Правосудните реформи пред „минско поле“: Одлуката за Зврлевски прв лакмус | Македонија | DW | 07.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Правосудните реформи пред „минско поле“: Одлуката за Зврлевски прв лакмус

Мислењето на Советот на јавни обвинители за владината предлог-одлука за разрешување на Јавниот обвинител, ќе биде прв лакмус за она со кое ќе се соочи кабинетот на премиерот Заев во намерата за реформи во правосудството

Владата на Република Македонија на вчерашната седница иницираше постапка за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски. Предлог-одлуката за негово разрешување, поради „незаконско и ненавремено извршување на функцијата“, согласно со законските одредби Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители и ќе побара мислење. Премиерот Зоран Заев во синоќешното гостување на МРТВ уште еднаш изрази очекување дека Зврлевски ќе поднесе оставка, со што ќе се забрза постапката за избор на нов Јавен обвинител. Тој не спомна име на кандидат/и за таа функција, но смета дека наследникот на Зврлевски може да биде од редот на правни експерти, ако во широка јавна дебата се покаже дека одредена личност ја ужива довербата на јавноста.

„Целта е да почнат реформите од секој аспект и особено во делот на правосудството. Првото значајно исчекорување во оваа област е експертското решение коешто треба да биде поставено на местото државен јавен обвинител. Оттука ќе покажеме колку како општество сме подготвени да ги отпочнеме реформите со краен ефект независно правосудство, судство и државно обвинителство. Очекувам решенијата да излезат на површина согласно со процедурите, штом ќе заврши постапката за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски“, рече Заев.

Потребата од реформи во правосудството, премиерот ја објасни како клучен услов за продолжување на интегративните процеси на Македонија, односно за конечно да се тргне препораката на ЕК која беше во условена со одржување на фер и кредибилни избори и со почеток на реформи. Во тој контекст Заев најави дека следниот понеделник во Брисел ќе се сретне со еврокомесарот Јоханес Хан, со кого ќе разговара за реформските приоритети на Владата, за спроведувањето на извештајот на Прибе, како и за извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија, а се надева дека на истите теми ќе разговара и со Могерини, Туск и Јункер.

Marko Zvrlevski, Staatsanwalt Mazedonien (DW/P. Stojanovski)

Aко Зврлевски самиот не ја скрати постапката со своја оставка, можно е неговата смена да биде блокирана или пролонгирана од страна на Советот на јавни обвинители

Блокада и деблокада

Според извори во правосудството, ако Зврлевски самиот не ја скрати постапката со своја оставка, можно е неговата смена да биде блокирана или пролонгирана од страна на Советот на јавни обвинители. Ако се имаат предвид роковите што ова тело ги има за да даде мислење - и за разрешувањето на Јавниот обвинител, но и за кандидатите кои се јавиле на огласот за нов државен обвинител (15 дена, плус дополнителни 15), целата постапката може да се оддолжи за повеќе од два месеца, а со оглед на периодот на годишни одмори - и повеќе од тоа. Според нив, доколку стане евидентно дека процесот за смена на обвинителот се блокира, Владата може да иницира законски измени до Собранието со кои ќе се прекине мандатот на членовите на Советот на јавни обвинители, со гласање со просто мнозинство од пратениците. Очекуваат голем отпор на планираните правосудни реформи, од „структури кои и натаму се под контрола на поранешната власт и го одржуваат антиреформското 'минско поле'“, што според нив е евидентно и од постапките на ЈО, и од одлуките на Кривичниот суд во однос на мерките што ги побара СЈО во врска со неколку отворени истраги.

Владејачката СДСМ по oбвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека спроведува „антиреформи“, вчера одговори дека „завршува времето на антиреформската фамилија во раководството на ВМРО-ДПМНЕ која 10 години владееше криминално за лично богатење“.

„Заврши и времето и на Марко Зврлевски кој ги штити нивните криминали и ја попречува правдата наместо да ја спроведува. Македонија ќе биде правна држава со еднакви шанси за успех на сите“, порача СДСМ.

Нема амнестија

Во јавноста подолго се шпекулира дека реформите се кочат со цел да биде издејствувана и договорена амнестија на зелена маса, на „неколку клучни луѓе од претходната власт“. Премиерот Заев синоќа одговори токму на такво прашање - дали имало барање за амнестија од врхушката на претходната власт?

„Во периодот од две и пол годишното траење на политичката криза, да, имаше отворени разговори за амнестија на врхушката на власт. Нормално, нема договор. Убеденоста дека правната држава и законот мора да важат за сите, на крајот ја гарантира и оваа лузна (на челото, последица од насилството на 27 април, н.з) која најверојатно ќе ја носам до крајот на мојот живот. Законот има да важи еднакво за сите, па ако сака нека е и за мојот прв соработник или член на семејството“, рече Заев.

Mazedonien Zoran Zaev PK in Skopje (Reuters/O. Teofilovski)

Премиерот Зоран Заев повтори дека законот ќе важи еднакво за сите

На ова тврдење експресно реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев лажеше дека кој било од ВМРО-ДПМНЕ во разговорите со СДС побарал каква било амнестија. Човек што е два пати аболициран за криминал веројатно со ваквите дезинформации сака да си подготви терен и за трета амнестија за случајот 'Поткуп'. ВМРО-ДПМНЕ и досега во повеќе наврати демантираше дека воопшто се разговарало со Заев на оваа тема“, соопшти партијата.

Но, во меѓувреме, стигнуваат сигнали за нови опструкции на судскиот „терен“.

Судии во Основниот суд Скопје 1, кои пред неколку месеци беа „прераспоредени“ во други одделенија со цел да немаат никаков контакт со предметите на СЈО, добиле пониски оценки од Судскиот совет. Како што тврдат, бодовите и оценките им биле намалени само за да не бидат конкурентни при формирањето на специјалното судско одделение што го најави Заев, а кое ќе постапува само по предметите на СЈО.

DW.COM

Реклама