1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Првата буква што ќе ја учат првачињата е Ш - штрајк

Катерина Блажевска
2 септември 2019

СОНК најави предупредувачи штрајк, а Министерството за образование ги повика учениците да дојдат во училиштата. Родителите збунети.

https://p.dw.com/p/3Orle
Symbolbild Leeres Klassenzimmer
Фотографија: Colourbox

Има штрајк - нема штрајк. Во ваква хаотична атмосфера денеска започнува новата учебна 2019/2020 година, откако Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) повика на предупредувачки штрајк, со барање платата за наставниот кадар да биде зголемена до 25%, колку што е покачена минималната плата во државата. Велат дека преговорите со Министерството не вродиле со плод, со што се става во сила одлуката на Советот за еднодневен предупредувачки штрајк. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, ги повика наставниците денеска да не одржуваат настава.  

„Нашиот синдикат ќе штрајкува. Нашите членови и сите други кои не се наши членови, а сакаат да се приклучат кон штрајкот, ќе бидат во штрајк. Тоа значи дека ќе одат на работа, ќе бидат во просторија одредена за штрајк, но нема да ги извршуваат воспитно-образовните обврски и нема да ги прифаќаат учениците дојдени на училиште“, изјави Неделков и побара поддршка и од родителите. Како што најави, штрајкот би траел само денес, а од вторник ќе има редовна настава.

Кој ќе ги дочека првачињата?

За многу родители овој повик е нејасен, со оглед дека првиот училишен ден практично и нема никаква настава.

„Првиот ден никој не одржува настава. Се одржува само еден час, но тој е повеќе од информативен катактер. На учениците им даваат распоред на часови и ги пуштаат дома“, објаснува родител на третоодделенец.

Неделков пак е уверен дека кон предупредувачкиот штрајк ќе се приклучи целото синдикално членство, во кое, според него, има 20.000 наставници. А исто толку првачиња (околу 20.000) и нивните родители со возбуда го очекуваа денешниот ден.

„Се подготвувавме за овој ден, за првата средба со учителката. Детето има измешани чувства на радост, возбуда и по малку страв. Ние ќе го однесеме во училиште, па ако нѐ вратат, што да правиме, тоа ќе биде нивна одлука“, вели Г.М. мајка на првооделенец.

Symbolbild Schülerin & Hausaufgaben
Збунувачки старт во учебната година за ученицитеФотографија: Imago/PhotoAlto

Од друга страна, во повеќе училишта во изминативе денови се подготвувале приредби за дочек на новата генерација првачиња.

„Дел од оние ученици кои годинава ќе бидат шесто одделение, подготвуваа програма за дочек на првачињата, Во изминатие десет дена секој ден имавме проби. Денеска ќе бидеме во училиште, подготвени да ја реализираме приредбата и да ја пречекаме новата генерација“, децидна е наставничка по македонски јазик во скопско основно училиште.   

Адеми: МОН е на страната на наставниците

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, вчера упати апел до наставниците и директорите на основните и средни училишта, денеска да ја започнат новата учебна година. Тој рече дека нема потреба од разочарување кај учениците кои прв пат ќе седнат во училишните клупи. Истакна декаМинистерството за образование и наука (МОН) е на страната на образовната дејност и наставниците, и дека во септември нивната плата е за 10,8% повисока во споредба со август 2018 година.

Колкави се платите на наставниците ширум Европа?

„Нема причина за организирање штрајк. Го почитуваме правото на штрајк, но наше е да апелираме дека нема потреба. Штрајк се организира во услови кога нема решение. Ние нудиме и имаме решение “, рече Адеми, додавајќи дека откако ќе се разгледаат сите параметри во буџетот ќе се знае и за можностите за идно покажување на платите. Тој апелираше до сите вработени во дејноста образование - да си ја завршат работата, а учениците да ја започнат школската година.

По повод почетокот на учебната година, Адеми денеска ќе посети две основни училишта: ОУ „Лазо Ангеловски" во општината Аеродром и ОУ „Бајрам Шабани" во општината Сарај.

Според СОНК, преговорите со МОН ќе траат во текот на месец септември. Ако ситуацијата остане непроменета, можен е генерален штрајк на почетокот на октомври.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Христијан Мицкоски Димитар Ковачевски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница