Празнувањата на Бадник и Божик- одраз на идентитетот и народната култура | Македонија | DW | 06.01.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Празнувањата на Бадник и Божик- одраз на идентитетот и народната култура

Значителен дел од богатиот комплекс на црковни и народни обичаи за Бадник и за Божик, потекнува од најдалечното минато на македонскиот народ. Тие го отсликуваат неговиот народен и културен идентитет – велат експертите.

Зимскиот календарски циклус во македонската народна традиција со празниците е најисполнетиот период со обичаи и празници во македонскиот народен календар. За време на Божикно-новогодишниот обреден комплекс низ Македонија се празнува еден од најбогатите празници со обичаи, кај народот до пладне познат како Коледе, а од пладне до следниот ден познат како Бадник, кога се празнува Божик - Раѓањето на Исус Христос Празнувањето на Бадник се карактеризира со палење оган, „коледе“ и бадниково лепче. Коледарскиот оган се пали во сите селски и градски населби вечерта спроти празникот Коледе. Утредента рано наутро пред изгрејсонце се празнува Коледе, кој се карактеризира со обредни поворки, составени од поголеми или помали групи на деца наречени „коледари“. Опремени со коледарски стапчиња и со торбичка преку рамо, во раните утрински часови тие одат од куќа до куќа, тропаат по вратите и пеат песни, или само извикуваат „Коледе, Коледе“, со што го најавуваат доаѓањето на Божик. Потем на домаќините им посакуваат здравје, среќа и бериќет, а тие за возврат ги даруваат со пари, ореви, костени, портокали, јаболка, во поново време бонбони и др.

„Домашните да бидат здрави ’кути лук“

Професорката Лидија Ковачева од Универзитетот „Евробалкан“ од Скопје, како експерт за народни обичаи и традиции, минатата година заедно со Лутеција Боцева го објави „Речникот на македонските народни празници, обичаи и верувања“. Ја прашавме: кои се дел од поинтересните и поспецифични одбележувања на Бадник и Божик во одделни краишта на Македонија? Таа одговара: „При празнувањето на Бадник се меси обредно бадниково лепче во северните, северозападните и источните делови на Македонија наречено „кравајче“, „пупа“ или колач. Лепчето се замесува од пченично брашно без квасец, внатре се сокрива паричка и се пече во „црепна“ под вршник. Намената на обредното лепче ширум Македонија е иста: на оној на кој ќе се падне паричката, ќе го следи среќа во текот на претстојната година, 'ќе биде к'сметлија'. Но, во Штипско и Кочанско се верува дека на оној на кој ќе му се падне паричката ќе го следи несреќа или болест во претстојната година, па поради тоа во овие краишта никој не сака таа ним да им се падне. Во Гевгелиско домаќинката замесува „гумно“ или „урушков кулак“ од истото брашно како бадниковото лепче, наменето за трет ден Божик, само што внатре не вметнува паричка, туку во средината на тестото става една глава лук и заедно ги пече, со цел домаќините да бидат здрави „кути лук“. Вечерта се подготвува ’Бадна вечера’, која е исклучиво посна: посна сарма, гравче, пита со зелје. Трпезата за Бадната вечера, како ’свето место’ се става врз слама, како спомен на јаслите на Витлеемската пештера каде што е роден Исус: на пример. во источните делови на Македонија, под трпезата се става `ржана слама и две `ржани снопчиња во форма на крст, врзани со црвен конец, додека во Скопско на подот се фрла неколку ракатки жито, преку кое се става слама, рогозина или килим, а одозгора се поставува трпезата.“

Ела, Боже, да вечераме

А која е симболиката на овој чин? Д-р Ковачева истакнува: „Без разлика на начинот на поставување на сламата и посипување на разните видови жито, симболиката на овој чин ширум Македонија е иста: „земјата да роди од сè во претстојната година“. Освен храната, во Кривопаланечко на трпезата се става и сито, со симболично значење: ’да бидат сити’, односно, да нема глад во семејството. Пред започнувањето на Бадната вечера, ширум Македонија се практикува обичајот на канење, кога се повикува Господ на вечера со зборовите ’Ела, Боже, да вечераме’... Во Овче Поле се верува дека, ако некој стане за време на вечерата, прв ќе умре. Во село Раотинце, Тетовско, пред да започне вечерата, старите и децата ги одврзувале опинците и ги ’треселе’ под трпезата, истовремено имитирајќи ги пилињата, кокошките, јагнињата и јарињата, со цел тие да се плодат во претстојната година. Според македонските народни верувања, за време на Бадната вечера се забрануваат караниците во домот, 'за да нема караници во семејството во претстојната година'. По Бадната вечера храната од трпезата не се крева и се остава да стои цела вечер, при што според народните верувања, „ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе вечера“. Ширум Македонија по вечерата не се мете, согласно со верувањето дека „ќе се изгуби, ќе се измете среќата“. Пред вечерата домаќинот во домот пали оган од бадниково дрво - бадник. Се внимавало бадникот да не изгори во целост и од него се чувало мало недогорено парче: од него во Скопско и Кривопаланечко се изработувале мали крстови, кои се ставале на кровот или на вратата на куќата, потем на нивата, кај добитокот итн., со верување дека тој ќе ги штити од секакво зло“

