По хакерскиот скандал: Германците се загрижени од злоупотреба на нивните податоци | Свет | DW | 11.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

По хакерскиот скандал: Германците се загрижени од злоупотреба на нивните податоци

Објавувањето лични податоци на политичари и јавни личности од страна на млад хакер предизвика вознемирување во Германија. Најновата анкета покажува: многу граѓани се загрижени за својата безбедност на интернет.

Позитивната вест гласи: на најголемиот дел Германци им оди добро, барем економски. Тоа произлегува од најновото истражување на јавното мислење, кое по налог на АРД го изработи институт инфратест димап. Според анкетата, речиси осум од десет испитаници се во многу добра, или добра финансиска ситуација. Само секој шести испитаник својата ситуација ја оценува како помалку добра или лоша. Меѓу нив поголемиот дел се од источна Германија, луѓе со ниско ниво на образование, работници, како и поддржувачи на деснопопулистичката АфД, и пред сѐ на Партијата на левицата.

Стравување за личните податоци

Речиси идентичен став, без разлика на политичките преференци, Германците имаат во однос на безбедноста на своите лични податоци на интернет. Загриженоста е голема, особено откако во декември во јавноста се објавија лични податоци, фотографии и комуникација на над 1000 политичари, јавни личности и новинари. Виновник е 20-годишник од Хесен.Тоа натера многу граѓани да размислуваат. Луѓето стануваат сѐ посвесни за значењето на безбедноста на интернет и можните проблеми. Шест од десет интернет корисници, според анкетата, се загрижени или многу загрижени за безбедноста на своите податоци. За жал, мала група од четири проценти воопшто не размислува на таа тема.

При користење на многу услуги на интернет споделување на лични податоци на интернет е задолжително. Поголемиот дел од интернет корисниците се скептични во однос на ова. 60% порадо не би ја користеле одредената услуга ако предуслов за тоа е да се дадат лични податоци. Од друга страна, 37% сметаат дека е потребно да се дадат лични податоци при користење на услуги. Само три проценти сметаат дека давање на лични податоци на интернет е непроблематично.

Младите се безгрижни

Подготвеноста да се дадат лични податоци за одредени услуги кај помладите корисници на интернет е многу поголема. Меѓу помладите граѓани, до 34-годишна возраст, секој втор прифаќа да стави на располагање лични податоци за да користи услуги, кај 65-годишните пак не е ни секој петти. 40 проценти од корисниците на интернет во Германија тврдат дека редовно ги менуваат лозинките на својот онлајн пристап, а 90 проценти, според сопствени информации, никогаш не отвораат мејлови со прикачен документ доколку е од непознат испраќач. 83 проценти инсталираат редовно апдејт на софтвер на компјутер и на телефон.

Deutschlandtrend Infografik Veränderung EN

Насекаде промени

Граѓаните не се вознемирени само од дигиталните предизвици, туку и од културолошките промени во земјата. Во Германија секој втор граѓанин смета дека „Германија се има повеќе променето отколку што можам да прифатам". Таквата скепса е особено распространета кај приврзаниците на АфД, кај речиси 50 проценти од приврзаниците на ЦДУ, Либералите и Левицата.

Околу половината од испитаниците се загрижени дека „нашата култура во Германија се губи постепено“ и дека влијанието на исламот во Германија станува пресилно. Сепак, за 54 проценти ситуацијата во Германија остава простор да се биде горд на земјата. Две третини сметаат дека државата и администрацијата функционираат добро. Но, 82 проценти мислат дека германската влада за многу работи не може да се наметне наспроти моќната економија.

Deutschlandtrend Infografik wirtschaftliche Lage EN

Нема добри оцени за политиката

Многу граѓани се незадоволни од работата на владата. 65 проценти од испитаниците со право на глас се или малку, или воопшто не се задоволни од големата коалиција на Меркел. Само третина се многу задоволни, или задоволни со работата на коалицијата.

Инфратест димап во јануари ја испитуваше и поддршката за одделни политичари. Меркел овој месец е број еден - со 56 проценти. На второ место е претседателот на ЦДУ и наследник на Меркел, Анегрет Крамп-Каренбауер, која бележи скок на листата.

По неа е министерот за финансии од СПД, Олаф Шолц со 43 проценти, па министерот за економија од ЦДУ, Петер Алтмајер со 42 проценти и министерот за надворешни работи, социјалдемократот Хајко Мас со 40 проценти. Претседателот на СПД и на пратеничката група на партијата, Андреа Налес има втор најлош резултат со 25 проценти.

Deutschlandtrend Infografik Zufriedenheit EN

Нема многу промени во т.н. „неделно прашање"

Слично како и при оцената на работата на владата, и политичкото расположение бележи стагнација во поддршката за владеачките партии. Кога оваа недела би се одржувале избори, ЦДУ и ЦСУ и СПД, исто како и минатиот месец, заедно би имале околу 44 проценти од гласовите, односно не би имале мнозинство.

Унијата со 29 проценти има мал минус во однос на декември. СПД со 15 има еден процент повеќе. Зелените се втори по сила и имаат доверба на 20% од избирачите, додека за АфД, исто како и пред четири недели, би гласале 14 проценти избирачи. Еден процент повеќе добиле и Либералите и Левицата и имаат поддршка на 9 проценти избирачи.

Реклама