Прво Катица, па избори | Северна Македонија | DW | 30.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Прво Катица, па избори

Сакаме Катица да пропее и да ни каже што ѝ лежи на душа. Како и претходно, кога ги положивме сите надежи во неа, сега во истата таа „неа“ можеби лежи судбината на целиот правосуден систем. Колумна на Гордан Георгиев.

Јоханес Хан, човек кој вешто калкулира со сопствениот оптимизам, изјави дека случајот „Рекет“ е сигнал дека постои правна држава. На иста линија со наративот на Владата, Хан глаголи дека „Истрагата треба да се спроведе независно и сеопфатно. Фактот дека веднаш се реагираше и започнаа истражни дејства е сигнал дека правдата функционира“. Изгледа различно тече времето во европските демократии и во малата Македонија. Прво со месеци слушавме предупредувања од новинарот Геровски дека речиси со години функционирал некаков рекет. Со месеци отприлика ги знаевме приказните коишто кружеа низ градот и се правевме наудрени шушкајќи бесшумно. Потоа, откако „веднаш“ се реагираше, поминаа цели две (долги) недели од почетокот на скандалот „Рекет“, а јавноста сѐ уште ништо не знае. Проценките, заканите, навестувањата и ветувањата беа дека многу брзо ќе се расчисти аферата и дека клопчето брзо и рикошетски ќе почне да се одмотува. Но, се отвори многу малку, би рекол повеќе се затвори отколку што се отвори. Сите почнаа да прават „контрола на штетата“, надевајќи се (со право!) дека во претстојната августовска жега нашиот порив за правда ќе се претвори во мрзеливо помирување со уште една судбина. 

Катица да пропее

Затоа, можеби е време малку да застанеме во одбрана на Катица, жената која нема мирен сон, а сигурно имала големи и величествени планови за летото. Големи колку една јахта на пример. Со целокупната иронија која се подразбира, Катица мораме да ја одбраниме, за да не застане сѐ на неа. Се стега обрачот околу неа, никој не знае до каде ќе стигне работата. Но ние мораме да ја охрабриме жената. Таа не смее да потклекне. Не смее да (о)стане единствената жртва од овој скандал. Сакаме Катица да пропее и да ни каже што ѝ лежи на душа. Како и претходно, кога ги положивме сите надежи во неа, сега во истата таа „неа“ можеби лежи судбината на целиот правосуден систем. Како што оваа провинциска дива стана ѕвезда на сјајниот град, а ние сите ѝ ракоплескавме иако знаевме дека е плод на некаков гнил договор, така и сега, на иститот тој провинциски начин очекуваме да им се одмазди на довчерашните побратими и посестрими и да раскаже сѐ. Тоа би личело на неа.

Во меѓувреме, би рекол и добро темпирано за да ја подзаборавиме Катица и останатите скриени Катици, почна предизборната кампања. Почна нов долг, мачен и бесмислен процес на покажување мускули, ветување брда и долини, и затскривање на нечистите политики и совест под превезот на изборите и големите планови за иднината. Наредниве месеци, можеби и година, ќе ја слушаме опозицијата како вреска и божем уценува со цврст договор за предвремени избори, а власта демек се брани и не дава под изговор дека крупните теми мора да се завршат. Се работи за премолчен (или можеби и непремолчен) договор помеѓу власта и опозицијата дека избори ќе има најрано во април/мај идната година. И двете страни имаат добри причини за ваков развој на настаните.

„Милом или силом“

Власта, како и секоја власт, се надева и распнува едра во очекување на поволни ветришта. Влез во НАТО и гордо подигнато македонско знаме во Брисел, рамо до рамо со големите, моќните и богатите. Добра фото-прилика за сите, особено за оние кои деновиве бегаат од изјави и фотосесии како ѓавол од темјан, и го оставаат премиерот да се пече на тивок оган. Почеток на преговори со ЕУ, еднакво добра фото-прилика која секако ќе ја подобри сликата за перформансите на владата и чувство на делумно олеснување или помирување со тешките компромиси кои мораше да ги направи премиерот (референдумот, уставните измени, мајтапот со правната држава). Нови инвестиции од дури 5 милијарди евра (Груевски пред локалните избори во 2013 година вети 8 милијарди евра!) и покачување плати и пензии во услови на недоволен економски раст. Сепак, овој таргетиран економски бум кон конкретни целни групи на гласачи може да помогне во зацврстување на базата на партиите и евентуално привлекување нови гласачи за парите кои ќе им бидат дадени. Легитимни се сите овие ветувања во функција на изборите, но цехот повторно ќе удри по џебот на граѓаните, вклучително и по џебот на оние кои ги добиле. Си мислам, што ли сега си мисли Драган Тевдовски, „најлошиот“ од сите можни министри за финансии, според критериумите на метлата на премиерот?!

Други колумни од авторот:

Заветот на политиколошката гилда

На што да се фатиме сега?

Опозицијата не е подготвена за избори пред април 2020 година. Хумористични се нивните врескања за избори сега и веднаш, и уцени и условувања за другите теми (Закон за обвинителство и.т.н.). Научивме дека тоа е само политички декор, и малку ни е навреда на интелигенцијата кога ова се повторува постојано. Опозицијата нема да добие предвремени избори пред април, а секако ќе влезе во процес на донесување на законот за обвинителство, милом или силом. Истото важи и за условувањата околу пописот, кој сега нели инсистираат да се спроведува по највисоките стандарди на Еуростат, а претходниот обид не ги задоволуваше ни најниските племенски стандарди на субсахарските држави и територии. Но во оваа држава на лагата не ѝ се куси нозете, туку нам ни е кратка паметта.

Игри без граници 

Изборите и пописот се добра прилика за нови и нови политички игри. Јасно е дека никој не сака да спроведе попис, бидејќи секој ќе си ги изгори прстите. Пописот е предвиден за април 2020 година, а единствена добра причина за одложување на пописот се „нужни, ургентни, неопходни“ предвремени избори. Идеално! Да се префрлат жешките костени на идната влада, која и да биде таа. Ми се чини дека тука некаде лежи зајакот околу овие игри без граници со датумот за изборите. Но да почекаме.

Во меѓувреме, стивна фамата којашто-не-беше-ни-фама околу промената на изборниот модел и евентуалната демократизација на политичкиот простор и овозможување на поголема пропулзивност на подобри кандидати за пратеници. За тоа веќе нема време и редно е да си признаеме дека повторно сме прелажани. Ако пред три години, опозицијата ветуваше нов изборен модел, сегашната власт (и тогашна опозиција) прави неверојатни напори да заборавиме на тоа ветување. Сите поголеми партии, без исклучок, не сакаат нов изборен модел. И подготвени се сѐ да направат тоа да не се случи. Цената за таквата неподготвеност и калкулација може да дојде во неочекувана фактура: илјадници гласачи да останат дома и драматично да го спуштат легитимитетот на идната власт и опозиција. И тоа не е ништо, ако веќе не можеме да се надеваме на нешто.

Честит Илинден

За крај, честит Илинден. 1903 и 1944 се нашите најважни меѓници. Сепак, тешко ќе оди каков било обид за „прекројување“ на таа наша веќе со генерации втемелена свест за самобитност и различност од Другите. Полицијата вредно да си ја заврши работата околу најавените тензии и бескомпромисно и превентивно да ги санкционира сите оние кои шират омраза, страв или закани. Премиерот, претседателот на државата и претседателот на Собранието се функционери кои ја претставуваат државата, и точка. Секој обид за провокација е срам за државата и за сите нас.

DW.COM

Реклама