Прајд парадата во Стокхолм, еден од најзначајните настани за градот | Панорама | DW | 24.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Прајд парадата во Стокхолм, еден од најзначајните настани за градот

Маршот за правата на ЛГБТИ заедницата во Стокхолм секоја година привлекува по најмалку 400.000 посетители. Главниот град на Шведска со недели пулсира во боите на виножитото и испраќа пораки за прифаќање на различностите.

Знамето на виножитото е буквално насекаде во овој град. Како некој што доаѓа од Балканот каде се уште е реткост да се видат симболите на ЛГБТИ заедницата во јавниот простор, уште при самото пристигнување, јасно е дека Стокхолм се гордее со својата отвореност и прифаќање на различностите, што дополнително го потврдува и мотото на градот – „тесни улици за отворени умови“.

Неколку дена пред да почне настанот кој привлекува голем број на поддржувачи, туристи и љубопитни посетители, низ улиците на повеќе локации се достапни места со концертни бини и штандови каде може да се ужива во целодневната музичка програма. Прајд парадата освен како марш за правата на ЛГБТИ луѓето, се доживува и како заедничка забава и славење на отвореноста, но и како можност за привлекување голем број на туристи во главниот град. Во организација на Шведскиот институт, со група новинари од уште десет други земји кои следат теми од областа на човековите права и ЛГТБИ прашањата, имавме можност да ја посетиме Прајд парадата во овој град, но и пошироко - да поразговараме со повеќе фактори во шведското општество за нивните ставови, пристап и стандарди во однос на оваа тематика.

Политичарите наместо да бираат популизам, треба да ги туркаат важните прашања

Професорката Барбро Вестерхолм, која е и членка на шведскиот парламент од „Либералите“ е жива легенда. Таа е круцијална фигура за ЛГБТИ правата во оваа земја, откако значајно контрибуирала да се избрише хомосексуалноста од класификацијата дека е болест во 1979 година. Таа раскажа како на некој начин го заобиколила парламентот, каде биле во заблуда дека до нив е одлуката да ја променат оваа класификација, но и доста парламентарци биле против. Како генерален директор на Шведскиот национален борд за здравје, одлуката ја донела таа по што хомосексуалноста е тргната од листата на ментални болести. Од тогаш до сега, работите се многу различни во нејзината земја.

„Фантастично е да се види промената од тоа време и сега во Шведска, но се уште имаме пат за одење, како на пример да се реши прашањето за сурогатството, за азилот и за омразата. Бидејќи е едно да имате легислатива, но сосема нешто друго е да се изменат гледиштата на луѓето“, вели Вестерхолм.

На ниту едно место работите не се розови во поглед на човековите права, но постојат значајни разлики во пристапот на државите кон маргинализираните заедници. Таа голем дел од вината лоцираше кај политичарите и нивната честа желба да се посветат повеќе на популизмот и резултатите на изборите, отколку на решавањето на горливите и понекогаш можеби не толку популарни прашања пред електоратот.

„Мислам дека е должност на политичарите да ги туркаат контроверзните прашања понатаму во парламентот и во општеството, инаку не би требало да бидат политичари. Но знам дека многумина ги приоретизираат тоа да бидат реизбрани, па така избегнуваат прашања како на пример почетокот и крајот на животот и сексуалните врски или хомосексуалните прашања“, додава таа.

Горди родители, со поддршка за други родители

Во Прајд паркот се сретнавме и со членови на организацијата „Горди родители на ЛГБТИ луѓето“. Тие се отворени за контакт со сите кои сакаат да добијат поддршка за процесот на coming out, како и повеќе информации и едукација за ЛГБТИ животот.

„Родителите исто така имаат coming out процес, исто како што имаат нивните ЛГБТИ роднини. Исто така партипицираме и во Прајдот, за да им покажеме на сите дека постоиме и мислиме дека и тоа е многу важно. Се обидуваме да допреме до родителите кои можеби се уште не се горди и имаме надеж дека ќе помогнеме на сите заинтересирани со LGBT роднини. Јас имам син кој има 22 години и тој направи coming out кога имаше 15 години. Јас ја контактирав организацијата и заедно со мојот сопруг добивме поддршка за како да се поставиме во однос на ситуацијата. Мислев дека би било супер да ја продолжиме работата која мислам дека е важна“, ни раскажа една од мајките која е дел од оваа организација.

Според неа, родителите се соочуваат со многу различни емоции, со страв, стравови дека нивните деца ќе бидат малтретирани или предмет на булинг. Нивната организација нуди поддршка во овој процес и тие исто така учествуваат и во Парадата во Стокхолм.

Парадата е еден од најзначајните настани за градот

Со Џони Фоулбландер кој е потпретседател на Стокхолм прајд разговаравме за организациските аспекти на парадата, но и за коментарите од типот „што ќе им е парада, кога ги имаат сите права“ и „зошто парадираат со сексуалноста“, кои се чести во конзервативните земји и средини.

„Прашањата зошто има потреба од прајд, се токму и причината зошто се уште има потреба од прајд парадата. Не треба да бидете принудени да се криете како ЛГБТ личност, тоа за мене е главната причина на ЛГБТ маршовите, за видливоста на сите аспекти на ЛГБТ заедницата. За борбата да се добијат сите права во општеството, бидејќи ЛГБТ луѓето ги има насекаде, во секое општество. Марширањето е еден дел од тоа, другата страна е едукацијата, како и разговарањето со луѓето, луѓе кои можеби не знаат ЛГБТИ луѓе, кои треба да разговараат со нив и да ги запознаат, доколку не познаваш никој и си имаш само слика во главата за тоа што е некој, е многу различно од тоа да разговараш со некој на лично ниво“, вели Фоулбландер.

Активистите на Прајдот во Стокхолм работат на целосно волонтерска основа. Некои од нив се активни низ целата година, некои пак се вклучуваат подоцна. Освен самата парада и маршот кои може да ги посетат сите, тие работат и на Прајд парк, кој е заграден простор во кој се плаќа влезница во склоп на деновите на парадата, со различни активности, штандови на сите организации кои работат со ЛГБТИ правата, концертен дел и дел за храна и пијалоци.

„Имаме исто така (како дел од Прајд Хаус) и едукативен дел со семинари, дебати, како и други настани кои се одржуваат низ целата година. Го имаме и прајд паркот, како „безбеден простор“ како и парадата. Така што е микс од забава, политика, марширање и многу други активности“, додава Фоулбландер.

На денот на парадата, улиците се преполни со посетители, туристи, поддржувачи и учесници во самата парада. Медиумите излегоа со бројки од дури 500 илјади луѓе на улиците дојдени да ја проследат парадата. Самата парада трае со часови и поради тоа што се одржува во Август кога дури и во Шведска под сонцето е претопло, најдобро е да се најде добра сенка за да се проследи целиот марш. Маршот обединува најразлични организации и институции, па така на него можеа да се видат и цели оддели од полицијата, сите ЛГБТИ организации кои работат на подобрување на човековите права, ЛГБТИ родители, членови на црквата и други поддржувачи. Локалците знаат да се пофалат дека е добар и за локалните бизниси, ресторани, кафе барови и целокупната угостителска индустрија која како посебен „таргет“ за привлекување ја има ЛГБТИ популацијата. Главната порака на овој град кон другите е дека ги прифаќа и поддржува различностите и сите со отворени умови се добредојдени.

 

Реклама