„Речникот на македонските народни празници, обичаи и верувања“ укажува на специфичните обичаи при празнувањето и на Божиќ. Вечерта по Бадник, на 7.јануари се празнува Божик, на кој се слави Христовото раѓање. Кај македонскиот народ Божик се празнува со посебни обредни дејства. Карактеристично за овој ден е одењето в црква и омрсувањето на богатата трпеза за време на божиќниот семеен ручек. За време на овие денови се одбегнува секаков вид на работа. Одењето „на гости на прв ден Божик се забележува во Раотинце, Тетовско, и во минатото и денес. По богатиот и свечен ручек селаните се собирале сретсело каде имало собор, при што Божик се прославувал со песни, ора, музика, „тупани“, „гајде и хармоника. Орото го заводувал оној кој ќе плател; првин на оро се фаќале „беќарите(момчињата), па потоа „дејкете(момите) млади и стари. За време на Божик се пеат 'Божикни песни' кои претставуваат продолжение на коледарските песни кои се исполнуваат за време на Бадник. Божикните песни содржат желби за плодна година, како и радост поради повторното раѓање на Сонцето. Божикните песни содржат повеќе елементи на христијанската религија и се повозвишени од коледарските.“

NO FLASH Kerzen Mazedonien Skopje

Паганство и примитивизам, или одгласи од времињата на многубоштвото и култовите кон природата?

Дојче веле побара став и од одделни професори од Богословскиот православен факултет во Скопје во врска со тоа како во Македонската православна црква се гледа на ваквите народни обичаи и верувања. Експертите за православна теологија, кои ги консултиравме, инсистирајќи на анонимност, коментираат кусо дека „ситуацијата излезе од контрола’ и упатуваат на една јавна колумна, која пред неколку години ја имаат објавено владиците Наум и Методиј. Според овие великодостоинственици на МПЦ, „печењето колбаси и пиењето ракија, гозбите и пиењето околу коледарските огнови, сето тоа е во апсолутна спротивност со начинот на кој верниците треба да ги одбележуваат деновите пред Божик, во целосна несогласност со црковното предание и со божикниот пост“. Изнесувајќи го својот став дека „МПЦ е против прослава со пагански обичаи“, двајцата владици имаат напишано: „Бадник го славиме по пагански, а Божик, ако имаме сила да го славиме заради бадниковите теревенки, тоа го правиме по рисјански. Посната бадникова вечера, како претпразненство на големиот празник на Христовото раѓање, кое треба да го сплоти семејството, и полноќната Божествена литургија се заменети со литаниите на маалските огнови и култот на грејаната ракија.“ - особено нагласува Методиј во колумната, посочувајќи на дилемата: „Реставрација на традиции, или реставрација на примитивизам“?

Зоран Малинов, експерт за етнологија и директор на Институтот за фолклор од Скопје, во врска со ова вели: „Колбаси и друга храна од животинско потекло не треба да се наоѓаат на трпезата на Бадниковата вечер, но, коледарските огнови се практикувале во повеќе краишта во Македонија во минатото исто како и денес. Исто како што има и василичарски огнови, како што имало огнови, кои се палеле на ’Прочка’, на денот на ’Велики поклади’, спроти Велигденските пости. Можеме со часови да зборуваме дали тие огнови се пагански, или не, но, во традицијата на македонскиот народ и на други православни народи на Балканот обичај е да се палат коледарски огнови вечерта пред Бадник. Црквата си има свое учење, но тоа не се совпаѓа стопроцентно со народните верувања кај македонскиот народ, кои содржат традиции и култови уште од пред христијанскиот период: кон природата, вегетацијата, лодноста и т.н.“

Професорката Ковачева се надоврзува: „Повеќе го претпочитам првиот дел од насловот на колумната: ’Реставрација на традиции...’, отколку вториот дел „или реставрација на примитивизам“ од епископот Методиј. Не би можела културата и народната традиција која егзистирала на македонските простори пред, за време на античкиот период и по него, да ја наречам примитивна, само затоа што била политеистичка (повеќебожечка). Народ без свое минато, нема иднина. Шапкарев вели дека „денешните обреди и обичаи се истите пагански обреди и обичаи, останати кај нас од нашите предци многубошци, но видоизменети во согласност со денешната религија и преобразени во христијански празници, во кои улогите на тогашните пагански богови, се дадени на сегашните христијански светци.“

Без оглед на меѓусебно различните ставови кон македонските народни обичаи и традиции од страна на религијата и етнолошката и фолклористичката наука, и во оваа година пред многу домови во многу села и градови во Македонија и во оваа штотуку започната 2015 – та година ќе одекнат веселите детски гласови со песната „Леде, леде, Коледе...“, во многу маала пред зградите и куќите ќе се палат коледарски огнови, за да потоа со големи почести се дочека Божиќ. Нашите соговорници велат: „Како показ дека македонските празнувања низ вековите, поврзани и со светителите од христијанската вера, иако дел од нив се видоизменети низ времето, опстојуваат со сето свое богатство и во денешниве дни, продолжувајќи да ја играат својата улога како чувари на идентитетот и народната култура на Македонците. Без оглед што многу нешта од народната традиција се изгубиле низ вековите, особено во еден период на атеизам.“

Реклама