По цунамито во Индонезија: Кои се жртвите? | Свет | DW | 28.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

По цунамито во Индонезија: Кои се жртвите?

Најмалку 430 лица загинаа во цунамито кое го погоди брегот на индонезиските острови Јава и Суматра. Идентификацијата на жртвите оди многу тешко. Јулијан Кинг известува од Панделганг.

Тежок мирис на тела во распаѓање се шири како облак околу болницата во Панделганг во западниот дел од индонезискиот остров Јава. Без заштитна маска речиси е невозможно да се дише. Се слуша силен крик на очај од една од мртовечниците кој ќе ве потресе до срж. „Веројатно се роднини кои го идентификувале семејство“, вели Лисда Кенсер, главен координатор на „Идентификација на жртвите од несреќата", тело одговорно за идентификација на настраданите.

Како и многумина во изминатите денови и таа речиси и да нема око склопено. „Во моментов се обидуваме што е можно побрзо да се идентификуваат 21 речиси распаднати трупови, за да може нивните роднини да си го најдат мирот и да се соочат со ситуацијата." 24 часа претходно беа донесени уште шест тела и се чини дека нема крај на повидок.

Безживотни тела под урнатини

Околу 100 километри западно сѐ уште илјадници војници и полицајци се борат да ги пронајдат жртвите низ опустошените области погодени од цунами на западниот дел крајбрежјето на Јава. Тие ги расчистуваат недостапните области, вадат безживотни тела од урнатините на опустошениот регион. Колку подолго трае спасувачката акција толку потешко е да се идентификуваат телата, појаснува Лисда Кенсер: „За среќа вчера добивме климатизиран контејнер на располагање." Претходно, околу стотина тела во болницата во Панделганг беа изложени на топлина. Токму затоа многу трупови беа во фаза на тешко распаѓање и со голем напор се утврдува нивниот идентитет. „Болницава не беше подготовена за катастрофа од вакви размери," вели Кенсер.

Повеќе:

-По цунамито - очај, траума...страв

-„Враќајте се!“ – кога паниката ја блокира помошта во регионот погоден од цунами

-Зошто не функционираше системот за рано предупредување од цунами?

Пред четирите мртовечници чекаат десетици роднини кои се надеваат дека нивните роднини нема да бидат меѓу жртвите. „Мојата најдобра пријателка сѐ уште се води како исчезната. Во саботата вечерта имаше настап во еден хотел, и по поплавата не можеме да ја пронајдеме", вели 18-годишната Лени, која чека седната од страна.

До неа седи и Фатима Ашутрај од Џакарта: „Веќе три дена чекам да добијам некаков знак од вујко ми Абдула. Тој со својот син беше на одмор во Карита кога неговиот хотел беше разурнат од поплавата."

Фактот дека патолозите сѐ уште не го пронашле ѝ дава надеж на Ашутрај. „Се надевам дека е сѐ уште жив и дека веројатно успеал да исплива до некој друг близок остров и да се спаси. Неговиот син беше пронајден мртов меѓу урнатините."

Нови предупредувања од цунами

Како и голем дел од останатите роднини, Фатима спие во една џамија во близина. „Џамијата е преполна секоја вечер", велат неколку млади деца. Но, во моментов никој не може да спие мирно. Премногу е голем стравот од нова катастрофа, откако властите издадоа предупредување за можност од ново цунами. „Избегнувајте движење на петстотини метри до 1 километар од крајбрежјето", порача Агенцијата за заштита од катастрофи.

Причина за тоа се сивите облаци кои се издигнуваат над вулканот „Анак Кракатау". Кратерот кој е оддалечен на околу 50 километри од брегот постојано исфрла лава во водата.

Уште едно крило од вулканот се заканува да се лизне во морето. Токму ваквата појава го предизвика цунамито минатата сабота кое однесе во смрт најмалку 430 луѓе.

 

DW.COM

Реклама