Прашањето на валутата во независна Шкотска | Економија | DW | 12.09.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Прашањето на валутата во независна Шкотска

На 18 септември гласачите во Шкотска ќе одлучат дали земјата ќе стане независна или ќе остане во Обединетото Кралство. Она што не можат да го одлучат е за што ќе користи валутата на независна Шкотска.

Несигурноста за инвеститорите е она што за вампирите е бел ден. Инвестирањето во евентуално независна Шкотска, која се' уште не знае која валута и во која форма ќе ја користи, не влева доверба кај инвеститорите. Исто како и жестоката дебата за прашањето на валутата помеѓу „ДА“ кампањата на шкотскиот министер Алекс Салмонд и против-кампањата „Подобро зедно“ на Алистер Дарлинг.

„Поголемиот дел од аргументите се нејасни. Нема преговарање и инфомациите, врз основа на кои шкотските гласачи ќе решаваат, се очигледно конфузни“, изјави за ДВ Евен Камерон Ват од Институтот за инвестиции „BlackRock“. Тоj е најголемиот менаџер на капитал во светот.

Првично, инвеститорите беа прилично ноншалантни во однос на независноста на Шкотска, не верувајќи дека тоа ќе се случи. Се' до анкетата на „YouGov“ од втори септември, која покажа значителен пораст од 47 отсто на сметка на кампањата „ДА“. Вредноста на фунтата во изминатите седум месеци падна во однос на доларот. Следната „YouGov“ анкета од 7 септември покажа дека поддршката на оние кои се за независност е поголема, со што вредноста на фунтата, како и акциите во Обединетото Кралство, повторно значително опадна во понеделникот.

Schottland Banknoten

Шкотска веќе печати стерлинзи

„Гласањето за независноста на Шкотска јасно ќе се рефлектира во падот на вредноста на валутата, и покрај тоа што Банката на Англија изјави дека ќе се осигура дека гласањето нема да влијае врз финансиската стабилност“, изјави Ват за ДВ.

Експертите во „Морген стенли“ дури сугерираат дека вредноста на фунтата може да опадне за 7 до 10 отсто, ако Шкотска ја добие својата независност. Додека слабата валута може да биде добра за извоз, истовремено може да ги заплаши инвеститорите. Обединетото Кралство имаше втор најголем прилив на странски директни инвестиции, од сите европски земји во 2013 година.

Преговорите може да се одолговлекуваат

Она од што најмногу стравуваат инвеститорите, во случај на прогласување независност на Шкотска, е пролонгирањето на преговорите помеѓу Британија и Шкотска во однос на економските и финансиските прашања – дали Шкотска може и треба да продолжи со користењето на фунтата и како ќе го поделат државниот долг? Доколку се гласа за независност, шкотскиот премиер Салмонд се надева дека преговорите ќе бидат веќе завршени пред изборите во Велика Британија, што треба да се одржат во мај. Но, многумина се сомневаат во тоа. „ Не верувам дека 307-годишна унија може ефективно и целосно да биде поделена за само 18 месеци со избори помеѓу нив“,смета Ват.

„ДА“ кампањата се залага за валутна унија со остатокот од Велика Британија, но тоа беше одбиено од страна на „НЕ“ кампањата и британскиот парламент. „Шкотската влада поаѓа од тоа дека не е толку тешко да се реши прашањето, бидејќи вели дека тоа е во интерес на водењето бизнис во Обединетото Кралство, како целина... Но, мислам дека е премногу оптимиситички таквиот цврст политички став“, вели Ват.

Официјално да се задржи фунтата?

Еден од најголемите проблеми е државниот долг на Обединетото Кралство и како тој ќе биде поделен. „Со оглед на тоа што технички е невозможно да се префрли дел од долгот на Шкотска, Велика Британија на крајот ќе остане одговорна за долгот и ќе очекува од Шкотска да си го исплати својот дел во следните 10 до 20 години“ вели Моник Ебел, научен соработник во британскиот „Институт за економски и социјални истражувања“.

Алекс Салмонд и „ДА“ кампањата во неколку наврати потенцираа дека валутната унија ќе ги намали трошоците за бизнис трансакции. „Да, одредени бенефиции има од валутната унија, но нашето мислење е дека тие бенефиции се помали во однос на ризиците што ги носи“, смета Ебел.

Таа укажува на колапсот на првичната валутна унија помеѓу Чешката Република и Словачка, кога двете земји се одделија во 1990 година, што заврши со одлив на капиталот од Словачка во Чешка и донесе ризик.

Pictureteaser Schottland Yes and No

Против и за - кој ќе победи?

Неофицијално да се задржи фунтата?

И покрај инсистирањето на „НЕ“ кампањата, дека на независна Шкотска нема да и’ биде дозволено да ја користи фунтата, сепак неформално може да ја користи и британскиот парламент нема што да стори во врска со тоа. Но, ќе и’ оневозможи на Шкотска да печати свои пари и да спроведе ликвидност на банките во време на криза. Со оглед на тоа што втората по големина индустрија, по нафтата и гасот, се финансиските усуги, мора внимателно да размисли во тој поглед. Според Ват сепак задржувањето на фунтата е најпаметно привремено решение.

Или, пак, можеби да се приклучи кон евро-зоната?

Салмонд сака Шкотска да биде дел од ЕУ, но не и да го усвои еврото како валута. „Не може да бидеме принудени задлжително да го усвоиме еврото“, изјави Салмонд во Белгија, на крајта од август. „Тука доброволноста е во прашање. Со оглед на фактот дека Англија е нашиот најголем пазар, треба да ја задржиме фунтата“. Но, Брисел предвидува дека во иднина сите земји-членки на ЕУ ќе треба да ја преземат заедничката валута. Земјите-кандидати вообичаено ја фиксираат својата валута за евро, во одреден временски период пред формалното воведување на единствената валута. ЕУ, меѓудругото, бара и стабилен фискален менаџмент од страна на земјите-кандидати, и тие мора да го одржуваат вкупниот државен долг под 60 отсто од БДП.

Лансирање на сопствена валута?

Со оглед на тоа што Шкотска веќе самата печати банкноти, некои сметаат дека лансирањето сопствена валута е најдоброто решение. „Имајќи го предвид високиот владин долг со кој што Шкотска веројатно ќе го започне својот живот – претпоставките се дека долгот ќе изнесува околку 86 отсто во однос на БДП, па валутната унија ќе биде премногу на ризична во однос на останатите алтернативни решенија“, вели Моника Ебел за ДВ.

Шкотска ќе мора да се справи со можните идни недостатоци во својот буџет, ако не може да има своја монетарната политика или можност за девалвација на валутата.

Што и да правите бидете сигурни во тоа што го правите

Од „ДА“ кампањата велат дека тие се подготвени да ги споделат средствата и обврските со Велика Британија, но Алекс Салмонд неодамна прилично отворено се закани дека нема да преземе ништо од државниот долг на Велика Британија. Тој смета дека со прогласувањето на независноста, во Шкотска не треба да се дозволи формалното задржување на фунтата.

И тука повторно се јавува стравот од несигурноста на инвеститорите. „Тоа ќе испрати погрешен сигнал“, смета Ебел, при што Шкотска сигурно би морала да позајмува од меѓународните пазари на капитал, а репутацијата на невраќање на долг сигурно нема да ја направи кредитоспособна во очите на инвеститорите. „Вредноста на валутата е нејзината репутација. Ако сте независна земја, тогаш мора да изградите своја кредитна историја, сопствена репутација и макроекономски менаџмент“.

Реклама