист дека состојбите ќе се помрднат од сегашната точка.

„Воопшто не сум оптимист. Оваа средба беше на барање на премиерот. Ние остануваме отворени за преговори. Но, да потсетам – оставките на нашите пратеници во парламентот се поднесени, а ние ќе продолжиме да ги спроведуваме сите активности како партија која се одлучи за вонпарламентарно дејствување“, изјави Заев.

Според Груевски, разговорите поминале во коректна атмосфера и двајцата лидери биле блиску да договорат и работни групи, се‘ додека не дошло барањето за техничка влада.

„Бевме блиску да договориме работни групи за одредени прашања, ама неколку минути пред крајот на средбата Заев побара јавно да изјавам дека го поддржувам барањето за формирање техничка влада. Нормално, јас такво нешто не прифатив, бидејќи само што формиравме Влада која добро функционира“, рече Груевски. Тој додаде дека таквото барање на Заев на крајот од средбата му личело како некој да го советувал лидерот на СДСМ да постапи на тој начин. Груевски одби да одговори на кого мисли дека е советник на Заев.

Очекуван епилог

Аналитичарите не се многу изненадени од исходот на првата лидерска средба. Сашо Клековски вели дека „не е неочекуван ваквиот епилог“, пред се‘ поради големите разлики во ставовите.

Politischer Dialog in Mazedonien

Добро би било изјавите од двете страни да бидат поконструктивни, оценува Клековски

„Разликите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по прашањето за техничка влада беа толку големи што беше јасно дека нема да бидат надминати или да бележат прогрес уште на првата средба. Исто така, и сосема јасно е дека постои силен меѓународен притисок за обновување на прекинатиот дијалог меѓу власта и опозицијата. И покрај негативниот пристап кон политичкиот дијалог во дел од реториката на клучните чинители, или пак во дел од провладините и проопозициските медиуми, од динамиката на развојот станува јасно дека внатрешните и надворешните чинители кои го поддржуваат политичкиот дијалог се силни. Тоа не значи дека договор ќе се постигне брзо и лесно, но дека постои доволен поттик кај двете страни низ дијалог да бараат решение. Веројатно побрз напредок може да се постигне во подрачјата на медиумите или изборниот законик, а тоа ќе биде потешко околу барањата за техничка влада. Барањата на СДСМ тука се движат од техничка влада за спроведување на избори, не до крај јасно вонредни или редовни парламентарни избори, до голема коалиција. Во претходниот политички дијалог што резултира со мартовскиот договор, неповолно влијаеше реториката на клучните чинители и добро би било изјавите од двете страни да бидат поконструктивни за да се создаде амбиент за договор“, сугерира Клековски.

Две торпеда

Според професорот од Правниот факултет на УКИМ, Љубомир Фрчкоски, кој има искуство од преговарачката работата на Комисијата формирана за расчистување на настаните од 24 декември, хендикеп за овие преговори е тоа што во старт започнаа со два големи и нерешени претпреговарачки проблеми - едниот правен, другиот политички.

Politischer Dialog in Mazedonien

Опозицијата не треба да отстапи од барањето централна точка треба да биде формирањето техничка влада, смета Фрчкоски

„Правниот проблем е во тоа што едниот од преговарачите, Зоран Заев, е под правна закана од другиот преговарач, Никола Груевски, во висина од половина милион евра. Во правото, основно правило е дека договорот може да биде поништен, ако едниот од преговарачите е под закана. Не може денес да се гледаат на преговарачка маса, а утре на суд. Заканата треба да се повлече, пред да почнат какви било преговори, ако истите навистина се сметаат за сериозни. Вториот проблем е политичката кампања што се води против Заев, со цел да го претстави како грчки платеник, а сите барања поставени од него како шеф на опозицијата да бидат прочитани како ’грчки’, вклучувајќи ја и аудио-снимата за случајот ’Македонска банка’. Како е можно да се преговара со лице ’предавник’, како што се обидува власта да го претстави, на кого, на тој начин му се одрекува застапувањето на легитимни политички позиции? Тоа се тие два проблеми, две силни торпеда, што се апсурд ако некој навистина сака серизни преговори“, објаснува Фрчкоски.

Според него, дури и ако преговорите се водат во такви нерасчистени околности, опозицијата мора да настапи со суперкратка листа за преговори.

„Опозицијата не треба да отстапи од барањето централна точка треба да биде формирањето техничка влада, без разлика дали таа ќе биде голема коалиција од политичари или голема коалиција на непартиски членови - експерти, со мандат да подготват фер избори и да почнат да структуираат преговори за спорот со Грција. Ако опозицијата има други барања, тие ќе се решаваат во мандатот на техничката влада, а не да се отвораат сега, бидејќи тоа е ситуација на стапица. Владата има краторочен интерес да покаже добра волја за да не ја изгуби препораката од Брисел, па ќе создаде една рингишпил-ситуација, во која ќе и‘ дава само ветувања на опозицијата и ќе ја вози по разни комисии за ветени законски измени и ќе ја доведе во позиција на измамен губитник. Со тоа опозицијата нема да добие ништо, освен уште една ролна ’тоалет – хартија’, како што вели власта, која и натаму ќе владее непречено. Затоа, нормално е на првата средба најглавно прашање да биде: Да или не за техничка влада? И крај на приказната!“, вели Фрчкоски.

По ваквиот епилог на денешните разговори, не била договорена следна средба. Според аналитичарите, сосема е извесно дека разговорите ќе продолжат. Се очекува таму каде што застанаа Груевски и Заев, „палката“ да ја преземе европскиот посредник. Од Европската Комисија денеска официјално и потврдија дека посредник на ЕУ во преговорите меѓу власта и опозицијата во Македонија, е белгискиот експерт Питер Ванхуте, ангажиран од страна на делегацијата на ЕУ во Скопје. Тој на домашната јавност и‘ е познат по медијаторскиот ангажман во Комисијата за расчистување на настаните од „црниот понеделник“.